Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ЕУ сè уште нарачува вакцини против Ковид, до лани во ѓубре беа фрлени 215 милиони дози со поминат рок вредни 4 милијарди евра

И покрај сите контроверзи, на Европската унија не се засити од вакцини против Ковид, пишува Политико.

ЕУ подготвува тендер за речиси 150 милиони дози mRNA вакцини против Ковид, а голема е веројатноста дека новиот договор ќе биде доделен на Модерна. Времето на објавување на тендерот според многумина не е соодветно.

Бидејќи заканата од пандемијата се повлече и луѓето веќе ги пропуштаат термините за вакцинација, членките не можеа доволно брзо да ги искористат своите резерви на вакцини против Ковид.

До лани во ѓубре беа фрлени најмалку 215 милиони дози со поминат рок, што ги чинеше даночните обврзници четири милијарди евра.

Во исто време, Фајзер ги тужи Унгарија и Полска, откако тие престанаа да плаќаат за нивниот дел од нарачката за вакцина, наведувајќи го наводниот недостаток на потреба од дополнителни дози.

Станува збор за нарачка од договор со огромна вредност од околу 1,1 милијарда дози за вакцината Pfizer/BioNTech што ЕУ ја потпиша во 2021 година и оттогаш е под интензивна контрола поради личната улога која во преговорите како што се сомнева, ја одиграла претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен.

За Договорот веќе дополнително се преговараше за да се одложат и распоредат испораките поради малата побарувачка меѓу земјите-членки. Тоа остави само една опција за вакцина на масата, онаа на Фајзер. Останатите вакцини од Модерна, Новавакс и други или се истечени со рок на траење или сите дози се испорачани.

Европската комисија сега е под притисок од европските лидери за јавно здравје да обезбеди повеќе од една вакцина, и за да им понуди на луѓето избор и за да го ублажи ризикот во случај на идни закани за синџирот на снабдување.

Дополнително, вакцинацијата против Ковид се уште ќе биде актуелна некое време. Вирусот е се уште со нас, мутира и предизвикува болести и смрт, а вакцинацијата на старите и ранливите луѓе против Ковид веројатно ќе биде стратегија за јавно здравје во годините што доаѓаат.

Овој последен тендер се однесува на „проценети“ 146 милиони дози за 24 месеци, со пропишана можност за продолжување на 12 месеци двапати.

Освен проценка, нема конечна бројка на дози бидејќи се работи за договор за заедничка набавка. Тоа значи дека без разлика кој ќе победи на тендерот, земјите нема да имаат никаква обврска да ги купуваат дозите за кои се предрегистрирани. Ова им дава поголема моќ на земјите да изберат дали им се потребни или не повеќе дози.

Дури 18 земји од ЕУ аплицирале, меѓу кои и Норвешка и Република Северна Македонија, што укажува на голем интерес за уште една вакцина против Ковид. Натпреварот го води Управата на ЕУ за подготвеност и одговор за итни ситуации во здравството (ХЕРА).

Модерна потврди дека компанијата има намера да аплицира, додавајќи дека договорот „ќе им овозможи на земјите-членки да обезбедат пристап до разновиден опсег на вакцини против Ковид базирани на mRNA во 2024 година и понатаму“.

Фајзер, сепак, не одговори на барањето за коментар. (Политико / МИА)

Зачлени се на нашиот е-билтен