За претстојниот викенд и за деновите од наредната недела ви препорачуваме филмови, концерт, книга. Гледајте, читајте, слушајте…
Концерт: Неофолк бендот „Калата“ на Мини фестивалот „Саботи на светска музика“
Со концертот на неофолк бендот „Калата“ на 17. февруари (сабота), во Јавна Соба започнува сесијата „Светско, а наше – Саботи на светска музика“.
„Калата“ е неофолк бенд од Скопје, Македонија, кој прави паралела помеѓу источната и западната култура, со акцент на традиционалната македонска музика. Без ограничувања, музичарите се потпираат на своите чувства и инспирација и со тоа, се слободни да го свират она што ќе го побара нивната имагинација.
Членови на „Калата“ се: Минела Богдановиќ – вокал; Марија Илиевска – бек вокал; Симеон Ангеловски – бас; Александар Бошков – гитара; Кирил Кузманов – саксофон; Дамјан Грујо – тапани.
Од 2018 година, „Калата“ настапува низ целата земја, вклучително и Д-Фестивал, Пин Музичка конференција и некои европски фестивали како MMVV (Barcelona) и Balkan Most Festival (Veszprem). Калата е исто така дел од MOST Music Programme – балканска музичка експорт програма, што поддржува светски музички уметници и бендови од Балканот.
Нивниот прв албум „Калата“ ќе биде објавен наскоро, а дел од овој материјал ќе биде претставен и пред публиката во Јавна Соба на 17. февруари.
Јавна соба веќе ги најави и следните домашни музички артисти кои се дел од овој проект (во форма на мини фестивал, секоја сабота, на најдоброто од нашата држава во жанрот – светска музика) прекрасната и уникатна Зарина Првасевда со својот бенд, како и веќе добро познатите „Фолтин“ од Битола.
Поради ограничениот број на публика, присуството на овие интимни музички сеанси ќе може да се резервира онлајн на drugastrana.mk.
Филмови: „Кучкар“ на Лик Бесон и „Големиот Лебовски“ на Џоел и Итан Коен
„Кучкар“ (DogMan) на сценаристот и режисер Лик Бесон (Luc Besson) веќе го понесе епитетот на филм кој го објаснува „синдромот Џокер“ (филмот „Џокер“ на Тод Филипс од 2019 г. со Жоакин Феникс), или во каков човек може да израсне една скршена детска душа.
Идејата за приказната Бесон ја нашол во новинската сторија за едено петгодишно дете затворено во кафез од страна на неговите родители. Во „Кучкар“ – инаку, француски филм според продукцијата, на аглиски и шпански јазик – сведочиме на животната рекапитулација на Даглас, кој како дете е страшно малтретиран од неговиот татко, суров одгледувач на кучиња за борби. Неговиот „метод“ е прост – ги изгладнува кучињата, па кога Даглас ќе се сожали и ќе се обиде да ги нахрани, и самиот е фрлен кај нив. Но, гладните кучиња наместо да го распарчат, го штитат и чуваат малиот Даглас, на чудење на таткото и постариот брат, кој не заостанува во малтретирањето. Бремената мајка не можејќи да го издржи сето тоа, а сакајќи да го го роди третото дете во нормална средина, го напушта семејството.
Даглас доживува уште една пострашна траума: татко му го ранува со пушка и останува со парализирани нозе. Иако завршува во дом за незгрижени деца, фасциниран од асистентката која им предава литература и драма, Даглас постојано с еобразува, иако живее на маргините на општеството со своите кучиња. Од таа позиција, како модерен „кучкарски“ Робин Худ, создава свој „самоодржлив систем“, обезбедувајќи финансии за издржување на десетиците бездомни кучиња од најразлични раси во неговото засолниште…
Кајлеб Ландри Џоунс (Caleb Landry Jones) е извонреден во улогата на Даглас, креирајќи лик како амалгам на Ханибал Лектор (Ентони Хопкинс во „Кога јагнињата ќе стивнат“) и полковникот Курц (Марлон Брандо во „Апокалипса сега“). „Кучкар“ е питок метафоричен филозофски трактат за денешниот човек, отфрлен од средината и постојано во борба за опстанок: затоа Даглас го наоѓа неговиот интимен „шелтер-центар“ во друштвото на трансвеститите, каде што добива можност да биде тоа што посакувал.
Џоунс ја предводи одличната актерска екипа составена од Клеменс Шик, Мајкл Гарза, Кристофер Денам, Јојо Гибс, Грејс Палма (Clemens Schick, Michael Garza, Christopher Denham, Jojo T. Gibbs, Grace Palma).
„Кучкар“ може да се погледне на VoD платформите.
„Големиот Лебовски“ (The Big Lebowski) на сценаристите и режисери Џоел и Итан Коен (Joel Coen, Ethan Coen) е дел од програмата „Великаните на ‘Браќа Манаки’“ што месецот е на програмата на Кинотеката. Кинематографер на филмот е Роџер Дикинс (Roger Deakins), еден од најславните сниматели што зачекориле на црвениот тепих на битолскиот фестивал.
Дикинс е добитник на наградата „Златна Камера 300“ за животен опус на ИФФК „Браќа Манаки“ во 2018 година. Досега забележал 16 номинации за Оскар за најдобра филмска камера, а освоил две статуетки. Петкратен добитник е на ASC наградата на Американското здружение на кинематограферите, како и на наградата на ASC за животен опус. Петкратен добитник е и на наградата БАФТА за најдобра кинематографска работа, како и двократен добитник на наградата Independent Spirit Award за најдобра кинематографска работа. Дикинс, меѓу другото, е познат по креативната соработка со режисерите Денис Вилнев (Канада), Сем Мендез (В. Британија), Мартин Скорсезе, Френк Дарабонт (САД)…
Во „Големиот Лебовски“ (1998 г., 117 мин., колор, 35мм) главен лик е Џеф „The Dude“ Лебовски (Џеф Бриџис / Jeff Bridges), опуштен, мрзелив и страстен играч на куглање од Лос Анѓелес. Тој е жртва на напад, во кој му го уништуваат неговиот скапоцен тепих. Дознава дека нападот е поради погрешен идентитет, го помешале со милионерот кој се вика исто како него – Џеф Лебовски. Ќе замине да побара замена за својот уништен тепих и ги ангажира своите пријатели од кугланата да му помогнат…
Во овој филм браќата Коен, типичен за нивниот стил, играат и Џон Гудман, Џулиан Мур, Стив Бушеми, Дејвид Хадлстон, Џон Тортуро (John Goodman, Julianne Moore, Steve Buscemi, David Huddleston, John Turturro).
Проекцијата на „Големиот Лебовски“ е на 21 февруари (среда) од 20 ч.
Книга: Роман „Куќа на духови“ од Изабел Аљенде
Романот „Куќа на духови“ првпат е објавен на шпански јазик во 1982 година и за многу краток период станал интернационална сензација, издигнувајќи ја Изабел Аљенде во нова ѕвезда на книжевното небо, не само во шпанското јазично подрачје туку во целиот свет.
Во следните десеттина години книгата доживела неверојатни над 400 изданија на десетици различни јазици како и филмска адаптација од 1993 година со Џереми Ајронс, Мерил Стрип, Глен Клоуз, Винона Рајдер, Антонио Бандерас и Ванеса Редгрејв во главните улоги. Денес книгата се смета за современ класик – своевидна сага за четири генерации на семејството Труеба, нивните драматични семејни односи, успеси и падови.
Во „Куќа на духови“, издание на „Антолог“, го следиме Естебан Tруеба, конзервативен човек, многу строг и жртва на избувливиот карактер и политичките амбиции. Нив ги ублажува само љубовта кон неговата мистична сопруга, Клара, која има дар да ја предвидува иднината и да се поврзе со светот на духовите. Нивната ќерка Бланка е во забранета врска со маж кој Естебан го смета за недостоен. Таа на својот татко му создава многу нервоза, но ќе му ја донесе и најголемата радост: внуката Алба. Убава и паметна девојка која ќе настрада поради политичката определба на човекот што го сака. Во заднината на романот ги следиме општествените превирања во земјата во период што опфаќа голем дел од XX век без да се споменат директно имињата на историските личности, но во ликот на Кандидатот/Претседателот се препознава Салвадор Аљенде, а на Поетот – Пабло Неруда.
Авторката го комбинира натприродното со лична верзија на магичниот реализам создавајќи заплет во кој се испреплетуваат секојдневното и магичното, љубовта и револуцијата, личните идеали и суровата политичка реалност. „Куќа на духови“ е прогласен за роман на годината во Чиле, а на Аљенде ѝ ја донел и националната награда Panorama Literario.
Изабел Аљенде е внука на првиот социјалистички претседател на Чиле, Салвадор Аљенде, а „Куќа на духови“ започнала да ја пишува како писмо до својот стогодишен дедо во моментот кога дознала дека тој е на смртна постела. Романот е меѓу школските примери за магичен реализам и пишуван е под влијание на „Сто години самотија“ на Габриел Гарсија Маркес. Преводот е на Виолета Јагев, а книгата е објавена со поддршка од страна на Министерството за култура и спорт на Шпанија.
Изабел Аљенде (1942) повеќе од триесет години била посветена на новинарството, социјалните активности и на правата на жените, од каде што црпи инспирација за своите дела, кои содржат аспекти од магичниот реализам. Споредувана е со Кафка и со Маркес. Во 2004 година била примена во Американската академија за уметности и книжевност, а во 2010 година ја добива Националната награда за литература на Чиле. Претседателот Барак Обама ѝ го доделува Претседателскиот медал на слободата во 2014 година. Живее во Калифорнија, САД. „Куќа на духови“ е втора нејзина книга во превод на македонски, по „Долга реса крај морето“.
Преведувачката Виолета Јагев (1953) е дипломиран инженер технолог и преведувач од шпански јазик. Живеела во Перу 17 години, каде што на шпански јазик завршила основно и средно образование. Со преведување се занимава од 1979 година и има над 40 книжевни преводи. Добитник е на наградата за превод „Ванѓа Чашуле“ во 2012 година и на наградата „Кирил Пејчиновиќ“ за преведувачкиот опус во 2017 година на Советот на Меѓународната средба на книжевните преведувачи.