Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Г20 ламентира за „неизмерни човечки страдања“, но не ја виде руската злосторничка агресија против Украина

ЏАБИР ДЕРАЛА / ЦИВИЛ МЕДИА

Самитот на 20-те најголеми економии во светот (Г20) е важен глобален настан кој им дава такт на светските економски, но и општествено-политички збиднувања и процеси. Оваа година, самитот се одржа во индиската престолнина Делхи, на тема „Една планета – едно семејство – една иднина“. На овој голем настан не учествуваа шефовите на Русија и Кина, но имаа свои претставници.

Тема инспирирана од древните упанишади

Како што пишува на веб страницата на Г20, темата на индиското претседателство со Г20 – „Васудаива Кутумбакам“ или „Една земја · едно семејство · една иднина“ – е извлечена од античкиот санскритски текст Маха Упанишад.

Во суштина, темата ја потврдува вредноста на целиот живот – човечкиот, животинскиот, растелниот и оној на микроорганизмите – и нивната меѓусебна поврзаност на планетата Земја и во поширокиот универзум.

Почит кон микроорганизмите, но…

Но оваа филозофска позиција со која се промовира длабока почит кон целокупниот живот во светот и универзумот, вклучително и на микроорганизмите, покажа премалку почит за огромните човечки жртви во Украина, под бруталниот терор на руската воена машинерија.

За што се работи?

Како и по секој настан на кој се разменуваат ставови и се презентираат стратегии, и овој заврши со декларација, за која индискиот премиер со нескриено задоволство објави дека е „прифатена со 100% консензус“. Самитот и декларацијата најавуваат неколку значајни глобални процеси кои имаат потенцијал да ги променат светските економски, но и општествено-политички текови.

Опасен компромис со државата терорист

Самиот текст на декларацијата, за кој индискиот премиер се гордее дека е успех, затоа што е прифатлив за сите, донесе едно крајно непријатно изненадување – драстична промена на вокабуларот што се однесува на руската агресија против Украина.

Со други зборови, текстот на Делхиската декларација морало да биде прифатлив за Русија, без оглед на тоа дали ќе биде подеднакво прифатлив и за Украина.

Почит кон микроорганизмите, но не и кон украинските човечки животи!

Најголемите и најмоќните демократии направија опасен компромис со државата терорист, како и со државите што покажуваат попустливост или на различни начини ја поддржуваат руската брутална и геноцидна војна против Украина. Ако декларацијата од самитот во Бали, 2022, силно и со згрозување ја осуди руската агресија, таа од Делхи е нешто сосема спротивно.

Делхиската декларација – охрабрување за рашизмот

Во декларацијата објавена на 9 септември, големите 20 изразуваат „длабока загриженост за неизмерното човечко страдање и неповолно влијание на војните и конфликтите ширум светот“.

Овој став е формулиран на тој начин што секоја држава, вклучувајќи ги и агресорите, може да си ја толкува како што ѝ одговара. Декларацијата на ниту еден начин не ја осудува руската агресија.

Ламентирањето за „неизмерното човечко страдање“ не значи ништо. Напротив, може да значи само охрабрување за рашизмот на Москва да продолжи со својата бруталност, злосторства против човештвото и геноцид против Украина. И било каде во светот.

Без оглед на тоа што некои тоа сакаат да го толкуваат како обид да се избегне антагонизација меѓу Москва и Западот, се работи за еден, може да се рече, срамен компромис. Индискиот премиер нема со што да се гордее, иако се очигледни намерите да го употреби „успехот“ на самитот за домашни, предизборни цели.

Цинизмот на индиската дипломатија: За Украина – без Украина

Сепак, можеше да се очекува ваков развој на настаните, сосема различен од самитот во Бали, 2022, за време на индонезиското претседавање со Г20. Во Бали беше поканет украинскиот претседател Зеленски да ја претставува својата земја. Во Делхи, Украина не беше поканета.

Толку од принципот „нема никогаш да се одлучува за Украина, без Украина“.

Цинизмот на индиската дипломатија оди дотаму што ја одрекува дури и самата намера да се направи компромисна декларација со исплакната реторика за Русија да се согласи да се потпише. За индискиот министер за надворешни работи, запрашан од новинарката на Би-Би-Си дали ова се случува поради потребата од руски потпис, се работи за „поинаква ситуација“.

„Би рекол само дека Бали беше Бали, а Њу Делхи е Њу Делхи. Бали беше пред една година, ситуацијата беше поинаква. Оттогаш се случија многу работи“, изјави индискиот шеф на дипломатијата, Џаишанкар.

Тој невешто се обидува да манипулира со светската јавност, велејќи дека геополитичкиот сегмент од декларацијата има осум параграфи од кои седум се фокусирани на украинското прашање.

Па дотолку повеќе, толку да се напише за Украина и никаде да се понуди формулација што ќе понуди барем навестување за осуда на геноцидната агресија против Украина и загрозувањето на светскиот мир и стабилност, претставува дрско и цинично поигрување со елементарната логика, а уште повеќе со човечноста! И сето тоа скриено зад „почит кон животот“, вклучувајќи ги и микроогранизмите.

Русија води војна против Украина и демократскиот свет – Делхиската декларација нема одговор

Светот е сведок на брутална агресија против Украина што ја почна и ја води, никој друг, туку Русија. Истовремено, Путин влезе и во жестока конфронтација против НАТО и демократскиот Запад – со пропаганда и хибридни напади.

Зошто сега едногласно се усвојува декларација што со ниту еден збор не спомнува дека се работи за руска воена агресија против независна, демократска и суверена Украина!?

Се чини дека Г20 оваа година нема одговор, наспроти мотото со кое настапува земјата-претседавач: Една земја · едно семејство · една иднина.

Навистина цинично, зарем не?

Уште еднаш, ја видовме моќта на оружјето и геноцидните стратегии на дело. Политичките декларации се креираат соодветно на тоа колку агресорот може да се согласи со нивното значење и колку може да прогласи дипломатска и политичка победа, а не кои се фактите на реалноста.

Останува на овој цинизам да одговориме со цинично прашање: Дали во Делхи победија воените злосторства и почитта кон микроорганизмите?

(продолжува)


Извадок од продолжението: Наспроти овие непријатни преседани изразени во декларацијата на Г20, сепак, се наѕираат и неколку стратешки репозиционирања кои имаат потенцијал да донесат поинакви резултати од оние што навидум ѝ одговараат на Москва.

Треба да знаете
Moже да ве интересира