ФЕЉТОН 2: „Српските национални дејци“ во Македонија меѓу двете Светски војни: ВМРО во центарот на опиумското прашање

Јавноста била убедена дека вмешаноста на ВМРО е повеќекратна: од производство и транспорт на дрога, до финансирање на самата организација. И неколку американски весници пишувале како од Бугарија во САД влегуваат големи количества наркотични дроги во буриња со маслиново масло, женски влечки и ткаенини. На удар во јавноста се нашле српските политичари кои одржувале врски со челниците на ВМРО, меѓу кои имало и неколку познати имиња на тн. национални дејци

Како функционирал бирократскиот апарат во Кралството на Србите, Хрватите и Словенците (СХС), подоцна Кралството Југославија, меѓу двете Светски војни на територијата на Македонија? Колку и како заслугите од борбата против Османлиската империја биле „наплатувани“ преку вносни тендери и бизнис со државата? Која била тајната врска меѓу четниците и комитите?

Рацин.мк пренесува делови од студијата „Југословенската кралска бирократија во Јужна Србија“ на историчарот Владан Јовановиќ.

За разлика од претходно опишаните случаи, влегувањето во сериозен бизнис со монополска стока – тутун и опиум – не изгледала толку бенигно. Од низата четнички војводи, Василије Трбиќ беше најчесто на мета на печатот и политичките противници. Основата на неговиот бизнис била високопрофитабилната трговија со тутун. Иако официјално не бил обвинет за махинации, некои од неговите јавни настапи во парламентот посредно може да се поврзат со приватни работи. Во март 1930 година му изгорела куќата во Прилеп, каде биле складирани 25 тони тутун. Куќата не била осигурана, но тутунот бил.

Војводите Јован Стојковиќ Бабунски и Василије Трбиќ Велешки

Освен тоа, за време на владата на Богољуб Јевтиќ, Трбиќ и неговиот колега од четничката асоцијација Коста Пеќанац издејствувале дозвола група загрепски Евреи да постават машини за коцкање во Вардарска бановина. Потоа со Пеќанац ортачки поделиле 600.000 динари кои ги добиле за посредување кај надлежните служби.

Далеку поатрактивни за нелегалното богатење на функционерите биле производството, откупот и извозот на висококвалитетен македонски опиум, чие годишно производство задоволувало дури 43% од побарувачката на сите легални фабрики во светот за производство на неговите деривати. Случајните исечоци од весници за аферите на трговците од Скопје и Велес, главно радикали, кои во синдикалниот печат и меѓувоената литература се појавуваат како безопасна слика на „корумпираниот Југ“, имале посериозен контекст.

Во март 1933 година, директорот на Стопанската банка за Јужна Србија и пет члена на Управниот одбор биле приведени поради утврден недостаток на депониран опиум од 32 тони, со што Државната хипотекарна банка била оштетена за 7,5 милиони динари. Предмет на истрагата бил само недостиг од 32 тони, а останатите 150 тони исчезнат опиум не биле ни земени предвид.

Во триесеттите години на дваесеттиот век, главен купувач на македонскиот опиум била солунската компанија „Шалома“, која преку прекупците и споменатиот Владо Пуздерлијевиќ водела пропаганда против монополизираниот извоз на овој производ. Бидејќи тие не складирале вишок опиум во Турција, туку со разблажување го претворале во опиум за пушење, во југословенскиот парламент била изнесена идејата македонскиот опиум да се извезува на Далечниот Исток како опиум за пушење. Така вишокот на македонскиот опиум влегувал во нелегални канали, а југословенските граничари сè почесто наоѓале грав филуван со опиум и колачи од афионска смола во охридските јагули и питите шарпланински кашкавал.

Сенаторот и „националниот деец“ Спиро Хаџи-Ристиќ, инаку голем трговец со опиум, бил опседната со неверојатните профити на швајцарската фармацевтска индустија Хофман-Ларош, направени од производството на препарати на база на морфиум. Неколку долги седници на Сенатот биле посветени на проблемот со опиумот, иако македонскиот опиум сè уште се продавал под реалната цена.

Гинеколошки завој, еден од производите на Хофман-Ларош

Во ноември 1938 година, Хаџи-Ристиќ бил убиен среде Скопје од колонист, револтиран од неплатените побарувања од Тутунската задруга, чиј претседател бил овој поранешен национален деец, тогаш етаблиран опиумски и тутунски магнат.

Откако Централното информативно биро за дрога објавило дека Бугарија е центар на шверцот на опиум, југословенската јавност почнала и самата да се занимава со ова прашање. Познато е дека во Бугарија работеле девет нелегални фабрики за дрога, од кои најголемата се наоѓала во Радомир, во близина на Софија. За само два месеци по основањето во 1932 година, таа произвела тон и половина хероин, кој потоа бил прошверцуван во куфери во Хамбург и Марсеј.

Југословенската јавност била убедена дека вмешаноста на ВМРО е повеќекратна: од производство и транспорт на дрога, до финансирање на самата организација. Дури и неколку американски весници пишувале за тоа како од Бугарија во САД влегуваат големи количества наркотични дроги во буриња со маслиново масло, женски влечки и ткаенини. На удар во јавноста се нашле српските политичари кои одржувале врски со челниците на ВМРО, меѓу кои имало и неколку познати имиња на тн. национални дејци.

Изгледало дека самото познанство со членови на ВМРО подразбирало вмешаност во трговијата со дрога. За работите да бидат поинтересни, во август 1935 година Министерството за трговија и индустрија на Кралството Југославија одобрило изградба на фабрика за производство на деривати на опиум во Скопје, на компанијата на браќата Огњановиќ, која дотогаш била вклучена во производство на сирење и кашкавал. Така, браќата од Галичник нашле можност легално да произведуваат медицински опиум, морфин, кокаин и препарати од индиски коноп.

Раководството на скопската секција на Хемиското друштво на Кралството Југославија го кренало гласот против „неекспертите“ кои добиле дозвола за производство на наркотични дроги, но политичките врски на браќата Огњановиќ биле пресудни тие да основаат фабрика за алкалоиди.

Извор: Пешчаник

Треба да знаете
Moже да ве интересира