Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ГЛЕДАЈ, ЧИТАЈ, СЛУШАЈ: Нов вестерн на Кевин Костнер, Данска потрага по среќа, изложба на дизајн, концерт на „Скопско лето“

За претстојниот викенд и за деновите од наредната недела ви препорачуваме филм, книгa, изложба, концерт… Гледајте, читајте, слушајте…

Филм: „Хоризонт: Американска сага“ на Кевин Костнер

Филм натопен со крв, дводелен поглед на експанзијата на американскиот Запад, раскажан од перспективата на сточарите, фармерите и војниците кои градат иднина за себе во „Новиот свет“, како и припадниците на домородното население кои прво живееле таму.

Костнер е режисер, актер, продуцент и ко-сценарист на оваа приказна под насловот „Хоризонт: Американска сага“. Се работи за прво поглавје од најавената сага за историјата на американскиот Див Запад, поточно за период од деценија и пол пред и по граѓанската војна, за експанзијата и населувањето на белците и судирите со домородните Американци познати како Индијанци…

Ако постои некој автор кој не се откажува лесно, тогаш тој се одѕива на Кевин Костнер. Изминативе триесетина години Костнер, како никој друг актер, режисер и продуцент, беше упорен во креирањето епски стории на големото платно.

Двократниот „оскаровец“ со „Танц со волците“ (Dances with Wolves) од 1991 година потоа имаше два мега-проекти – актер во „Воден свет“ (Waterworld) и актер и режисер на „Поштарот“ (The Postman) – но и двата поминаа неславно на кино-благајните. Сепак, од денешна перспектива, се работи за повеќе од солидни филмови кои беа на многу начини потценети од страна на критиката и публиката.

Во актерската екипа на „Хоризонт“ се Сиена Милер, Сем Вортингтон, Џовани Рибиси, Џена Мелоун, Аби Ли, Мајкл Рукер, Дени Хјустон, Лук Вилсон, Изабел Фурман, Татанка Менс, Овен Кроу Шу, Џејми Кембел Бауер и Томас Хејден Чрч.

Филмот на Костнер имаше премиера во Кан во мај годинава. „Хоризонт: Американска сага“ трае три часа, а Костнер најави „уште три“ делови од франшизата „Хоризонт“, која треба да го добие второто продолжение веќе во август.

„Продор“ – финална изложба на студентите на „Скала“

На 6 јули (сабота) во 20 часот, во просториите на Јавна соба во Скопје, ќе се одржи финалната изложба „Продор“ на студентите од академиите во „Скала“.

Во рамки на изложбата, ќе бидат претставени повеќе од 500 дела на 140 студенти од генерацијата 2023/24 год. Односно, публиката ќе има можност да погледне илустрации, филмови, графички дизајн-решенија, дизајн на мебел, проекти за ентериерно уредување, модни креации и модни илустрации, фотографии, како и работни процеси, технички цртежи и скици.

„Запознајте ја новата дизајн сцена! Оваа изложба е извонредна можност за нашите студенти да ги претстават своите дела пред пошироката публика, да создадат контакти коишто ќе им бидат од голема корист за нивниот креативен и професионален развој и секако, да го прославиме заедничкиот труд од изминатата година“ – изјави Ана Секуловска, наставен координатор на „Скала“.

„Скала“ е Школа за дизајн и технологија, којашто веќе 13 години ги создава најквалитетните кадри за индустриите на новото време.

„Преку нашата работа, го поттикнуваме креативниот и интелектуалниот потенцијал, како и високите стандарди на нашите студенти, подготвувајќи ги да станат влијателни креатори и иноватори во своите области“, велат од „Скала“.

Концерт: ФАМЕ’С Институт и АРТВАРК квартет на „Скопско лето“

ФАМЕ’С Институтот ќе одржи концерт во рамките на годинешното издание на фестивалот Скопско Лето во Сули Ан, во Стара Скопска Чаршија, на 6 јули (сабота) со почеток од 20.30 часот.

Оркестарот на ФАМЕ’С Институтот го сочинуваат млади талентирани музичари од цела Европа. Тие ќе имаат можност на овој концерт да настапат заедно со светски признатиот диригент Конрад ван Алфен, веќе познат на нашата публика.

На концертот ќе настапи и популарниот Џез саксофонски квартет ,,АРТВАРК” од Холандија, чијашто музика ќе биде изведена на овој концерт.

Покрај композициите напишани од членовите на АРТВАРК квартетот, на програмата на овој концерт ќе биде изведен и Концертот за гудачи од Нино Рота.

Книга: „Мала книга за лике“ од Мајк Викинг 

Мајк Викинг, авторот на меѓународните бестселери „Мала книга за хиге“ и „Уметноста на создавање спомени“, неодамна ја публикуваше и „Мала книга за лике: данската потрага по најсреќните луѓе на светот“.

Книгата преведена на македонски јазик, како и претходните две дела на Викинг, е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

Мајк Викинг (Meik Wiking), директор на единствениот светски Институт за истражување на среќата во Копенхаген, е истражувач на среќата и најпродаван автор на листата на „Њујорк тајмс“, а во оваа книга открива зошто Данска често ја нарекуваат најсреќна земја на светот. Покрај тоа што на своите жители им нуди совршена рамнотежа помеѓу деловниот и приватниот живот, бесплатно високо образование и беспрекорен распоред на возови, таа го надминува остатокот од светот и во однос на бројот на запалени свеќи по домаќинство.

Сепак, иако е можно да се научи многу од Данците во поглед на уживањето во животот, клучните тајни на среќниот живот треба да се откријат насекаде низ светот. Во оваа фасцинантна книга, авторот нè води на лов на богатство за да ја отклучиме вратата за квалитетниот живот. Собирајќи податоци, искуства и совети од најсреќните краишта на светот, тој ни кажува како да го трошиме скапоценото време, како да се однесуваме со соседите или како да приготвиме вечера.

Никој не знае повеќе за среќата – која Данците ја нарекуваат lykke – од Мајк Викинг. Неговата работа е да патува низ светот, да ги бара најсреќните луѓе и да открие што прават поинаку. Во „Малата книга на лике“ тој открива што пронашол. Ова волшебно читање содржи студии на случај од Бутан до Австралија, Јужна Кореја до Канада, Франција до Данска. Напишана со истиот топол тон како феноменалниот бестселер „Малата книга за хиге“, ​​оваа лесно разбирлива книга ќе го промени начинот на кој размислувате за тоа како се однесувате со вашите соседи, ритуалите околу готвењето и јадењето вечера и кога да го резервирате следниот празник – и гарантирано ќе предизвика насмевка на вашето лице.

Зачлени се на нашиот е-билтен