Изминатите месеци системите базирани на вештачка интелигенција доживуваат неверојатен развој, а општеството се уште се обидува и прогнозира каква иднина ќе донесе оваа технологија. Од развојот на „чат-ботови“ до креирање на слики и цели уметнички дела со внесување на само неколку реченици, можностите изгледаат неограничени.
Со самиот развој на вештачката интелигенција и поедноставувањето за креирање на содржини, како текстуални, така и графички, видео и аудио, сепак се поставува и прашањето за олеснувањето на ширењето на дезинформации и креирање на лажни содржини со помош на вештачката интелигенција.
Јавноста е веќе запознаена со неколкуте системи за креирање на фотографии со само неколку реченици текст, а минатиот месец вирални станаа фотографиите на кои Папата Франциск беше прикажан со дебела бела јакна.
Вавката фотографија стана вирална бидејќи на прв поглед беше речиси невозможно да се процени дека станува збор за креација на вештачка интелигенција. Првичните фалинки кои ги имаше вештачката интелигенција при креирањето на реалистични слики на луѓе – како погрешен број на прсти и деформации на рацете, очигледно веќе се надминати.
Слична беше ситуацијата и со сликите кои се проширија на социјалните мрежи од „апсењето на Доналд Трамп“, кои беа креации на вештачка интелигенција. Се побрзиот развој на вештачката интелигеција и поедноставното креирање на реалистични фотографии носи низа предизвици, од кои најголем ќе биде тој со справувањето со лажните вести, особено имајќи ги предвид изборите во САД, изборите за Европскиот Парламент, но и изборите во нашата земја идната година.
Освен креирањето на реалистични слики со вештачка интелигенција, со кои може да се манипулира јавноста, брзо се развива и технологијата за креирање на говор со вештачка интелигенција кој може да звучи како било која личност.
Ваквите аудио снимки, споени со deep fake техниката за креирање на видеа, која стана уште подостапна и понапредна со развојот на вештачката интелигенција ќе направи вистински предизвик за справување со дезинформации и лажни вести во иднина.
Опасноста дезинформациите и лажните вести креирани со вештачка интелигенција да влијаат на политичките процеси и да креираат лажни перцепции се реални, но се поголемата нивна употреба и достапност, се очекува кај јавноста да создаде одредена скепса и недоверба.
Кога ваквите креирани содржини со вештачка интелигенција, без разлика дали станува збор за фотографии, аудио или видео снимки ќе станат се почести и сите граѓани се почесто ќе се среќаваат со нив, односно т.н. „ќе наседнат“ неколку пати, ќе ги натера граѓаните да бидат попретпазливи и почесто да ги проверуваат информациите кои ќе ги добиваат споделени на социјалните мрежи.
Токму тука, клучна улога ќе играат и професионалните медиуми, кои ќе треба да бидат двојно повеќе претпазливи од граѓаните и ревносно да ги проверуваат информациите пред да ги пуштат во етер, со цел да ја вратат довербата на граѓаните, но и да создадат еден вид на чист простор, ослободен од дезинформации.