Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ГЛЕДАЈ, ЧИТАЈ, СЛУШАЈ: „Лекциите на Блага“ од Командарев; патепис посветен на Артур Рембо; книги, филмови и изложби за Ацо Шопов; гастрономски прирачник од Пелегрино Артузи

За претстојниот викенд и за деновите од наредната недела ви препорачуваме филм, патепис, поезија, анимирани филмови, изложби и гастрономски прирачник. Гледајте, читајте, слушајте…

Филм: „Лекциите на Блага“ на Стефан Командарев

Сторијата на „Лекциите на Блага“ (Eine Frage der Würde / Blaga’s Lessons), бугарско-германска копродукција (2023 г., 115 мин.) во режија на Стефан Командарев, говори за пензионираната професорка Блага која станува жртва на телефонска измама заради која останува без животната заштеда и без пари за гробот на нејзиниот неодамна упокоен сопруг.

Пријавувајќи го случајот, таа сфаќа дека парите се неповратно изгубени. Зрак надеж во очајот носи примамлива, но сомнителна понуда за работа. Обидувајќи се да ја надомести изгубената заштеда, дотогаш чесната учителка почнува да губи нешто друго – своите принципи. Впрочем, и орогиналниот наслов на филмот Eine Frage der Würde преведен од германски значи – Прашање на достоинство.

„Лекциите на Блага“ е бугарски кандидат за Оскар за најдобар меѓународен филм. Режисерот Стефан Командарев е добро познат автор на домашната публика со неговите одличните филмови „Светот е голем и спасението демне отсекаде“, „Насоки“ и „Пресуда“, како и по соработката со македонските актери и продуценти (Мето Јовановски, Владимир Анастасов). Во неговиот најнов филм играат Ели Скорчева (во насловната улога), Герасим Георгиев, Розалија Абгаријан…

„Лекциите на Блага“ ќе има македонска премиера на манифестацијата „Медиумски фестивал Скопје“ (Media Festival Skopje) на 21 ноември во Kинотека.

Филмот на Командарев ја доби главната награда за најдобар филм, наградата за најдобра женска улога за Ели Скорчева и наградата на екуменското жири на годинашното издание на меѓународниот филмски фестивал во Карлови Вари. „Лекциите на Блага“ освои награди за најдобар филм и на фестивалите во Хихон (Шпанија), Денвер (САД), Аделаида (Австралија)…

Фокусот на седмиот „Медиумски фестивал Скопје“ што се одржува од 21 до 23 ноември во Кинотеката е на корупцијата и улогата на медиумите во борбата против неа.

Книга: Литературна посвета на Артур Рембо од Силвен Тесон

Издавачката куќа ИЛИ-ИЛИ издаде уште една книга од прекрасниот серијал „Едно лето со…“, овој пат посветена на легендарниот француски поет Артур Рембо, од Силвен Тесон.

„Едно лето со Рембо“ е патепис за животната и творечката таректорија на еnfant terrible – поетот, надреалист и симболист Артур Рембо. На тој пат, Силвен Тесон – и самиот вечен патник – ќе се обиде да го лоцира авторот како авангарда пред авангардата и да даде одговор на прашањето зошто неговата контроверзност провоцира и 150 години подоцна. Во времето кога светот беше парализиран од кинескиот вирус, Силвен Тесон „побегна“ истражувајќи го животот и делото на Рембо. Од тоа бегство произлезе оваа длабока (и објективна) анализа на појавата на францускиот автор како предвремена комета на литературното небо. Можеби Тесон успеа да го врами фундаменталното прашање: што е тоа што го прави Рембо толку историски важен книжевен феномен? И, кои индивидуални и колективни околности ја овозможија појавата на тој феномен?

Силвен Тесон е француски писател и патник-авантурист, роден на 26 април 1972 година во Париз. Бил дел од голем број необични патувања и експедиции кои се основа за неговите книги. Помеѓу неговите најуспешни дела се „Во сибирските шуми“ (Dans les forêts de Sibérie), за проект да се живее шест месеци сам во селска куќичка во Сибир, и „Уметноста на трпението“ (L’art de patience) за потрагата по снежните леопарди на Тибет. За таа книга ја добил наградата „Ренодо“ (Prix Renaudot). По образование е географ, но има и диплома по геополитика.

Ноќта помеѓу 21-ви и 22-ри август 2014 година, Тесон паднал од покривот на планинската куќа во Шамони при што се здобил со 4 фрактури на черепот и завршил во кома од којашто се разбудил со парализа на десната страна на лицето. По несреќата се одлучува да ја помине Франција пеш, што подоцна ќе е темата на неговата филмувана книга „По непознатите патеки“ (Sur les chemins noir). Тесон има напишано и две дела произлезени од радио-програмата од серијалот „Едно лето со…“. Ги напишал „Едно лето со Хомер“ (2017) и „Едно лето со Рембо“ (2020). 

„Едно лето со Рембо“ е петтата книга во едицијата „Виртус“, со што издавачката куќа ја продолжува тенденцијата барем еднаш годишно да ја израдува македонската читателска публика со дело од популарниот серијал. Преводот од француски на македонски јазик е на Валентина Новачева, а објавувањето на книгата е поддржано од Министерството за култура и Програмата за помош во издаваштвото на Францускиот институт.

Книги, анимирани филмови и изложби за Ацо Шопов

На 23 ноември (четврток) со почеток од 19 часот во Кинотеката ќе се одржи промоција на три книги, проекција на анимирани филмови и изложби посветени на Аво Шопов.

„Ацо Шопов – Невообичаено“ е насловен настанот на кој ќе бидат промовирани „Од онаа страна на Небиднината – Разговори со Светлана Шопова за Ацо Шопов“ од Иван Антоновски („Дијалог“); „Ацо Шопов: Песна над песните“, избор на Јасмина Шопова од поетското творештво, размислите, критиките и архивскиот материјал што го остави на Ацо Шопов („Сигмапрес“) и „Небиднина – графички омнибус“ од Жарко Иванов, Иван Ивановски, Владимир Лукаш и Крсте Господиновски („Флип Бук Букс“).

Посетителите ќе имаат можност да присуствуваат и на проекцијата на четирите анимирани филма од омнибусот „Небиднина“, во продукција Флипбук, и да видат две изложби: „Патот по кој чекорам“ (УНЕСКО) и „Величенствен поетски мост што ги поврзува сите континенти“ (СВП).

За книгите ќе разговараат Иван Антоновски, Маја Бојаџиевска, Жарко Иванов, Лидија Капушевска-Дракулевска и Јасмина Шопова.

Гастрономски прирачник: „Готвењето како наука и уметноста на убавото јадење“

Во рамките на годинешното издание на Неделата на италијанската кујна, Амбасадата на Р. Италија и издавачката куќа „Арс Ламина“ го презентираа македонското издание на првиот и најпознат италијански прирачник за готвење, објавен првпат во 1891 година од славниот гастроном и патописец Пелегрино Артузи„Готвењето како наука и уметноста на убавото јадење“.

Преведувач на делото е Јована Каранакиќ, а уредник на македонското издание – Надица Фирфова.

„Има една метафора во италијанскиот јазик, па често ќе ги слушнеме Италијанците како велат: ’Es tato una passeggiata‘ (тоа беше прошетка – метафора за лесна работа), од тој аспект ова воопшто не беше прошетка, односно преводот на оваа книга не беше воопшто лесна работа. Од друга страна, беше навистина многу убава прошетка низ вкусови, низ традиции, низ просторот и низ времето, низ италијанските региони, низ нивната флора и фауна и не само на Италија. Артузи бил многу начитан и образуван човек и ни пренесува информации за сите растенија и животни кои се споменати во книгата и нѐ шета исто така и низ Индија, Кина, Бразил, Јужна Америка итн.“, посочува преведувачката на делото Каранакиќ.

Уредничката на македонското издание, Надица Фирфова потенцира дека освен обемниот број рецепти (вкупно 790), кои можат да се користат како идеи за готвење и денес, авторот Артузи нуди и повеќе корисни совети за здравјето и начинот на исхрана, како еден вид потсетник и насоки за сите луѓе без оглед на просторот и времето кога живеат. Со тоа, може да се каже дека ова дело е совршена книга за сечиј дом и за секое семејство кое претпочита здрав начин на живот.

„Готвењето како наука и уметноста на убавото јадење“ од Пелегрино Артузи е книга што се смета за нераскинлив дел од италијанската култура, а во која се содржани многубројни различни рецепти, вклучително и десерти, џемови, ликери, сладоледи итн. Во книгата има и специјален додаток со избор на јадења за оние што имаат послаб желудник, но и предлог-менија за секој месец во годината.

Освен заради изобилството рецепти, оваа книга е значајна затоа што на оригинален начин го отсликува духот на едно изминато време. Артузи на читателите им се обраќа на хумористичен и ноншалантен начин, во духот на пријателски советодавец, вметнувајќи духовити анегдоти кај повеќето рецепти и опишувајќи ги сопствените искуства, но и историската важност на одредени јадења.

Иако е поминато повеќе од еден век од првото појавување на оваа книга, прирачникот на Артузи и денес се преобјавува и се преведува на повеќе светски јазици, а преводот од италијански на македонски јазик е прв и во нашето соседство.

Избрал: С. Синадинов

Зачлени се на нашиот е-билтен