За претстојниот викенд и за деновите од наредната недела ви препорачуваме филм, роман, ТВ серија. Гледајте, читајте, слушајте…
Филм: Ретроспектива на филмовите на Петра Пан продукција
Од 24 до 28 ноември во Кинотеката ќе се одржи Ретроспектива на филмски остварувања на „Петра Пан продукција“. Ретроспективата содржи седум филмски остварувања од документарниот жанр и играниот жанр.
Ретроспективата се одржува во рамките на проектот „Месец на европски филм“, реализиран од мрежата на киносали „Еуропа синемас“. Целта на овој проект е во 70 различни европски градови, преку различни европски филмови, да презентира специјални програми, настани и филмски ретроспективи.
Ретроспективата на „Петра Пан продукција“ ќе биде отворена на 24 ноември (петок), во 18 часот, со проекција на документарниот филм „Бабичките на револуцијата“ (документарен филм, Словенија / Куба, 2006, 96 мин., колор, СД-видео) по сценарио на Бранд Ферро и Петра Селишкар, во режија на Петра Селишкар.
Филмот претставува интимна приказна за еден пар и нивните семејства кои имале слична судбина во периодот на Втората светска војна. Тоа ги натерало Петра Селишкар и Бранд Ферро да го направат овој документарен филм, кој ги однесе во Словенија, Македонија и Куба, од каде што потекнуваат нивните баби и дедовци. Филмот е полн со емотивни и комични елементи и нè воведува во верувањата во три различни идеологии.
Истата вечер во терминот од 20 часот ќе следува проекција на филмот „Тело“ (документарен филм, Словенија / Македонија / Хрватска, 2023, 92 мин., колор), трогателна долгометражна приказна на режисерката Петра Селишкар која опфаќа две децении од чудесниот живот на Уршка Ристиќ, блиска пријателка на режисерката Селишкар, додека се бори со ретки автоимуни болести. На проекцијата на „Тело“ ќе присуствува Митко Филев, еден од протагонистите во филмот, кој ќе одговара на прашањата од публиката по проекцијата.
На 25 ноември (сабота), во 18 часот, ќе биде прикажан филмот „Се прашувам кога ќе ти недостигам“ (игран филм, Италија / Словенија, 2019, 90 мин., колор) во режија на Франческо Феи со сценарио на Кјара Барзини, Франческо Феи, Лука Инфаскели. Станува збор за драмска комедија, бајка која се занимава со клучни теми, како што се тинејџерската нелагодност, важноста на волјата и моќта на сонот, а раскажана со реализам и поезија.
Во терминот од 20 часот, на 25 ноември ќе биде прикажан музичкиот документарец „Мојот превртен свет“ (документарен филм, Словенија / Македонија / Хрватска, 2016, 74 мин., колор) со сценарио и режија на Петра Селишкар. Филмот ја раскажува животната приказна на еден сестран словенечки уметник со сериозно оштетување на мозокот, наречено разум.
Ретроспективата ќе продолжи на 27 ноември (понеделник), во 20 часот, со проекција на филмот „Денови на лудило“ (документарен филм, Хрватска / Словенија, 2018, 73 мин., колор) по сценарио и во режија на Дамиан Ненадиќ. Преку партиципативниот метод на снимање филм, приказната нè води низ деинституционализацијата и социјализацијата на ментално болните лица.
Последната вечер на ретроспективата, на 28 ноември, е посветена на бендот и пријателите на култниот скопски состав „Бернајс пропаганда“ и ќе донесе две филмски остварувања.
Во терминот од 18 часот е проекцијата на „Мама Европа“ (документарен филм, Словенија / Македонија / Хрватска, 2013, 90 мин., колор) по сценарио на Петра Селишкар и Терра Ферро Селишкар, во режија на Петра Селишкар.
„Мама Европа“ е приказна за Европа видена низ очите на шестгодишната Тера. Родена на Балканот, но израсната како граѓанин на светот од татко со кубанско-македонско потекло и мајка со словенечки корени, малата Тера многу бргу учи што е тоа граница.
Во 20 часот ќе биде прикажан музичкиот документарец „Ако никој не свири“ (документарен филм, Македонија, 2010 г., колор, 54 мин., СД-видео) по сценарио и режија на Ѓорѓи Јаневски, кој ќе биде присутен на проекцијата и ќе одговара на прашањата од публиката.
Филмот одблиску ги следи почетоците на бендот „Бернајс пропаганда“ низ секојдневниот предизвик да се живее за музиката и е приказ на подземната историја на скопската рокенрол сцена, за нејзиниот автентичен урбан сензибилитет и неисцрпна креативна енергија.
Книга: Романот „Идис“ на Робер Бадентер
Наредниве денови од печат излегува романот „Идис“ на Робер Бадентер, во издание на „Или-Или“. Бадентер ја напишал книгата од почит кон својата баба по мајка, Идис. Можеби малку необично за книжевната публика, ова е можност да се сретнат со еден „поинаков“ автор.
Бадентер создал неверојатен приказ на животот на неколку генерации на семејството на неговата баба како еврејски емигранти, дојдени во Париз пред 1914 година од Руската Империја.
Робер Бадентер (Париз, 1928) е француски адвокат и политичар. Завршил студии по литература и право во Париз. Магистрирал на Универзитетот Колумбија (САД, 1949). Докторирал компаративно право во Париз (1951). Бил адвокат во Апелациониот суд во Париз (1951-981), министер за правда на Франција (1981-1986) и претседател на Уставниот совет на Франција (1986-1995).
На нашата поширока јавност Бадентер и е познат како претседател на Арбитражната комисија на Конференцијата за Југославија (формирана во 1991), која, под негово претседателствување констатира дека Република Македонија ги исполнува сите општи и посебни услови за меѓународно признавање. Поради тоа бил прогласен за почесен доктор на правни науки на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје (1996).
„За разлика од Шулим кој читаше и пишуваше руски уште од својата воена служба и беше решил да го научи францускиот од еден мал учебник, Идис беше неписмена. Во штетел, во кој сите зборуваа јидиш, Идис беше навикнала на тоа незнаење, на таа немоќ на духот, зашто таа беше заедничка. Но ноќе, во големиот брачен кревет каде што Шулим силно ’рчеше, Идис не ја фаќаше сонот, толку се замислуваше изгубена во тој голем, туѓ град што го викаа Париз и чие име го гледаше отпечатено со латинични букви на корицата на една француска книга богата со чудни слики, напишана, така ѝ беше рекол Шулим, од еден голем француски писател. Таа го беше запомнила рускиот изговор на неговото име Виктор „Југо“ – извадок од романот „Идис“.
ТВ серија: „Жената во ѕидот“
Мини-серијата „Жената во ѕидот“ (“The Woman in the Wall”) е мало ремек дело на телевизиската продукција, со потпис на Би-Би-Си, која загатнува значајни општествено-политички теми.
Ликовите и приказната се фиктивни, но основата е вистинита – злосторствата на Католичката црква врз млади ирски жени и цели семејства, сомнителни зделки и злосторства за отуѓување на деца, па дури и нивно продавање. Се се одвивало пред народот и државата, со векови, што само докажува каква и колкава моќ имала црквата.
„Жената во ѕидот“ се занимава со судбините на жените кои како девојчиња или млади жени завршиле во таканаречените „магдаленски“ пералници, делови од женски манастири во кои биле сместувани жени и девојки за да ги искупат гревовите на современите Магдалени. Создадени во 18 век, тие „перални“ функционирале до крајот на 20 век, време во кое е сместен мал дел од сижето на оваа серија.
Проститутките не завршувале во овие институции, туку девојките кои околината ги доживувала како такви затоа што имале секс пред брак, забремениле, биле силувани, биле на кој било начин обесчестени, проблематични или едноставно премногу привлечни и како такви опасни. за истата средина.и прекрасни семејни луѓе, верници и добродетели кои не можат да ги контролираат своите пориви…
Во тие перални беа носени девојки од различни профили и судбини, но со право може да се заклучи дека ниту една од нив не заслужи да биде таму, а медиумите пишуваат дека, според документите, најмладиот „штитеник“ имал само девет години.
Креатори на серијата „Жената во ѕидот“ е Џо Мурто (Joe Murtagh) со Рут Вилсон (Ruth Wilson) и Дерил МекКормак (Daryl McCormack) во главните улоги. Режисери се Хери Вутлиф (Harry Wootliff) и Рача Сури (Rachna Suri).
Серијата „Жената во ѕидот“ на многу начини се надоврзува на исклучителниот игран филм „Сестрите Магдаленки“ на Питер Мулан од 202 година. Топлата препорака за гледање и на овој филм е повеќе од стандарден бонус.
Избрал: С.С.