Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Еманципација значи смртен грев, болест и перверзија

ЏАБИР ДЕРАЛА

Да беше толку лошо во Средниот Век, тој немаше да трае илјада години. Не разбирам како може овие „модерниве“ да се бунат против сите длабоко промислени пораки и укажувања на МПЦ, на која, во духот на верската толеранција и соживот, се придружи и ИВЗ. Имено, тие се во право кога велат дека Бог ги создал мажот и жената и дека само тие родови постојат. И само заедница меѓу мажот и жената се возможни.

Сè друго е бес, ѓаволска работа и смртен грев.

Народот мора да разбере дека Црквата веќе направи големи отстапки со тоа што подзамижува пред ужасно големиот број разводи, па и на неверствата во бракот, под услов да има искрено и финансиско покајување.

Не може, драги мои чеда, да се оди понатаму и подлабоко во мрачните длабочини на пеколниот грев!

Не може и не смее да се допушти, како што тоа го направија Католичката црква и протестантите, па дозволија разно разни работи. Та не е бадијала називот православна (ортодоксна) црква.

Меѓуверска почит и хармонија

Голема среќа е што и муслиманите, претставени преку ИВЗ, ја разбираат ортодоксната мисла, па и тие имаат слични, односно исти размислувања за големите гревови што се прават во последно време.

Власта, заслепена од лажниот сјај на западните општества, во чекор го следат нивното богохулие и болна заслепеност со родовата еманципација, што е само убавиот назив за смртниот грев, болеста и перверзијата во светот.

Да повториме, местото на мажот и на жената во светот се определени со божествена математичка прецизност. Мажот владее и оплодува, жената слуша и раѓа. Што има толку тешко да се разбере оваа едноставна и исто толку мудра поделба во светот што ја осмислил божествениот ум?

Св. Августин: Слабоста на женската природа

Треба да се запомни едно: Бог не е само во Црквата или кај нивните колеги во Џамијата. Тој е насекаде. Сечија душа е заведена во небесните матични книги, а нивна сенка се овоземните матични книги. Тоа им дава право на МПЦ и ИВЗ да се побунат против валкање на матичните книги со податоци што се плод на дејствувањето на ѓаволот.

Затоа, народот ќе стане против овие грешници во власта, како и во ѓаволските творби како што се невладините организации и некои таму „прогресивни интелектуалци и медиуми“ и, чувај-нè-Господи-Боже, од безбожничкиот Цивил!

Свети Августин, кого предавничките католици и протестанти го изневеруваат од Просветителството наваму, вдахновен од Божјата Мисла, мудро напиша: „Жената е подложна на мажот поради слабоста на нејзината природа“.

Мажите се глави на домаќинството, тие се власт и носители на одлуките. Тоа е природен поредок.

Улогите на мажот и жената се одредени од Бога

Од жените се очекува да раѓаат и воспитуваат деца и да се грижат за домашните работи во куќата. Мајката е подредена на таткото – главата на семејството, како што мажот му е подреден на Бога. Така рекол Бог. Ние мора да се покориме на тоа.

Ќе прашате, што да прават оние што немале среќа да засноваат семејство, според Божјата Промисла. И за тоа има одговор. Манастирите нудат алтернатива за семејниот живот и САМО во овој случај тоа може да се смета за можност да се постигне целосна еднаквост меѓу мажите и жените. Бидејќи, кога жената целосно се предава на молитвата, ги надминува своите недостатоци и му се приближува на Бога, речиси исто толку блиску колку и мажот.

Отстапувањето од овој природен поредок заслужува најсурова казна, како од Бога, така и од земната правда. Казната е смрт.

Земјата е рамна плоча!

И да: Земјата е рамна плоча! Кој не верува во тоа, ќе гори во пеколот, заедно со оние што не веруваат во природниот поредок и улогата на мажот и жената во светот.

Можеби треба да се размисли за изградба на клада веднаш до споменикот на Александар Македонски и таму да се запалат сите неверници и поклоници на ѓаволот. И сите членови на ЦИВИЛ и редакциите под контрола на атеистот Џабир Дерала, против кого мудро се произнесе и овоземниот скопски граѓански суд во спорот со божествениот Христијан Мицкоски.

И Сорос и Бајден да се донесат од клетата Америка и да се запалат на плоштадот Македонија. Во духот на соработката и толеранцијата кон Западот, ќе му дозволиме огнот да го запали Доналд Трамп. И така, ќе живееме во природен поредок, во склад со Бога.

*

Вака отприлика изгледа начинот на размислување на стадото предводено од прекумерно богатите верски лидери. Нема ништо нормално и ништо природно во овој начин на размислување. Тоа е ужасен, подмолен и злосторнички напад на сè што е човечко.

Предолго трае узурпацијата на јавниот простор и јавните комуникации од верските заедници. Цели генерации пораснаа во верска затапеност и омраза кон „другите“. Ете, тоа е пеколот на земјата. Верата треба да ја вратиме таму каде што ѝ е местото. Таа да остане во верските објекти и во приватните животи на луѓето. Одговорни интелектуалки и интелектуалци, одговорни медиуми и институции мораат да им застанат на патот на овие бесмислени и деструктивни скокови наназад во вековите. (ЦивилМедиа)

Зачлени се на нашиот е-билтен