Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ГЛЕДАЈ, ЧИТАЈ, СЛУШАЈ: „Ало! Ало!“ и „Хамлет“ на театарските штици, концерт на Funk Shui и From Another Mother, изложба на АКТО, подиум за млади музичари

За претстојниот викенд и за деновите од наредната недела ви препорачуваме театарски претстави, изложба и концерти. Гледајте, читајте, слушајте…

Театар: Премиери на „Ало! Ало!“ во Театар Комедија и на „Хамлет“ во Прилепскиот театар

На 20 октомври (петок), со почеток во 20 часот, на сцената на Театар Комедија во Скопје, премиерно ќе биде изведена претставата „Ало! Ало!“ во режија на режисерот Синиша Евтимов. Претставата е работена според мега-популарната ТВ серија на Би-би-си која се емитуваше во 80-те години, а и ден денес има култен статус кај генерации гледачи.

„Ало! Ало!“ е духовита пародија на историските случувања и на човековите слабости во обидот да се сочува главата во налетот на насилствот. Дејството е сместено во скопската кафеана „Кај Јорго“, во окупираното Скопје за време на Втората светска војна. „Кај Јорго“ е сврталиште на високите претставници на фашистичкиот окупатор во Скопје и на членовите на Отпорот, а сопственикот на кафеаната, Јорго, се труди да ги „менаџира“ односите со двете страни и да се одржи жив среде војната.

Но, неретко се заплеткува во компромитирачки ситуации, обидувајќи се да ги балансира барањата на Отпорот и на фашистичките чиновници, што резултира со напнати и комични расплети. Хуморот во претставата го формираат многубројни зборовни игри, двосмислености, каламбури, јазични сплетки и сатиризирање на различни стереотипи и клишеа поврзани со минатото, но и со сегашноста во Македонија.

Во „Ало! Ало!“ на Евтимов, кој важи за „крал на комедијата“ во современиот македонски театар, играат Атанас Атанасовски, Жаклина Петровска, Валентин Костадиновски – Тино, Сергеј Димовски, Тони Денковски, Виктор Арсов, Јаков Спасов, Столе Мицов, Илија Илиоски, Наталија Теодосиева, Маја Љутков, Елена Кузманов, Григор Јовановски и Стефан Николовски.

Во креација на претставата учествуваа и Илина Ангеловска (сценограф), Александар Ношпал (костимограф), Борјан Стојков (асистент на режија), Марија Ѓорѓиевска (асистент на сценографот) и Ивана Каранфиловска (асистент на костимографот).

Одговорен зад сцената е инспициентот Александар Јорданов, текстуална поддршка на актерите им дава суфлерката Зорица Манаскова Станковиќ, а за тонот и светлото се задолжени тон-мајсторот Георгиј Полизов и светло-мајсторите Слободан Илиоски и Виктор Лазаревски.

На сцената од народниот театар „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, вечер (20 октомври, петок) од 20 часот, ансамблот на театарот премиерно ќе ја изведе претставата „Хамлет“ според Вилијам Шекспир во режија на Бранко Брезовец.

Секој агол од прилепскиот театар во оваа поставка се претвора во драмска сцена. „Хамлет“ во видувањето на Бранко Брезовец се труди и да биде и да не биде наш современик и современик на нашиот театар, во кој се нагласени конфликтот меѓу ликовите, нивниот внатрешен немир, стремежот за моќ и желбата за одмазда.

-Хамлет можете да го гледате од најразлични аспекти. Можете да ги критикувате неговите неамбизиозност и неактивност или можете тоа да го пофалите. Овде е обидот сето тоа да се покаже во сите свои скокови и со сите свои можности. Тоа за луѓето кои очекуваат цврста карактерност на ликот, може да им се чини необично, вака режисерот Брезовец го најави неговиот „Хамлет“.

Зоран Иваноски ја игра насловната улога. Марија Спиркоска Илијеска, Димитар Ѓорѓиевски, Андон Јованоски, Даниела Иваноска, Игор Трпчески, Илија Волчески, Александар Тодески, Михајло Миленкоски, Виолета Чакарова, Наташа Ачански и Ана Митоска се актерите кои настапуваат во поставката на „Хамлет“.

Во претставаат играат и Димитар Ѓорѓиевски, Андон Јованоски, Даниела Иваноска, Игор Трпчески, Илија Волчески, Александар Тодески, Михајло Миленкоски, Виолета Чакарова, Наташа Ачански и Ана Митоска.

Режисерот Брезовец – кому „Хамлет“ му е трета соработка со прилепскиот театар по претставите „Антица“ и „Глембаеви“ – ја направи и адаптацијата на текстот на Шекспир. Сценографијата е на Пеце Ристески, а костимите на Сузана Брезовец.

Концерти: Funk Shui и From Another Mother во Битола

В сабота (21 октомври) со почеток од во 20 часот во Клуб Јагода во Битола ќе настапат музичките групи Funk Shui од Скопје и From Another Mother од Загреб, Хрватска. Концертот е во организација на Ponder, независна битолска културна иницијатива која има за цел промовирање на независната култура и живата уметност кај младите. За почетното загревање пред бендовите ќе се погрижи Bad Juju.

Funk Shui е еклектичен колектив од Македонија, воден од ненаситна љубопитност да истражува нови патишта на музичко изразување. Од нивниот деби албум „Етер“ во 2012 година, Funk Shui постојано се развива, усовршувајќи ја својата визија и звук. Бендот не може лесно да се категоризира, но најдобро е разбран како извонредно искуство кое опфаќа низа на емоции, стилови и влијанија.

Во 2023, после низа награди и настапи низ Велика Британија, Полска, Австрија, Германија, Холандија и Балканот, го издаваат својот трет долгочекуван албум „Никогаш пак“, кој ги содржи сите добропознати претходни хитови, како „Метеори“, „Ветер“, „Не време“, „Крик“ и многу други.

From Another Mother се Владо и Борна и некој трет во улога на тапанар, кој се менува по потреба, свират прог рок, панк фјужн, пост хардкор… Загрепското трио пршти од енергија и создава тотално лудило на нивните концерти, бришејќи ја границата меѓу публиката и бендот, како и границата меѓу свирењето инструменти и неколку олимписки дисциплини како ритмичка гимнастика и трчање 200 метри со пречки.

Досега имаат издадено ЕР и два албуми, Bratebra, Epileptir i ATATOA, кои се во живо отсвирени во над 20 европски држави на неброени фестивали и клубови. На концертот ќе го промовираат нивното ново издание, ЕР-то од 4 песни насловено Zest, кое има малку побрзи аранжмани, без компромис, директно и сирово во главата. My me е сингл од ова EP кое излезе заедно со спот пред само неколку дена.

Изложба: АКТО 18 Попаметен град 3.0 – феникс или апокалипса?

Сабота, 21 октомври, од 12 часот, во киното на Железничката зграда во Скопје на изложбата е терминот за отворање на изложбата на АКТО 18 насловена „Попаметен град 3.0 – феникс или апокалипса?“. Изложбата има за цел да го демистифицира авторитативниот дискурс за закрепнување од катастрофи што се фокусира исклучиво на зградите – „тули и малтер“ – кои се само физичкиот аспект на градот.

Потпирајќи се на претходното разбирање на архитектурата како метафора на општеството, со „Попаметен град 3.0 – феникс или апокалипса?“ организаторите нè провоцираат со прашањата: „Како да се ангажираат луѓето и нивните заедници за време на природни катастрофи?“, „Каде да се најде солидарност за време на катастрофа?“ и „Што ако отсуствува таков човечки однос?“.

Користејќи го Скопје како референтна точка, изложбата прикажува фотоколажи од градот – каков е денес и каков беше пред земјотресот, архивски филмови за периодот по земјотресот и многубројни монографии и книги за скопската „апокалипса“, како и неговиот подем како „феникс“.

Покрај изложбата ќе има и презентација на процесот на работата со студенти како дел од проектот „Градот како сцена“ или изведување на јавниот простор, процес менториран од уметниците Борис Бакал, Миодраг Куч и Филип Јовановски. Проектот е поддржан од програмата за култура на швајцарската амбасада во Скопје.

Фестивал: Подиум за млади на „Златна лира“ со наградените музичари на фестивалот „Охридски бисери“

В сабота, 21 октомври, во Музејот на македонската борба со почеток од 20 часот, добитниците на наградата на СМУМ на фестивалот „Охридски бисери“ ќе одржат концерт во рамки на фестивалот на музичките уметници „Златна лира“.

На концертниот одиум за млади годинава ќе ги видиме младите уметници Мерт Рустемов (кларинет), Стефан Трајаноски (саксофон), Мевљуд Асаноски (кларинет), Ѓорѓи Димовски (саксофон) и Арсениј Ангелески (пијано), кои ќе изведат дела на Кепке, Шостакович, Руеф, Вебер, Менделсон и Крепин.

Во рамките на својата редовна концертна програма која ја сочинуваат настапи на реномирани музички уметници од Македонија и странство, фестивалот „Златна лира“ традиционално го отстапува својот подиум на младите уметници со цел нивна промоција и афирмација на почетокот на концертната кариера. Фестивалскиот подиум на млади на „Златна лира“ овозможува да се создаде компактна, генерална слика за тоа, каква е патека на движење и развој на македонското исполнителство.

Сојузот на музичките уметници на Македонија (СМУМ) соработува со меѓународниот натпревар на млади музичари „Охридски бисери“, кој од 2002 година се одржува на годишно ниво во Охрид и опфаќа учесници во повеќе категории и дисциплини од целиот свет. Плод на таа соработка е наградата за најдобар учесник на натпреварот од Македонија која ја доделува токму здружението СМУМ, а се состои од организација на концерт во рамките на фестивалот „Златна лира“.


Мевљуд Асаноски, кларинет

Влезот на концертот е слободен.

Треба да знаете
Moже да ве интересира