Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ГЛЕДАЈ, ЧИТАЈ, СЛУШАЈ: Концерти на Дино Имери, „Мизар“ и „Хармосини“, Недела на италијански филм, загревање за Филозофски филмски фестивал, книга за Урошевиќ

Сцена од „Грабнатиот“ на Марко Белокио

За претстојниот викенд и за деновите од наредната недела ви препорачуваме филмови, книга, концерти… Гледајте, читајте, слушајте…

Концерт: Пијано рецитал на Дино Имери во Градски парк

На 11 мај (сабота) со почеток во 12 часот, на локацијата „Школка“ во Градскиот парк, македонскиот пијанист Дино Имери ќе одржи рецитал на кој ќе изведе дела од големиот романтичар, полскиот композитор Фредерик Шопен.

Овој редок музички настан – затоа што класичната музика не се изведува често на отворено – е организиран од Амбасадата на Република Полска, по повод Денот на Уставот. Влезот е бесплатен.

„Волшебникот на пијаното“, Дино Имери, ќе ги изведе најпознатите пиеси за пијано од еден од најголемите композитори на сите времиња: Балада бр.1 оп.23, во g-moll, Grand Valse Brillante оп.34 бр.1, во As-dur, Валцер оп.64 бр.2, во cis-moll, Валцер оп.64 бр.1, во Des-dur -„Минутен“, Ноктурно оп.20, во cis-moll, Скерцо бр.2 оп.31, во b-moll, Мазурка оп.17 бр.4, во a-moll и Полонеза оп.53, во As-dur – „Херојска“.

Идејата е и Скопје да се придружи на традицијата на реализирање на концерти на отворено какви што се случуваат во Полска, близу Варшава, токму кај споменикот на Шопен и неговото родно место, од страна на врвни, светски пијанисти. Целта е постојано да живее творештвото на овој музички гениј, кој светот го направи подобро место за живеење.

Концерт: „Мизар“ со „Хармосини“ и десетина врвни инструменталисти во Македонската филхармонија

В недела, 12 мај, во Македонската филхармонија ќе се одржи концертот на „Мизар“ и хорот „Хармосини“ насловен „Гласови” . 

Проектот „Гласови“ се подготвува од минатата година, а на публиката ќе и донесе сосема поинакво доживување: „Бело море“, „Константинопол“, „Златно сонце“, „Градот е нем“, „Амфилохиј“, „1762“, „Глас“ и „Ходен Же“, се само некои од песните кои ќе бидат изведени.

Ансамблот кој стои зад „Гласови“ брои 17 члена. Во него, покрај „Мизар“ (Горазд Чаповски и Илија Стојановски) и „Хармосини“, вклучен е и оркестар со десетина врвни музичари, предводени од Дени Омерагиќ. Оркестарот го сочинуваат Драган Теодосиев и Кристијан Новковски (тапани), Нинослав Спировски (кларинет и саксофон), Благојче Томевски (кларинет и бас кларинет), како и петчлената гудачка секција: Глигор Кондовски, Тони Арслан, Сања Смилевска, Фиола Исмаили и Марко Крстевски.

„Настан кој треба да ни ги отвори очите и да ни каже една голема вистина за реалните состојби во културата, посебно за она што некогаш било, а и денес е авангарда“, со овие зборови музичкиот критичар Љупчо Јолевски го најави концертот.

Чаповски најавува дека „Гласови“ ќе биде почеток на некое ново откровение. Идејата за проектот тлеела од поодамна, а со оглед дека „Хармосини“ се главниот вокал, проектот е сконцентриран на византиската, поцрковната страна на „Мизар“. Има песни од сите албуми, а изборот го направи Дени Омерагиќ.

Ристо Солунчев, фронтмен на „Хармосини“, посочува дека сосема спонтано излегло тие да бидат главен вокал.

-На почетокот гледавме како да се вклопи хорот и на крајот излезе дека е природно да постои во рамки на сите песни кои ќе бидат изведени. Ние сме задолжени за идејата на византиската музика што е присутна кај „Мизар“. Оттука и мислам дека не е нешто компицирано да се спои византиски хор со музиката на „Мизар“, вели Солунчев.

Недела на италијански филм

Од 13 до 18 мај во Кинотека ќе се одржи 24. издание на „Неделата на италијанскиот филм“, која годинава ќе понуди избор од шест филма од современата продукција, под тематскиот наслов „Промени“.

Шесте филма се добитници на престижни национални и меѓународни фестивалски награди. Насловот „Промени“ ги обединува нивните тематски преокупации: непредвидени ситуации, неочекувани врски, лични избори, историски и општествени преобразби и уметнички доживувања.

„Неделата на италијанскиот филм“ започнува со „И утре е ден“, по сценарио и во режија на Паола Кортелези, во понеделник (13 мај). Кортелези ја толкува и главната улога во нејзиното режисерско деби, кое забележа рекордна заработка во италијанските киносали минатата година. „И утре е ден“ освои 6 награди „Давид ди Донатело“ на Италијанската филмска академија, 3 награди на 18. Римски филмски фестивал, и беше филм на годината на фестивалот „Сребрени ленти“. Снимен е во црно-бела техника како своевиден омаж на италијанскиот неореализам.

Сторијата на филмот ја следи Делија (Кортелези), сопруга на Ивано и мајка на три деца, по Втората светска војна во Рим. Ивано (Валерио Мастандреа) како глава на семејството, макотрпно работи за егзистенцијата на семејството, но не пропушта прилика за да го истакне тоа со вербална и(ли) физичка агресија…

Во вторник, 14 мај, ќе биде прикажан „Командант“ во режија на Едоардо Де Анџелис. Сторијата на филмот што го отвори 80. Филмски фестивал во Венеција ја прикажува вистинската приказна на Салваторе Тодаро (го толкува Пјерфранческо Фавино), легендарен херој од Втората светска војна, кој бил командант на подморница. Во октомври 1940 година, додека плови по Атлантскиот окоен среде ноќ, подморницата е нападната од белгиски трговски брод „Кабало“. Подморницата на Тодаро го потонува бродот, а непријателскиот екипаж завршува во морето.

Командантот сепак се одважува на херојски гест за да ги спаси и 26-те белгиски војници од сигурна смрт и давење во морето, но за да успее – мора да се изложи на огромен ризик и да помине пред непријателот.

Во среда, 15 мај, на програмата е „Грабнатиот“, најновото остварување на легендарниот автор Марко Белокио, добитник на Златна палма за животно дело во 2022 година и 7 статуетки „Давид ди Донатело“. „Грабнатиот“ е екранизација на романот „Случајот Мортара“ на Даниеле Скализе.

Сторијата ја раскажува вистинската приказна за Едгардо Мортара, еврејско дете кое било крстено во тајност, а во 1858 година било одземено од неговото семејство за да биде воспитано во католичката вера, под контрола и старателство на папата Пие IX. Родителите на Едгардо ќе направат сѐ што можат за да си го вратат синот. Поддржана од јавното мислење и меѓународната еврејска заедница, битката на семејството Мортара набрзо ќе добие политичка димензија…

В четврток, 16 мај, на програмата е „Благодарам, момци“ во режија на Рикардо Милани, потписник на некои од најуспешните современи италијански комедии. Филмот го следи животот на Антонио Черами (Антонио Албанезе), актер кој е во потрага по целта во животот и професијата.

Черами не стапнал на сцена веќе три години, синхронизира порно филмови за да обезбеди егсизтенција. Неговиот пријател и колега Микеле му предлага една необична привремена работа, да држи часови по глума шест дена во затворот во Велетри. Антонио ентузијастички прифаќа и со затворениците ја поставува „Чекајќи го Годо“ од Семјуел Бекет во театарот на Микеле, бидејќи затворениците најдобро знаат што значи да се чека…

В петок, 17 мај, ќе биде прикажан „Нелагодна љубов“, дебитантско дело на Бепе Фјорело. Филмот е слободна интерпретација од вистински настан кој се случил на Сицилија во 1980 година – наводно самоубиство на двајца тинејџери. Џани е 17-годишно момче кое нема пријатели и е жртва на неговите врсници поради неговата хомосексуалност. Единствена утеха наоѓа кај мајка му Лина, која го поддржува дури и пред нејзиниот груб и насилен партнер Франко, сопственик на автосервисот во кој работи момчето.

Животот на Џани се менува кога ќе го запознае Нино, храбро шеснаесетгодишно момче со чиста душа. Возејќи ги нивните скутери, двајцата случајно ќе се судрат, но од таа несреќа се раѓа длабоко пријателство кое без чувство на срам ќе се претвори во отворена љубов кога двајцата почнуваат да работат во фирмата на Алфредо, таткото на Нино. Страста меѓу нив не може да остане неоткриена од конзервативните мештани…

В сабота, 18 мај, за крај на „Неделата на италијански филм“ е проекцијатата на „Сто недели“, во режија на Антонио Албанезе. Албанезе ја толкува и главната улога во филмот за неправдата којашто ќе погоди многу Италијанци, мали штедачи кои ќе бидат жртви на алчноста на банкарскиот систем. Скромниот Антонио мисли дека со неговата животна заштеда ќе го исполни сонот на ќерката – свадба каква што отсекогаш сонувале – но не може да дојде до неговите пари во банката…

Сите филмови се со титлови на македонски и англиски јазик и влезот е бесплатен.

Филозофски филмски фестивал: Документарец за Маја Дерен

На годинешното 14. издание на Филозофскиот филмски фестивал, поголем дел од придружната програма ќе биде посветен на американската авангардна режисерка Маја Дерен (1917-1961). Така, во рамките на Главната програма на Фестивалот (7-13 јуни) ќе бидат прикажани шест од нејзините видео есеи.

Како најава на ФФФ, на 14. мај, во Музејот на современата уметност во Скопје во 19 часот ќе биде прикажан документарен филм за режисерката Дерен. Традиционално, тоа ќе биде првата проекција на Фестивалот за годинава, односно најава за Главната програма. Односно, ќе имате можност да го погледнете филмот „Во огледалото на Маја Дерен“ (In the Mirror of Maya Deren, 2002, 104’) во режија на Мартина Кудлачек (Martina Kudlácek).

Родена во Киев во 1917, Маја Дерен е американска филмска авторка, поетеса, кореографка, фотографка, филмска теоретичарка и практикувач на хаитското вуду.

Филмскиот опусот на Маја Дерен ги побива сите категории. Нејзиниот комплексен и еклектичен филмски јазик, активно ја одбива категоризацијата и припадноста на нејзините филмови во движењата на надреализмот, формалзмот и структурализмот. Маја Дерен го користи медиумот на филмот со цел да открие нелинеарна перспектива на реалноста, како контрапункт на т.н „хоризонтална“ или линеарна драматична нарација фаворизирана од холивудските филмови. За неа сликите во движење се простор за изразување на емоционалните квалитети и длабочина преку поетско разбирање на филмскиот медиум во процеси кои таа ги опишува како „вертикални истражувања“. Преку манипулирање на сликите во движење во форма на фантазмагорични црно-бели кратки филмови наречени „кинопоеми“, таа успеава да изгради простор во кој ритамот, движењето, субјективната психологија, навиките на перцепција и симултаната реалност стануваат вродени квалитети на филмскиот медиум и време.

Творештвото на Маја Дерен служи како архетипски пример за независност, чија што филмска пракса успева да ги избегние институционалните правила воспоставени во американската кинематографија. Влијанието на Дерен врз авангардниот филм е дотолку големо, што нејзиниот уметнички ангажман придонесува кон етаблирањето на експерименталниот филм како легитимна уметничка форма. Заедно со Јонас Мекас, Амос Вогел, и други, Дерен ги воспоставуваат критериумите и условите на независниот филм кои и денес остануваат со нас.

„Во огледалото на Маја Деран“ е долгометражен документарен филм кој го реконструира комплексниот живот, дело и уметнички ангажман на така наречената „мајка на авангардниот и експериментален филм“ – Маја Дерен. Инспириран од оглас објавен во рамките на киноархивот „Антологија“ (Anthology Film Archives) од страна на Јонас Мекас за систематизирање на депонираните филмски материјали на Маја Дерен, Мартина Кудлачек одлучува да се впушти во документаристичко истражување на повеќеслојното филмско наследство на Маја Дерен.

Документарецот ја исцртува биографската територија на Маја Дерен преку интервјуа со блиски познаници и соработници, воедно и важни актери во поствоената американска уметничка сцена. Интервјуата ги вклучуваат: Јонас Мекас, филмаџија и основач на Киноархивата „Антологија“, Александар Хамид (Alexander Hammid), фотограф и филмаџија од Чехословачка, нејзин сопруг и соработник во Мрежи на попладнето (Meshes of the Afternoon), танчерката Рита Кристиани (Rita Christiani) која се појавува во улогата на алтер егото на Маја Дерен во Ритуал во преобразено време (Ritual in Transfigured Time), и Катрин Дунхам (Katherine Dunham) меѓу останатите.

Покрај инсерти од филмовите на Маја Дерен, документарецот вклучува архивски материјали од нејзините предавања, работилници, материјали од етнографските истражувања на Хаити и практиките на вуду, преку кои го доближуваат контекстот, филмската филозофија и метод на пионерката на авангардниот филм.

Книга: Капушевска-Дракулевска и Мартиновски за творештвото на Урошевиќ

Во издание на издавачката куќа „Бегемот“ излезе од печат заедничка книга со книжевно-теориски студии, осврти и есеи на Лидија Капушевска-Дракулевска и Владимир Мартиновски, насловена „Градоначалникот на Хипнополис“. Се работи за книга диптих, целосно посветена на творештвото на академик Влада Урошевиќ.

Во освртот за книгата, писателот Владимир Јанковски нагласува дека авторите нудат свое автентично читање на прозното и поетското творештво на Урошевиќ преку една двојна перспектива.

„Текстовите во книгата, од една страна, разјаснуваат некои од клучните аспекти на поетиката на Урошевиќ, а од друга страна, тоа е еден вид теориски дијалог за творештвото на авторот и меѓу Капушевска-Дракулевска и Мартиновски. Во книгата се анализирани и претставени некои од главните творечки преокупации на Влада Урошевиќ: сонот како неисцрпен поттик за создавање и креативно преобликување во литературата, идејата за поезијата како чин на игра и комбинација, опседнатоста со поетската слика и односот на авторот кон модерното сликарство, релациите меѓу творештвото на Урошевиќ и поетиката на надреализмот, автопоетичките согледувања за уметноста и умешноста на пишувањето поезија, жанровските елементи во неговите романи, како и различните теми опфатени во неговите кратки раскази“, пишува Јанковски во освртот на книгата.

„Градоначалникот на Хипнополис“ е луцидна, акрибична, теориски внимателно напишана книга, во која освен што мошне прецизно се прикажани различните слоеви од опусот на Влада Урошевиќ, тие се анализирани и толкувани со еден вид поетска страст за неговото творештво.

Книгата е објавена со поддршка од Министерството за култура.

Зачлени се на нашиот е-билтен