Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Геополитиката на Европската унија

За разлика од ЕУ која е геополитички субјект, Балканот претставува геополитички влог меѓу големите сили

Пишува: Нано РУЖИН

Европската унија и Балканот имаат еден заеднички именител. Никогаш ништо не е едноставно ниту во ЕУ ниту на Балканот. Реалноста е многу сложена за Европската унија која е пред тежок период. Политичкиот редоследот што се отвора во следните пет месеци до изборите за состав на Европскиот парламент во јуни 2024 година претставува критична пресвртница за политиката на Унијата.

Во продолжената војна во Украина, Унијата ќе мора да оди по тенката линија на гребенот. Напоредно ќе треба да размислува околу проширувањето кое е огромен предизвик, а истовремено ќе настојува да се трансформира за да ги интегрира новите безбедносни императиви.

Од февруари 2022 кога Путин ја лансираше инвазијата на Украина, ЕУ реално не влезе во војна но затоа целосно се ангажира во овој геополитички предизвик. Веќе заборавивме што беше тоа „заеднички европски пазар“, амблематичниот знак на ЕУ кога геополитиката ги надвладеа сите ангажмани, планови и говори. ЕУ прерасна во геополитички ентитет кој се впушти во серија економски, финансиски, технолошки воено-политички ангажман или во дипломатски и консесуални преговарање и договарања околу војната во Украина. За да ја покаже големата геополитичка амбиција, ЕУ го отвори патот за членството на Украина, Молдавија и Грузија. Можеби овој потег не е идентичен со идејата на Де Гол за „Европа од Атлантикот до Урал“ но тенденцијата е насочена кон Истокот.

Балканските држави, вклучувајки ја и Турција, трпеливо чекаат уште од 1999 и од 2003 кога на Самитот во Солун се зборуваше и ветуваше европеизацијата на балканските држави. Веројатно никој од еврократите во таа „балканска европска 2003“ не предвидувал дека до 2024 на Балканот нема ништо да се помрдне кон ЕУ. Евроскпетицизмот одамна завладеа во нашиот регион кој живее во сложени и напнати услови.

За разлика од ЕУ која е геополитички субјект, Балканот претставува геополитички влог меѓу големите сили. Тоа значи дека Западен Балкан постојано ќе биде изложуван на можни геостратешки потези од надвор кои обично резултираат со дестабилизиација. Неопходен е нов стратешки прет-а-порте за народите на овој регион. Единствено  перспективите за интеграција на оваа група држави во ЕУ во следниве 7-8 години може да овозможи нов начин на заеднички живот на Западен Балкан. За жал, поради различните  лошо осмислени стратегии од  20. и 21. век со кои се соочија ЕУ и Балканот, постојано се одложуваа  следните проширувања во регионот. Тоа не беше добра вест за Западен Балкан. Во меѓувреме, можеме да се надеваме дека континуираното дипломатско регулирање на односите меѓу овие различни држави ќе продолжи во насока на мирот и регионалната соработка.

Освен проблематичните односи помеѓу Белград и Приштина и унилатерализмот на Република Српска во БиХ, односите на Балканот доживееа извесен прогрес. Овој проект беше  финализиран во летото 2021 со  „мини Шенгенот“ или „Отворен Балкан“ процес кој ги зближи Северна Македонија, Албанија и Србија и кој се надоврза на  Берлинскиот процес. Без сомнение, со овие иницијативи  се манифестира многу јасната демонстрација и порака на земјите од регионот за да ја обноват динамиката на интегративните процеси на Западен Балкан во Европската унија.

Глобален одговор кон „Специјалната операција“ на Путин

За геополитичките амбиции на ЕУ, многу „посекси“ беше кризата во Украина.  Како што покажуваат ситуациите забележани за време на претходните кризи што ја погодија Европа во последните 15 години – грчкиот долг, миграцијата, пандемијата – Унијата на почетокот имаше тенденција ендемски и неорганизирано да реагира на кризите. Од друга страна, во случајот со руската инвазија на Украина, одговорот на европските институции беше неверојатно ефикасен и без поголем политички волунтаризам.

Од самиот почеток Европејците брзо се обединија, покажувајки голем тропизам и покривајќи бројни домени. Сумирањето на одлуките донесени од страна на европските институции го покажа новиот перформанс на ЕУ: под итното беше воведен статус на привремена заштита за сите украински бегалци ( таква одлука не беше спроведена ниту за време на миграциската криза од 2015-2016 и покрај важноста на миграциските текови), потоа целосна мобилизација на мрежата за хуманитарна помош на ЕУ (7,5 милијарди евра), непосредна употреба на Европскиот мировен фонд (ЕФФ) за воена помош на Украина  (4,6 милијарди евра), мисијата на Заедничката безбедносна и одбранбена политика  за обука на украинската војска, усвојување на макрофинансиската помош (33 милијарди евра за 2022 и 2023), воспоставување на лични, финансиски и економски санкции против Русија (11 пакети рестриктивни мерки), и конечно, цел сет на мерки во енергетскиот сектор, кои се движат од заеднички набавки до надзор на цените на електричната енергија за  да се одвратат државите од рускиот природен гас.

Тоа, сепак, не значи дека сите одлуки биле донесени непречено. Земјите-членки не престанаа да ги бранат своите национални интереси. Ова го забележуваме и со повторливите дебати за секој нов предлог за дополнителни санкции кои сè повеќе тежат на кохезијата на Советот. На последниот Самит, премиерот на Унгарија Орбан го блокира пакетот од 50 милијарди евра наменети за Украина меѓу 2024 – 2027.  Ова се можеби првите симптоми на „украински замор“, растечката перцепција меѓу земјите-членки за конфликтот кој треба да трае, што несомнено влијаел врз политиката  на Советот.

Во секој случај, две карактеристики произлегуваат од овој сет одлуки на Унијата. Првата е речиси беспрекорното функционирање на институционалниот систем. Без разлика дали се работи за  Комисијата, Советот или Парламентот, административната машина на ЕУ функционираше со чувство на одговорност широко споделена од сите учесници. Втората констатација се однесува на недоволната флексибилност и ефикасност на на ЕУ. Многу еврократи не се задоволни од функционирањето на ЕУ. Дел од нив сметаат дека  ЕУ  станала заложник на нејзината застареност и традицоналност. Таквата теза ја истакнува и Емануел Макрон, но и познатата француска аналитичарка Никол Гнесото. „Европската унија едноставно ја кочи Европската унија“ порачуваат експертите кои се надеваат на унапредување на методите на функционирање на европските институции

ЕУ продукт на Студената војна

Зошто ЕУ продолжува да живее според моделите кои беа замислени и имплементирани на крајот на Втората светска војна, свет кој целосно ѝ припаѓа на историјата, пишува Гнесото. Ако Европа настојува да биде ефикасна и моќна во процесите на глобализацијата  и деглобализацијата, таа мора да го промени софтверот за да не се држи до застарените модели што биле поставени пред повеќе од седумдесет години. Оригиналниот формат на Заедницата Европа, кој се создаде кон крајот на Втората светска војна, всушност, беше совршено прилагоден на светот од 1950-те и на Студената војна.

Девастирана Европа беше нужно зависна од државите кои се обединија за нејзината одбрана и за создавање отворен и конкурентен пазар за да го врати растот на Западот. Затоа, таквиот атлантски модел ја воспостави безбедноста на Европа, заедно со нејзиниот либерален и просперитетен модел. За време на Студената војна оваа творба функционираше беспрекорно, сѐ до средината на деведесетите. Безбедноста и растот беа евидентни, а со нив и огромната поддршка од страна на европските граѓани.

Но, овој свет се распадна со исчезнувањето на СССР во 1991 година. Оттогаш, моделот на Атлантикот покажа бројни пукнатини и грешки.

Во европската дебата всушност се работеше за три лажни и идеалистички патишта: 1. оние за ренационализација на европските политики; 2. онаа на европската федерална држава; и 3. онаа на неподвижноста и зачувувањето на почетните модели. Првиот модел наиде на удар, бидејќи „Брегзит“ се покажа како синоним за целосен пораз за Обединетото Кралство, а откако Ковид-19 ја покажа ефективноста на европско ниво, ЕУ за неколку недели се задолжи за 750 милијарди евра во битката со пандемијата.

Вториот модел е најнепопуларинот од сите можни решенија. Федерална Европа е невозможна идеалистичка идеја од пред еден век, дури и по цена по секоја криза да напредува бавно таа останува надреалистички проект. Третиот модел е, за жал, најверојатен а тоа е враќање кон правилата на конзервативизмот, овековечување на атлантските и либералните модели од минатото. Но таквата ЕУ тешко ќе може да ја усогласи сопствената геополитичка амбиција, како што е тоа случај со САД, Кина или Русија. Затоа ништо не е едноставно во ЕУ, исто како и на Балканот.

Нано Ружин е универзитетски професор и поранешен амбасадор

(Независен)

Зачлени се на нашиот е-билтен