Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Франк Дупре Трио и изложба на фотографии од Александар Томовски „Приказни од источната и западната страна“ на „Охридско лето“

Франк Дупре е врвен пијанист со филигрански профилирана класична клавирска техника, талентиран џезер, креативен мајстор за импровизација, камерен музичар, диригент, entertainer, ризница од стилови и жанрови. Колекцијата фотографии на Томовски е со шмек на ренесансни слики, доловува најсуптилни визуелизации од танчерите на нашата Национална Опера и Балет

Викица Костоска Пенева – музиколог и професор по пијано

Мултимедијалните идејни концепти на „Охридско лето“ внесуваат свеж здив во програмската содржина на Фестивалот и привлекуваат многубројна публика. Таква беше вечерта што ги обедини настапот на Франк Дупре џез-Триото од Германија со изложбата фотографии од реномираниот македонски уметник Александар Томовски. Предворјето на црквата Св. Софија, кадешто се одржа настанот, зрачи посебна магична енергија. Гледалиштето беше исполнето до последно место. Публиката препознава дека уметничката креативност е продлабочена кај сите артисти кои застануваат на ова духовно место како сценски подиум.

Александар Томовски

Вообичаено, врвните ликовни дела во стилот на хиперреализам знаеме да ги поистоветиме со уметничка фотографија. Проектот „Над кулисите“ од Александар Томовски, што опфаќа „замрзнати“ мигови од возвишеноста на балетскиот танц, се обратна рефлексија. Колекцијата фотографии со шмек на ренесансни слики, доловува најсуптилни визуелизации од танчерите на нашата Национална Опера и Балет. А уметникот Томовски, издигнат над кулисите, совршенството на класичниот балет ни го претставува од уникатна перспектива. Фотографиите поставени во црковното Предворје, беа идеална сценографија за концертот на Дупре Триото.

Публиката на „Охридско лето“ ја имаше честа да го запознае извонредниот Франк Дупре лани, на концертот со англискиот виолист Тимоти Ридаут. На општо задоволство годинава го имаме пак на програмата, овој пат со неговото Џез Трио и со солистички концерт. Тоа е уметник со илјада лица што колку и да го слушате, секогаш има нешто ново да ви понуди, да ви го задржи вниманието.

Франк Дупре

Едноставно фасцинира со својата елоквентност, ама и шарм што така дарежливо ја споделува со публиката. Врвен пијанист со филигрански профилирана класична клавирска техника, талентиран џезер, креативен мајстор за импровизација, камерен музичар, диригент, entertainer, ризница од стилови и жанрови. Тоа е Франк Дупре!

Заедно со Јакоб Круп на контрабас и Оби Јене на тапани, уметници што делат сроден сензибилитет, го сочинуваат Франк Дупре Триото.

Концертот на „Охридско лето“ ни ја претстави совршената синергија, лежарно балансирана меѓу овие млади уметници, школувани во духот на класичната музика. Тие на свој автентичен начин ни го откриваат светот на современиот пијанист и композитор (украинец што голем дел од животот и школувањето го поминува во Москва) Николај Капустин – своевиден музички феномен на денешнината. Фасцинацијата од неговото импозантно творештво (дваесет сонати за пијано, шест клавирски концерти, дваесет и четири прелудиуми и фуги и сето тоа уредно запишано, ама во џез стил), членовите на Дупре-Трио, со нескриен жар ја претставуваат на концертите во живо, но и на нивниот албум со наслов “Blueprint” од 2022 година. Не е чудно, зашто класичната музика во стилот на западно-европската традиција и џезот се зрак што го поврзува Дупре-Трио и Николај Капустин.

Франк Дупре е уметник, подготвен пред светот да го открие опусот на Капустин низ кристална пијанистичка умешност. Вистинска делиција е да слушате еден поинаков, руски џез, напишан (секој тон во партитура!) од советски уметник (Капустин) што никогаш во животот не бил во Америка, во „луда“ инетрпратација на Франк, Јакоб и Оби. Восхитувачки е да се слуша неверојатно моќен пијанистички потенцијал, бравурозност, ситна клавирска техника, бујни акорди, динамичко нијансирање во одличен склад со бас и тапани, сето тоа во заводливи синкопирани „биг бенд“, свинг, рокенрол, танго, мамбо и какви уште не ритми. Забавната нота на концертот, спонтано иницирана од уметниците ја вклучува расположената публика, но тоа апсолутно не ја намалува автентичноста и високото професионално ниво.

Она што го восприемивме како асоцијација е длабоката поврзаност на овие млади музичари од новиот милениум со извориштата во музичката историја и старите мајстори на импровизацијата (особено ценета вештина низ епохите): Бах, Хендл, Моцарт, Бетовен, Шопен, Лист

Занимливо беше да се слушнат изведбите на етиди, прелудиуми и варијации од Капустин, во оригинална верзија и низ богати каденци – импровизации, познати теми од „Приказни од западната страна“ на Леонард Бернштајн, што наполно покренаа еуфорија во публиката.

Сепак, би ја издвоиле интерпретацијата на Прелудиумот во а-мол од Морис Равел. Композицијата, ја слушнавме прво во оригинал, со многу емоции, а потоа и во импресивна импровизација. Тоа беше демонстрација на сиот звучен колорит што Франк Дупре го создава како класичар или џезер – подеднакво совршен. Естетика за сите сетила.

Шармантните уметници од Дупре Триото се синоним за модерни “maestri” со постојан порив по освојување нови, непознати простори во неограничениот простор на музичката креативност. Франк Дупре Трио се изведувачи на иднината.

Зачлени се на нашиот е-билтен