На парламентарните избори во Шпанија сите анкети до последниот ден говореа во полза на десничарската Народна партија. Анкетите говореа за голема победа на Владата на социјалистот Педро Санчез во екот на претседавачкиот мандат со ЕУ, сите веруваа дека ќе мора да го напушти кормилото после големиот пораз на локалните избори.
Па сепак, во Шпанија во последен момент се случи голем пресврт кај гласачкото тело. Неочекувано во јули, во екот на туристичката сезона и летните одмори, на гласање излегоа дури 70% од гласачите.
Оваа мобилизација на гласачкото тело је предизвика лидерот на Народната партија, Мануел Фејо, кој во неколку јавни настапи не ја исклучи можноста за коалицирање со екстремно десничарскиот ВОКС. За Фејо не беше проблем лидерот на овие наследници на Франко да биде и вицепремиер во новиот состав на владата. Оваа најава дека е можно во Шпанија во власта да влезе една екстремно десна партија го мобилизираше гласачкото тело кое одлучи да не дозволи нивната земја да го направи овој голем преседан.
Инаку претходно како што екстремната десница брзо процвета во 2018, полтичарите од Народната партија почнаа да го кооптираат екстремно десничарскиот дискурс. Потоа конзервативците почнаа да ја тестираат политичката температура на прифаќање на некогаш табу опцијата за формирање сојузи со ВОКС за да добијат моќ во различни општини и региони.
Во ваква предизборна атмосфера Народната партија на Фејо освои 33% од гласовите додека владеачките социјалисти само два проценти помалку. Екстремната десница изгуби речиси половина од пратениците кои ги имаше во досегашниот состав на парламентот.
Со освоените 33% и 12 % на ВОКС, пропадна надежта на десничарската Народна партија дека е можно да состави нова влада заедно со екстремната десница. На овој начин се отворија вратите за нов мандат на социјалистот Санчез, кој со помалите партии од центарот и левицата има голема шанса да создаде парлементарно мнозинсто.
Проблем му се Каталонците и нивната сецесионистичка партија чиј пратеници се потребни за новото мнозинство. Тешко е да се претпостави дали Санчез ќе успее да договори поддршка од сепаратратистите кои како услов бараат амнестија за нивниот лидер во егзил.
Се уште е неизвесно дали Кралот Фелипе ќе одлучи да му додели мандат на Санчез. Претпоставките говорат повеќе во полза на нов изборен циклус.
Во секој случај Санчез се враќа од мртвите по неуспехот на Народната партија, која својата голема предност ја стопи со отворање на политичката врата за екстремната десница. Оваа шпанска изборна приказна е значајна лекција за многумина десничарски лидери во Европа кои дискретно почнаа да кокетираат со екстремната десница за да дојдат до власт.
Во корист на ова говори и падот на рејтингот на шведскиот политички центар, либералите и демохристијаните, кои се согласија да формираат влада со подршка на екстремно десничарските политички структури. Дури и Ципрас во Грција, велат некои, дека доживеа дебакл поради тоа што не ја поддржи иницијативата на Нова Демократија пред изборите да се забрани делувањето на екстремистичката Златна Зора.
Борјан Јовановски (НоваТВ)