„Книжевната визија на Скопје не е идентична со неговата географска мапа. Токму затоа, Моника Илкова се обидува да ја исцрта (испише) неговата книжевна мапа. И успева во тоа! Оваа книга е патување, трагање по феноменот Скопје како инспирација, како приказна, како лик. Правејќи суптилна споредба на концептот на градот и односот кон него кај автори од различни генерации, Илкова нè упатува кон размисла дека речиси кај сите автори постои доза носталгија за некое нивно Скопје. Ама со својот стил на пишување и истражување и со самата структура на книгата, и кај нас како читатели ја буди носталгијата за нашето Скопје.
Ова е книга која му е потребна и на Скопје, затоа што преку книжевната и културолошка анализа го прикажува во различни периоди на неговиот развој за кои различни генерации имаат носталгија“ – истакнува во својата рецензија за книгата „Книжевна мапа на Скопје“, универзитетската професорка и книжевна критичарка, Весна Мојсова-Чепишевска, под чие менторство, првичната верзија на книгата беше магистрерски труд одбранет на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ.
Исцртувајќи, односно испишувајќи книжевна мапа на Скопје и движејќи се по неа во оваа книга, Илкова успева да го истражи феноменот на урбофилијата, чувствувањето на градот во македонската книжевност. Во книгата се истражува поетиката на градот како еден од клучните аспекти во творештвото на одредени автори и покажува како перцепцијата и односот кон градот се менуваат во книжевните остварувања на автори од различни книжевни генерации чии книжевни ликови талкаат по улиците на Скопје.
Славко Јаневски, Димитар Солев, Влада Урошевиќ, Гане Тодоровски, Данило Коцевски, Томислав Османли, Александар Прокопиев, Јадранка Владова, Јовица Ивановски, Оливера Ќорвезироска, Сања Михајловиќ-Костадиновска, Владимир Јанковски, Жарко Кујунџиски, Петар Андоновски, Иван Шопов… Ова се само дел од авторите што пишувајќи урбана проза и урбана поезија, стануваат картографи на книжевната мапа на Скопје на Моника Илкова.
Книгата е во издание на Центарот за култура и културолошки студии, а уредник е Иван Антоновски. Во овој фељтон претставуваме неколку извадоци од неа. Авторка на илустрациите за книжевните мапи е Моника Илкова.
Оливера Ќорвезироска. Книжевен регистар на имињата на улиците што ги нема
Случајни наслови од дневни весници и портали:
– „Се реконструира улицата ’23 Октомври‘ поранешна ’Владимир Комаров‘ во Аеродром.“
– „Улицата ’Јордан Мијалков‘ (поранешна ’Железничка‘) е реконструирана и официјално пуштена во употреба.“
– „Забранет за сообраќај ќе биде потегот од раскрсницата на булеварот ’Кочо Рацин‘ со улицата ’Кирил и Методиј‘ (поранешна ’Мито Хаџи Василев-Јасмин‘).“
– „Жената потоа се качила во такси и стигнала до центарот на Скопје, на улицата ’Аминта Трети‘ (поранешна ’Ленинова‘).“
Во Скопје, уште по осамостојувањето на Македонија, а особено во изминатите десетина години се случува постојано менување на имињата на улиците и други инфраструктурни објекти. Оттаму, романите за кои веќе зборувавме, а во кои по конкретните улици го препознававме Скопје, за некои идни читатели ќе бидат романи чиј простор ќе биде непрепознатлив. Зошто? Затоа што голем дел од тие (книжевни) улици веќе имаат нови имиња.
Оваа општествена ситуација, се внесува и во книжевниот регистар на имиња на улици. А, збирката раскази „Улиците што ги нема“ на Оливера Ќорвезироска претставува токму тоа.
Приказната на секој град може да се чита низ слоевите наслаги од минатото. Во именувањето и преименувањето на улиците, несомнено може да се декодираат владејачки политики, идеолошки и културни обрасци. Таков беше случајот со преименувањето на таблата на кафаната „Зора“, во „Зора зад аголот“ на Солев. Таков е случајот со триесет и трите раскази на Ќорвезироска, во кои на пр. улицата „Ковачка“ станува „7 Јули“, а потоа „Македонски кралеви“, а улицата „Каирска“ станува „Генерал Михајло Апостолски“ итн.
Збирката раскази „Улиците што ги нема“ (33-годишна наративна мапа на Скопје) на Оливера Ќорвезироска, прави книжевно обликување на улиците кои денес носат нови имиња и без проблем може да служи како адресар, доколку не можеме да се сетиме на новото име на некоја улица. Книгата создава книжевна мапа на Скопје со новите (и старите) имиња на улиците. Низ расказите се сретнуваат имиња на книжарници, ресторани, продавници и секако описи на улици со кои се доловува атмосферата на градот во периодот кога се случуваат преименувањата.
„Во расказите од оваа мудро замислена и мајсторски реализирана книга на Оливера Ќорвезироска луѓето живеат во улиците чиишто некогашни имиња ги одвеал наумничавиот ветар на историјата. Градот во кој тие улици некогаш постоеле е Скопје, бездруго е Скопје, и улиците бездруго некогаш ги носеле имињата што ги спомнува Ќорвезироска…Но овие раскази никако не би смееле да ги разбереме само како сентиментален ламент по некогашните белези на градот.” “[1] – вели Влада Урошевиќ во рецензијата за книгата.
Во расказите улиците се често персонифицирани, а нивното „исчезнување“ и нивната менливост, секогаш, на некаков начин се поврзани со нивните жители.
Имињата на улиците не се само ориентири во просторот, туку за ликовите имаат многу поголемо значење. Менувањето на имињата на улиците го доживуваат трагично и тивко (а некогаш и гласно) се бунтуваат поради тоа.
„Улиците не се одѕиваат на имињата што сосила им ги даваат, туку на оние што отсекогаш ги знаеле.“
Промените на имињата на улиците, секако, влијаат на создавањето/промената на идентитетот на градот Скопје. Расказите на Ќорвезироска, без сомнеж се носталгија по „улиците што ги нема“, а со тоа и по градот што веќе го нема, или барем не е таков каков што го знаеме. Па оттука носталгичноста се претвора и во еден вид протест и бунт, а со тоа на расказите може да се гледа како еден вид ангажирана литература.
[1] Влада Урошевиќ, Промоција на книгата „Улиците што ги нема на Оливера Ќорвезироска“. Окработа (2018), https://okrabota.mk/промоција-на-книгата-улиците-што-ги/ (преземено на 25.12.2019).
(Продолжува)