ГЛЕДАЈ, ЧИТАЈ, СЛУШАЈ: Македонската шансона на „Пијан славеј“, словачки филмови, париските рефлексии во македонското сликарство, „Мојата прва библиотека“

За претстојниот викенд и за деновите од наредната недела ви препорачуваме филмови, концерт, изложба, книги… Гледајте, читајте, слушајте…

Концерт: „Пијан славеј“ во Јавна соба

Во рамките на фестивалот World Music Saturday во Јавна Соба, под мотото „Светско, а наше – Саботи на светска музика“ утревечер (сабота, 23. март) во Јавна Соба концерт ќе одржи „Пијан славеј“.

„Пијан славеј“ е музичко-поетски формат на Бранислав Николов од групата “Фолтин”, заедно со Пеце Трајковски, Славчо Јовев, Андреа Мирческа и Гоце Јованоски, во чие срце е идејата да се креира една нова македонска шансона. Инстинктивно го осовременуваат стариот вкус на музичката поезија од шеесеттите и седумдесеттите години на минатиот век.

Групата е формирана кон крајот на 2021 г. Првиот настап го имаат на скопскиот “OFFest”, а наредната година, “Скопскиот џез фестивал” го издава нивното прво и истоимено ЕП. Понатаму настапуваат на “D-festival” и на фестивалот “Druga Godba” во Љубљана, Словенија.

“Песни кои се потпираат на оригиналноста и шармот на неговите стихови – од кои „Парфем“, „Крв да ни се стори“, „Сонце“ веќе солидно се извртеа на социјалните мрежи – но уште повеќе со енергијата која се чини само нему му е својствена, а нам на навивачите и тоа како позната. Притоа, возен од неговите придружници инспиративно слезе до срцевината на македонската поп сцена од седумдесеттите, си дозволи наново да им се обрати на значајните претставници на шансоната во глобални рамки”, оценува музичкиот критичар Љупчо Јолевски.

Пијан Славеј/Бранислав Николов – глас, гитара, пијано; Пеце Трајковски – Брада – гитара, синт; Гоце Јованоски – бас, и Славчо Јовев – тапани ја воскреснуваат македонската шансона.

Филм: Ретроспектива на класичниот словачки филм

В сабота (23 март) од 20 ч. со селекција на класици на словачката кинематографија од периодот на комунистичка Чехословачка во Кинотеката започнува Ретроспективата на класичниот словачки филм.

Ретроспективата вклучува филмови од различни видови и жанрови (играни, документарни, анимирани и кратки филмови), и е организирана со помош на Словачкиот Филмски Институт и Словачката амбсада во Скопје.

В сабота на програмата се документарните филмови „Дојди кај нас Олд Шетрхенд“ (Prišiel k nám Old Shatterhand) и „Слики од стариот свет“ (Obrazy starého sveta/Pictures of the Old World).

„Дојди кај нас Олд Шетрхенд“ (1966, 12 мин., Црно бел, ДЦП); Режија и сценарио: Душан Ханак (Dušan Hanák)

Саркастичен приказ на животот зад железната завеса. Наспроти фонот на конфронтацијата која е во прв план меѓу локалците и испитувачките странци, режисерот Душан Ханак преку различни забавни визуелни и звучни ситуации ни ја открива исцрпеноста на социјалистичкото општество, изморено од градењето „посветла иднина“ и укажува на степенот на заостанатост и рамнодушност на тие кои живеaт во него.

„Слики од стариот свет“ (Obrazy starého sveta/Pictures of the Old World)

1962, 64 мин., Црно бел, ДЦП; Режија и сценарио: Душан Ханак (Dušan Hanák).

Филмот прикажува повеќе живописни портрети на стари луѓе од словачките региони Липтов и Орава, кои живеат во внатрешна слобода и покрај цивилизацискиот хаос кој ги опкружува. Инспириран од фотографиите на Мартин Мартинчек, во овој филм режисерот Душан Ханак ја користи својата чувствителност во прикажувањето на навистина уникатни ликови, нивните оригинални ставови кон животот и нивната восхитувачка невиност.

„Слики од стариот свет“ е еден од највлијателните словачки филмови на сите времиња. Поради критичниот однос кон тогашното социјалистичко уредување филмот долго време беше забранет, и својата официјална премиера ја имаше дури 1988 година. Во 2000 година филмската критика го прогласи за најдобар словачки филм на 20-тиот век.

25 март (понеделник), 20:00 ч.

„Промоција“ (Postup/Promotion)

Анимација, Чехословачка, 1968, 6 мин., колор, ДЦП

Режија и сценарио: Виктор Кубал (Viktor Kubal)

Белата врана не може да лета, но толку убедливо мавта со крилјата што добива работа како сообраќаен полицаец. Првиот ден завршува со судир на велосипед и човек кој јава вол. Наместо казна следуваат почести и удар за подобра позиција. Следуваат судири, хаос и понатамошна промоција.

„Случајот на Кос Барнабаш“ (Prípad Barnabáš Kos/The Barnabáš Kos Case)

Игран филм, Чехословачка, 1964, 68 мин., Црно бел, ДЦП

Режија: Петер Солан (Peter Solan); Сценарио: Петер Карваш, Алберт Маренчин (Peter Karvaš, Albert Marenčin); Улоги: Јан Бздух, Јозеф Кемр, Јармила Костова (Jan Bzduch, Josef Kemr, Jarmila Kostova).

Сатирична комедија што го критикува лицемерието и ги илустрира трагикомичните последици од подемот и падот на еден совесен музичар. Тоа е Барнабаш Кос, трианглист во симфониски оркестар кој еден ден ненадејно е назначен за директор. Отпрвин го одбива унапредувањето, но постепено почнува да ги разбира механизмите за напредок во кариерата. Кафкијанска комедија за апсурдите на секојдневниот живот во комунистичка Чехословачка.

26 март (вторник), 20:00 ч.

„Крстопати“ (Križovatky/Crossroads)

Документарен филм, Чехословачка, 1965, 11 мин., Црно бел, ДЦП

Режија и режија: Ладислав Куделка (Ladislav Kudelka)

Главниот град на Чехословачка во средината на 1960-тите. Фељтонистичко набљудување на улиците на Прага, нејзините преполни жители, траектории на луѓе од метрополата од различна возраст, воспитување, пол, националност или популарност кои постојано се наоѓаат на крстопат одлучувајќи за нивниот понатамошен правец – каде да се упатат тој ден и во нивните животи .

„Клучни години“ (Kristove roky/The Prime of Life)

Игран филм, Чехословачка, 1967, 92 мин., колор, ДЦП

Режија: Јурај Јакубиско (Juraj Jakubisko); Сценарио: Меир Донал, Јурај Јакубиско (Meir Dohnal, Juraj Jakubisko); Улоги: Јиржи Сикора, Јана Стехнова, Владо Милер (Jirí Sýkora, Jana Stehnová, Vlado Müller)

Дебитантски филм на режисерот Јурај Јакубиско, еден од најдобрите словачки режисери на 20 век. Сторија за сликарот Јурај, Словак, кој живее во Прага и беспомошно размислува за бесцелноста на својот живот. Поголемиот дел од своето време го поминува во пиење, женкарење и позајмување пари од познајници. Но, доаѓа време кога конечно треба да донесе одлука – да избере меѓу двете жени, меѓу селото и градот. Неговата уметност или неговиот занает. Јурај копнее да се занимава со уметност, но во исто време многу добро знае дека мора да работи нешто за да преживее…

28 март (четврток), 20:00 ч.

„Мистериозниот дедо“ (Tajomný dedo/The Mysterious Old Man)

Анимација, Чехословачка,, 1943, 4 мин., црно бел, ДЦП

Режија и сценарио: Виктор Кубал (Viktor Kubal)

Голем студ. Мистериозна фигура, впечатливо потсетува на Дедо Мраз, излегува од електричен столб со висок напон во блесок од искри. Пристигнува во снежното село. На рамо носи голема испакната вреќа. Што има во него? Иднината.

„Бандитот Јурко“ (Zbojník Jurko/Brigand Jurko)

Анимација, Чехословачка, 1977, 79 мин., колор , ДЦП

Режија и сценарио: Виктор Кубал (Viktor Kubal)

Во една бурна ноќ во село во подножјето на планините се раѓа дете. Му даваат име Јурко. Кога неговата мајка ја одвлекуваат во замокот, една самовила го лула новороденчето. Како што минуваат годините, Јурко мора да го трпи угнетувањето на сиромашните. Доста еа. Јурко заминува во планините за да им се придружи на разбојниците. Сепак, му недостига сила за работата. Повторно, самовилата го посетува и му дава магичен појас со натчовечки сили.

„Бандитот Јурко“ е првиот долгометражен словачки анимиран филм.

29 март (петок), 20:00 ч.

„Два добри пријатели“ (Dvaja dobrí kamaráti/Two Good Friends)

Анимација, Чехословачка, 1972, 8 мин., колор , ДЦП

Режија и сценарио: Виктор Кубал (Viktor Kubal)

„Златната треска“ на Дивиот Запад. Во потрага по златото се двајца добри пријатели. Еден од нив наоѓа огромно златно јајце во потокот, му го го дава на својот придружник, но тој не го сака. Другиот наоѓа уште повеќе злато. Што да се прави со толку богатство?

„Ноќни јавачи“ (Noční jazdci/Night Riders)

Игран филм, Чехословачка, 1981, 91 мин., колор, ДЦП

Режија: Мартин Холи (Martin Hollý); Сценарио: Тибот Вихта (Tibor Vichta); Улоги: Радослав Брзобохати, Михал Дочоломански, Соња Валентова (Radoslav Brzobohatý, Michal Dočolomanský, Soňa Valentová)..

Своевиден вестерн, авантуристички спектакл кој се случува во Чехословачка непосредно по Првата светска војна, со сторија за Едо Халва и Марек Орбан, двајца бивши војници кои се бореле за истите идеали за слобода во Првата светска војна. Да се сретнале во рововите, сега ќе би биле пријатели. По војната, Едо се приклучува на полицијата на новоформираната Чехословачка република. Марек, пак, се враќа во своето село за да обезбеди подобар живот за сите свои соседи, со план за кој се потребни многу пари. Затоа секоја вечер ја минува границата шверцувајќи коњи. Во текот на денот, двајцата мажи се почитуваат. Ноќе пукаат да убијат без око да им трепне. Едниот носи униформа, другиот е одметник. Секој од нив се бори во име на својата вистина.

Изложба: Трет дел од „Париски рефлексии“ во Чифте амам

Денес (петок, 22 март) на пладне во Чифте амам беше отворено третото продолжение од циклусот изложби под наслов „Париски рефлексии“. Изложбата е организирана од Францускиот институт во Скопје и Националната галерија, во рамките на одбележување на Месецот на Франкофонијата.

Изложбата која го носи предзнакот 3, претставува избор на дела од третата генерација македонски уметници кои реализирале студиски престој, дел како добитници на тогашната државна награда „Моша Пијаде“, но и преку специјализации и дополнување на образованието, изложби или на извесен начин во дел од нивното творештво биле поврзани со центарот на светската уметност – Париз. Со тоа, секој со своето препознатливо творечко кредо, извршиле влијание врз развојот на македонската уметност, особено во доменот на пренесување и продлабочување на влијанијата на енформелот, надреализмот, новата фигурација, геометризмот и останатите тогаш актуелни светски тенденции.

Васко Ташковски

Во оваа селекција се вклучени авторите кои се родени по 1930 година и ја дефинирале ликовната сцена кај нас во седмата и осмата деценија на 20. век, а се значајни и по нивната педагошка дејност (многу од нив стануваат професори на Академијата за ликовна уметност во Скопје): Нове Франговски, Душан Перчинков, Родољуб Анастасов, Танас Луловски, Ристо Калчевски, Ана Темкова, Глигор Чемерски, Драгутин Аврамовски – Гуте, Кирил Ефремов, Александар Ристески, Васко Ташковски, Кирил Гегоски, Милош Коџоман, Виолета Чауле, Таки Павловски, Рубенс Корубин, Доне Миљановски, Благоја Николовски (сликари). Боро Митриќески, Стефан Маневски, Васил Василев, Драган Попоски Дада, Борис Николовски (скулптори).

Душан Перчинков

Куратор на изложбата е Маја Чанкуловска-Михајловска, виш кустос во Националната галерија. Сите претставени дела, од кои повеќето се ретко изложувани, се дел од Колекцијата на Националната галерија.

Книги: Новиот воспитно-образовен комплет „Мојата прва библиотека“ од Деспина Мукоска

Со мисија да им помогне на децата во првите чекори во самостојно читање, како и да даде значајна поддршка на наставниците за време на часовите, професорката по одделенска настава Деспина Мукоска го креира проектот „Мојата прва библиотека“. Новиот воспитно-образовен комплет со 31 книга за почетно читање, е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Изданието за деца е илустрирано од Калиопи Трпчева.

Комплетот беше промовиран во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, во присуство на многубројни наставници, читатели и претставници на медиумите. Промотори беа проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, проф. д-р Јасмина Делчева-Диздаревиќ и Владанка Д. Миче, а во улога на модератор беше Татјана Димовска-Атанасова од „Арс Ламина“.

„Мојата прва библиотека“ го учи најмладиот читател-почетник како самостојно да научи да чита и истовремено да ја развива љубовта кон читањето. Претставува современо дидактичко помагало што треба да одговори на сè позачестената појава децата да научат да читаат, делумно или целосно, уште пред да тргнат во училиште.

-Креирањето на „Мојата прва библиотека“ претставува плод на мојата многу прагматична потреба и неопходност да ги описменам моите ученици на мајчин јазик „сега и веднаш“, а во еден меѓународен образовен амбиент, каде што учениците веќе беа сериозно навикнати на шаренилото од извори/ресурси за учење… Моите размислувања на оваа тема, всушност, почнуваат во мојот преднаставен период, кога за време на моите патувања се најдов во четири меѓународни училници: во Њујорк и Хјустон (САД), Виена (Австрија) и Ксајмен (Кина). Таму се запознав со концептот – книга наместо збиен текст на една страница и со концептот – читање на соодветно читателско ниво и постоење на сетови – книги на различни читателски нивоа… Подоцна, преку мојата работа како наставник ја согледав неопходноста за создавање не само книги за почетно читање на македонски јазик туку и цел пакет – книги на нивоа, но и национална програма за читање, како и соодветни инструменти за следење и јакнење на читателските навики…,, посочи авторката Деспина Мукоска, наставник по македонски јазик во меѓународни училишта НОВА.

Проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска истакна дека една од педагошките цели е младиот читател да добие чувство дека прочитал книга, а следствено и мотивација да продолжи со читање на наредната книга.

Книгите во сетот се читаат по редослед, од книга 1 кон книга 31, следејќи ги трите нивоа: црвено, жолто и зелено. Се следат изучените букви напишани на задната корица. Со овие сликовници се создава поттик и мотивација за читање поради соодветноста со нивото на читачката вештина. Со совладување на секоја буква и текст од сликовниците, детето има чувство дека прочитало цела книга. Детето на тој начин ја гради, чекор по чекор, својата прва библиотека, составена од првите книги кои може самостојно да ги прочита.

Проф. д–р Јасмина Делчева-Диздаревиќ нагласи дека „Мојата прва библиотека“ има цел да го воведе детето во првата писменост.

Овие книги паралелно можат да се применат и во училиште, од причина што претставуваат дополнителен дидактички материјал во процесот на почетното описменување, а според методот на описменување (аналитичко-синтетички гласовен метод, со елементи на глобалното читање) се компатибилни со учебникот по македонски јазик за прво одделение.

Владанка Д. Миче, која е одделенска наставничка во ООУ „Христијан Тодоровски-Карпош“ – Скопје, вели дека овој воспитно-образовен комплет може и треба да го има во секоја училница и школска библиотека.

Комплетот „Мојата прва библиотека“ визуелно е збогатен со цртежи од илустраторката на книги за деца Калиопи Трпчева. Таа вели дека со задоволство визуелно ги „оживеала“ 31-та приказна во оваа публикација.

Треба да знаете
Moже да ве интересира