За претстојниот викенд и за деновите од наредната недела ви препорачуваме концерт, перформанс, изложби… Гледајте, читајте, слушајте…
Концерт: „Candlelight“ – концерт под свеќи на Профундус и виолинист Марио Хосен во Филхармонијата
Илјадници свеќи ќе ја осветлат сцената на Филхармонијата на која вечер (петок, 12 април) во 20 часот ќе се одржи премиерното издание на првиот „Candlelight“ – концерт под свеќи на камерниот оркестар Профундис.
Концептот на „Candlelight“ – концерт под свеќи е светски познат тренд кој првпат ќе биде поставен на сцена пред македонската публика. Музичките критичари го опишуваат како уникатно искуство каде традиционалниот концертен амбиент се трансформира во хипнотизирачка музичка симбиоза облеана во топлиот сјај на свеќите. Интимниот амбиент овозможува подлабока врска помеѓу публиката и изведувачите, создавајќи извонредно концертно искуство.
На концертот како солист ќе настапи светски познатиот виолинист Марио Хосен, чија виртуозност и волшебно сценско присуство му носат признание на престижните сцени ширум светот. Хосен и „Профундис“, под диригентската палка на маестра Ѓурѓица Дашиќ, ќе ѝ претстават на публиката музичко патување низ делата на реномираните композитори како Вивалди, Паганини, Холст и Глас.
Концертот под свеќи во моментот е вистинска атракција во 173 града ширум светот, а премиерно со овој концерт списокот се проширува и со Скопје. На концертот по прв пат ќе биде изведено дело од Филип Глас.
Марио Хосен е познат по својата неспоредлива виртуозност и волшебно сценско присуство. Тој настапувал на престижните сцени ширум светот заедно со врвните оркестри, вклучувајќи ги Лондонската филхармонија, Виенскиот симфониски оркестар и многу други. Со голема страст за светското музичко наследство, стручноста на Марио се фокусира на Николо Паганини, правејќи го како еден од најистакнатите толкувачи и авторитети за изведување на музиката на Паганини.
Камерниот оркестар „Профундис“ е уметнички состав кој постои веќе три години, чии цели се промоција на квалитетот и особеноста на изразот со посебен акцент на оригиналноста на сите концертни изведувања. Во него членуваат едни од најистакнатите македонски инструменталисти што се дел од двата професионални оркестра во земјава – Националната опера и балет и Националната филхармонија.
Изложба на студентите од Факултетот за ликовни уметности Скопје
Во сабота (13 април) во 19.00 часот во „Сули ан“ Скопје ќе се отвори изложба на која ќе бидат претставени дела на студентите од Факултетот за ликовни уметности Скопје. Изложбата ќе биде придружена со звучна инсталација на студентите од Факултет за музичка уметност.
Настанот е во организација на Europe House Skopje и Факултетите за ликовна и музичка ументност. Серијата настани „Студентска Уметничка Пролет“ ќе траат до 26 април, а се посветени на збогатувањето на културно-уметничката понуда на кампусот и на промовирањето на интердисциплинарниот пристап кон знаењето меѓу студентите.
Во рамките на „Студентска Уметничка Пролет“ ќе се одржат повеќе од 14 настани на различни локации, како Сули Ан, Концертната сала на Факултетот за музички уметности, сцената на Драмскиот факултет, платото на техничките факултети и други, а преку нив ќе се промовираат уметноста и културата како единствена прилика за меѓуфакултетска соработка и размени на знаења.
Изложба на Денис Боувен
Светскиот ден на уметноста на 15 април, роденденот на Леонардо да Винчи, се празнува во нашата земја од самото негово воспоставување, но и како роденден на сите уметници од светот, како празник на уметноста. МКЦ и ИКОН одлучија овој празник годинава да го посветат на Денис Боувен (1921-2006), британски уметник и македонски културен амбасадор. Изложбата во организација на Младински културен центар и Асоцијација за култура ИКОН ќе биде отворена на 15 април во 20 часот во Галеријата на МКЦ.
Боувен пишуваше за македонската ликовна сцена во Лондон и неуморно работеше на собирање на уметнички дела од британски автори. Зад колекцијата на слики, цртежи, скулптури и графики од британски уметници во МСУ стои името на Денис Боувен. Со својата оригиналност и непосредност, со извонредното чувство за перцепција, уште во годините по Втората светска војна се ослободува од влијанијата на традицијата. Прави голем исчекор градејќи модерен начин на изразување определувајќи се за апстрактната уметност. Впрочем, 20 век го смета за столетие на технолошки напредок кој влијае и во неговото сликарство преку употребата на нестандардни материјали и форми. За својата уметност велеше дека е експлозија од бои сликани со нестандарни материјали.
Боувен беше чест гостин на ликовните колонии во Струмица, Кичево, Крива Паланка, Охрид и зад себе остави стотици дела што сега се во јавни и во приватни колекции. Град Скопје за неговата работа му ја додели наградата „13 Ноември“ во 2003 година, која не треба да се сфати само како награда за придонесот што тој го има направено за нашиот град, туку и како македонска награда што му се доделува за пријателството со ликовните уметници, критичарите, поетите, но и со обичните луѓе од Македонија.
Денис Боувен е роден во 1921 година во Кимберли, Јужна Африка. Студирал сликарство на „Ројал колеџ оф арт“, а по 1940 година предавал во повеќе уметнички школи во Британија. Изложувал на големи национални и интернационални изложби и соработувал со уметнички списанија во Британија и во странство. Во 1954 година бил избран за член на Кралската академија на Камбрија. Во неговиот стил се присутни влијанијата од Париската школа, футуристите, Кандински и Макс Ернст, како и неговата опсесија со откривањето на просторот. Во 1952 година, заедно со други уметници членови на Институтот за современа уметност, Боувен ја основа Групата на слободни сликари и скулптори.
Секогаш во центарот на новите идеи и техники, незадоволен од ограничувањата што ги наметнувале постојните галерии, Боувен и неговите колеги ја отвораат „Њу вижн сенр галери“ во 1954 година. Тоа е прва галерија посветена на апстрактната уметност. Во 1984 година, заедно со уметниците Џон Белани и Дерек Кули, Боувен ја основа „Келтик вижн“, претставувајќи ги современите уметници од Келтскиот Регион на Ирска, Шкотска, Велс, Корнвол, Британија и Галиција во северозападна Шпанија. Во 1997 година Боувен изложува во „Даорама арт галери“ во Лондон заедно со Нино Спалоне, Пиндарос Михеладес и Стефан Корт, во чест на „КОСМОПОЛИС – Артист оф д скул оф Лондон“. Изложбата е поставена во 1964 година во „Витворт галери“ во Манчестер. Впрочем, негови дела се наоѓаат во голем број јавни и во приватни колекции во светот.
Историчарката на уметноста Соња Абаџиева неколку дена по смртта на Боувен, на 31 март 2006 година, во текст објавен во „Утрински весник“, меѓу другото, ќе посочи дека во монографијата издадена од галеријата „Белгрејв“ во Лондон, на залезот на неговата кариера, детално е исцртана картата на врските на Денис Боувен со нашата земја; од неговото учество на првиот македонски настан (со боја, музика и танц) во ателјето на Петар Мазев во Сарај (1973), до неговите зачестени и мошне активни присуства на ликовните колонии во Македонија.
Театар: Перформанс „Мачката Елеонора“
Перформансот „Мачката Елеонора“ ќе има две нови изведби на 15 (понеделник) и 16 април (вторник) во 20 часот во МКЦ Клуб. Перформансот „Мачката Елеонора“ е развиен во рамки на платформата за изведувачки уметности на Тиииит! Инк. „Испробување Феминистички Иднини 2.0“.
Неговата премиерна изведба беше на минатогодишното издание на МОТ и е сработен по истоимената монодрама на Карен Јес, со авторски текстови од колективот и текстови на Елфриде Јелинек, Пол Б. Пресиадо и Силвија Федеричи. „Мачката Елеонора“ нуди мноштво инспиративни, смели, но и предизвикувачки решенија и одговори за патот кон трансформацијата и предизвиците поврзани со чинот на отфрлање на светот во име на радикалната самоопределба. Колективот ги разработува овие процеси не само преку амбивалентниот лик на жената мачка Елеонора Гарацо, туку и преведувајќи ги во контекст на професионалниот, сексуалниот и родовиот идентитет преку комбинирање на текстуалната основа со свои авторски трудови и трудови од други автори/авторки.
Колективот составен од Моника Ангелевска, Грација Атанасовска, Јасмина Василева, Вероника Камчевска и Лазарус – кој беше одбран на отворениот повик на Платформата за изведувачки уметности ИСПРОБУВАЊЕ ФЕМИНИСТИЧКИ ИДНИНИ – ги разработува овие процеси преку амбивалентниот лик на жената мачка Елеонора Гарацо и преведувајќи ги во контекст на професионалниот, сексуалниот и родовиот идентитет преку комбинирање на текстуалната основа со свои авторски трудови и трудови од други автори/авторки.
Перформансот „Мачката Елеонора“ е продукција на Тииииит! Инк. – Скопје, со финансиска поддршка од The Kvinna till Kvinna Foundation, Equality Fund, The Sigrid Rausing Trust и Министерството за култура на РСМ.
„Неименувана“ – изложба на современи бајки за македонски хероини
Среде Јадро високо, текстуалните инсталации ни стојат!
Со повикот „Дојдете со нас во волшебниот свет на бајките и навлезете во современите бајки за македонските хероини кои ги напишаа учесничките на работилницата за креативно пишување со млади „Неименувана“, која се одржа во јануари 2024 година“ – на 17 април во КСП Центар Јадро со почеток во 19 часот ќе се одржи изложбата на која присутните ќе имаат можност да ги прочитаат современите бајки напишани посветени на партизанката Вера Јоциќ, архитектката Мимоза Несторова Томиќ, режисерката Билјана Гарванлиева, уредничката на списанието „Македонка“ – Веселинка Малинска и на партизанката Мара Нацева – Анка.
Под менторство на „Дума ин Сума“, неформална иницијатива за култура составена од компаратистките Марија Бошковска, Ивана Смилевска и визуелниот уметник Дарко Алексовски, десет средношколки се запознаа со бајки од цел свет, но и мимовите, активизмот и не-толку-познатата македонска, женска историја.
Присутните ќе имаат можност да го прочитаат нивното „Си било еднаш“ и да ги проследат текстуалните инсталации посветени на хероините, кои визуелно ги уреди уметникот Дарко Алексовски, како и да земат примерок од мини фанзини кои ги содржат бајките од младите авторки. По изложбата, текстуалните инсталации ќе бидат подарени на соодветни институции за култура и образование, соодветна според дејствувањето на секоја од хероините.
Текстуалната инсталација за Јоциќ ќе биде поставена во истоименото скопско основно училиште, инсталацијата за Несторова Томиќ во Музејот на Македонија, што е воедно една од ретките останати градби кои ги конструирала таа, а текстуалната инсталација за режисерката Гарванлиева ќе може да се види во Кинотеката на Северна Македонија. Инсталацијата за уредничката на списанието Македонка ќе биде поставена во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“, додека инсталацијата за Мара Нацева – Анка ќе биде поставена во НУЦК „Трајко Прокопиев“ – Куманово.
Текстуалните инсталации преку QR кодови ќе водат до целосните верзии на бајките, кои ќе се достапни и онлајн. Идејата зад работилницата и изложбата е популаризацијата на активностите вршени од македонските хероини низ историјата, кои иако подеднакво важни, не се подеднакво застапени во формалното образование.
За време на петдневната работилница за креативно пишување со млади, која се одржа во „Лабораториум“, учесничките имаа можност да откријат што е заедничко за Заспаната убавица и Марко Цепенков, од каде потекнува Пепелашка, но и македонски хероини кои со својот пркос придонеле кон едукативен, ослободителен и емпатичен развој во локален контекст.
-На работилницата буричкавме низ литературната светска и домашна историја, како и низ ќошињата на интернетот, барајќи ги сличностите и различностите на женското искуство преку фолклорните приказни и неименуваните автор(к)и на мимови и интернет содржини. Во тоа ни помогнаа гостин-менторите Дарко Алексовски и Хана Чурак (БиХ), администраторката на феминистичката платформа „Sve su to vjeshtice“ и „Тиииит! инк.“, велат учесниците.
Овој проект е поддржан од германското Министерство за надворешни работи и имплементиран од Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO).