Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ЕУ е длабоко вткаена во нашето општество, дисконтинуитетот може да нѐ чини многу

Оваа, изборна 2024 година, или она што ќе преостане од неа по завршувањето на изборниот процес треба да го разбереме како можност избраните претставници да им испорачаат економски развој, владеење на правото, почитување на човековите права и борба против корупцијата на граѓаните. Така барем граѓаните го опишуваат членството во Европската Унија, во Имиџ опсерваторијата на Институтот ПРЕСПА од декември 2023 година. За огромно мнозинство од нив, или речиси 71% членството во ЕУ е сé уште најдобра опција за државата зашто подобро е да се соочувате со стабилни демократии кои имаат политика на hard power кон нас, одошто да тргнете по пат со неусогласена траекторија.

Андреја СТОЈКОВСКИ

Од независноста до денес, речиси и да нема ден во кој граѓаните живеат без сонот за големото европско обединување и нашето членство во Унија, иако нивниот, како и односот на државава кон ЕУ најчесто потсетува на познатиот крик на претседателот Глигоров од изборите во 1994 година „Не ме оставајте сам!“.

После, без малку, 33 години независност, членството во Европската Унија, е сѐ уште само стратешка цел на државата. Од страната на ЕУ, 21 година подоцна, Солунската агенда е, сé уште, само изјава за геополитичкиот интерес на Унијата да се консолидира преку членството на Западниот Балкан. Оттаму, јасно е дека има многу повеќе замор и заморени од проширувањето во државава, или во регионов одошто во било која од државите членки.

Сепак, Унијата никогаш нé не остави сами. Транс-атлантската оска и сите нејзини членки, ЕУ и државите членки, Обединетото Кралство и Соединетите Американски Држави се длабоко вткаени во сите важни општествени процеси, а Европската Унија е стратешки партнер на Северна Македонија. Ефектот на ваквото партнерство е многукратен.

  • Прво, ЕУ е најголемиот трговски партнер на Северна Македонија. Трговската размена помеѓу Унијата и Северна Македонија се пресметува во неколку милијарди евра. Притоа, само една од државите членки, Германија, има трговска размена од речиси 1,5 милијарди евра или малку повеќе од 10% од вкупната трговска размена на годишно ниво.
  • Второ, институциите на Европската Унија се најголемиот донатор на развојна помош во државава. Од осамостојувањето до денес, ЕУ има донирано речиси 6 милијарди евра. Ако на оваа сума ги додадеме донациите на државите членки, тогаш сумата ќе биде далеку повисока.
  • Трето, имајќи го предвид опфатот на потпишаните договори и нивното влијание во различните секторски политики, тогаш ЕУ и Северна Македонија имаат најобемна билатерална соработка воопшто.
  • Четврто, Европската Унија е дел од стандардниот дискурс во Северна Македонија. Во традиционалните вести, на различните медиумски куќи, како и на социјалните медиуми, Европската Унија е ентитетот за кој убедливо највеќе се зборува. Тоа се три пати повеќе споменувања од најмногу споменуваната држава членка, односно 50 пати повеќе од најмалку споменуваната држава членка.
  • Петто, ако универзитетите од државите членки се сметаат како европски, тогаш Европската Унија е главен партнер за државава во однос на секторите образование, наука и истражување. Нашите универзитети соработуваат со и учествуваат во истражувачки проекти заедно со европските, онаму каде што нашите млади заминуваат за да го заокружат своето образование.

Може да продолжиме со набројување, но, сепак, најзначајниот ефект од стратешкото партнерство е дека граѓаните во Европската Унија го препознаваат придонесот кон демократскиот и економскиот развој на државата.

Нашата држава својата надворешна политика ја градеше врз принципот на држава која е на крстосницата на регионот, иако во последно време локацијата е многу повеќе на линијата на историскиот конфликт помеѓу истокот и западот. Краткиот дисконтинуитет, во периодот 2010-2016, не чинеше губење на пријателите и дистанцирање на партнерите. Само преку стратешкото партнерство со Европската Унија и низ Транс-Атлантската оска Северна Македонија успеа одново да се трансформира во успешна приказна. Трансформацијата секако беше по повисока цена, но успехот е извонреден. Покрај остварувањето на една од своите стратешки цели, Северна Македонија денес е извозник на стабилност во регионот, а покажа и капацитет за управување со меѓународна организација и дипломатски процес на градење на консензус во речиси невозможни услови. Обезбедена е иднината на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), преку консензус за следното претседателство и за продолжување на мандатите на челниците на независните институции. Северна Македонија, денес во меѓународните односи е далеку повидлива од било кој друг период од својата независност.

Сиот успех на нашата надворешна политика настрана. Ако 2023 година ја проценуваме според пристапувањето во Европската Унија, тогаш таа е само половично успешна. Точно е, Владата успешно го заврши билатералниот скрининг, но државата не успеа да ја исполни обврската утврдена со Преговарачката рамка, измена на Уставот на државата. Оттаму, оваа, изборна 2024 година, или она што ќе преостане од неа по завршувањето на изборниот процес треба да го разбереме како можност избраните претставници да им испорачаат економски развој, владеење на правото, почитување на човековите права и борба против корупцијата на граѓаните. Така барем граѓаните го опишуваат членството во Европската Унија, во Имиџ опсерваторијата на Институтот ПРЕСПА од декември 2023 година. За огромно мнозинство од нив, или речиси 71% членството во ЕУ е сé уште најдобра опција за државата зашто подобро е да се соочувате со стабилни демократии кои имаат политика на hard power кон нас, одошто да тргнете по пат со неусогласена траекторија.

Зачлени се на нашиот е-билтен