„Би ја оценил 2023 и претходната како можне успешни во полето на македонската продукција. Да ги ставиме настрана финансиите. Она што е произведено е прилично солидно. Тоа покажа дека добар дел од филмовите се присутни на светските филмски фестивали, наградувани. Тоа е за почит. Една млада генерација на автори и авторки, што е многу битно, потврдија дека се талентирани и дека се блиску до зрелоста за правење филмови“, рече портпаролот на Дедо Мраз, Влатко Галевски, во утринската програма на Слободен Печат.
Тој дополни дека нема да зборува за исклучоци како што се „Медена земја“, режисерот Столевски кој направил три извонредни филмови. Тој го спомена и Манчевски тој твори на свој начин, во кој некои се сомневаат, меѓу кои и самиот Галевски.
„Генерално е добра ситуацијата, перспективите за 2024. Знам дека има неколку проекти кои седат во Агенција за филм во почетоци на снимање, финансиите се проблем, но оптимист сум дека од тоа нешто ќе биде сосема добро“, посочи Галевски.
Тој дополни дека отвореноста кон светот, кон филмска индустрија и уметност надвор од Македонија си го прават своето.
„Добро знаеш дека во Македонија денеска не се прави добар филм ако немаш копродуценти. Заедничко работење на филм овозможува многу повеќе влијание на квалитетни учесници во филмот. Затоа копродукциите се успешни воглавно. Нивото на квалитетот на филмовите го одредуваат повеќе фактори, не само авторот или режисерот, не самобендисаноста и суетата. Филмот е компликувана уметност и занает, треба да се работи со консултации“, вели Галевски.
„Многу работи се добро направени. Има големи ветувања и мислам дека тоа несогласување и недоразбирање на политичкиот естаблишмент не кочи. Постојано сме во некаква транзиција, криза. Јас сум оптимист за 2024 година, само од еден агол – да се подобри човекот, да биде љубезен, да биде добар. Добрите луѓе ќе поминат, љубезните ќе поминат. Тоа е формулата. Во овој зовриен свет тешко дека некој со зло ќе просперира“, рече портпаролот на Дедо Мраз – Галевски.
Тој дополни дека тоа не е апел, туку е она што меѓу другото го кажува и неговиот претпоставен Дедо Мраз, дека треба да има слога и љубов меѓу луѓето, разбирање, добрина, чесност.
„Им посакувам на сите гледачи успешна 2024 година. Што значи успешна година? Стабилност. Генерално во оваа држава недостасува стабилност, недостасува една сигурност во која треба да веруваме, како на економски план што е многу битно за нас како мала држава. Ние не знаеме да се разбереме како што треба, тоа е она лоша перспектива. Целиот овој век да поминеме така, не само 2024.“, посочи Галевски.
Тој заклучи дека нашата земја е дел од глобалниот свет и како се менува тој се менуваме, но за жал светот оди кон добри работи, а ние сме застанати во времето.