За претстојниот викенд и за деновите од наредната недела ви препорачуваме филмови, концерт, книги… Гледајте, читајте, слушајте…
Концерт на ВИС Билјана во Јавна соба
Фестивалот “Светско, а наше” под мотото World Music Saturday во Јавна соба, во сабота навечер (30 март) подготвува нов празник за уши со добра забава, овој пат со ВИС Билјана.
ВИС Билјана постои веќе 15 години и понатаму се труди да ја зачува, изведувa и презентира културната традиција на Охрид и Македонија во и надвор од државата, преку песна и игра онака како што најдобро знае и умее како главна цел, а воедно и да остави задолжение на идните генерации.
На вториот носач на звук издаден во мај 2016 година, снимени се 13 песни. Дел од нив се староградски, дел се стари неснимени песни кои старата постава немала можност да ги сними, а снимена е и една авторска песна со наслов “Збогум Румелија”. Специјален гостин на ова ЦД е Ташко Петрески – соло гитара, еден од ретките активни членови од стариот состав на ансамблот.
Во 2009 година Кузман Поп-Стефанија заедно со своите внуци Јован и Димитар Поп-Стефанија го формираат подмладокот на ВИС Билјана кој активно работи на полето на староградската охридска музика, македонската народна музика и музиката од целиот Балкан. Групата работи под менторството на Кузман се до неговата смрт во 2013 година. Во оваа група, покрај сегашните членови Јован Поп-Стефанија, Ангел Трајковски, Христијан Томевски и Андреј Лаброски членувале и Ангел Дулевски, Петар Паскали, Стефан Здравевски и Виктор Јолаковски.
Групата има издадено два носачи на звук со име “И ние сме деца на Македонија“ во 2013 година. Тој содржи веќе снимени староградски песни од охридскиот крај, а на овој носач на звук специјален гостин е Васко Дуковски, магистер по кларинет кој своите студии ги има завршено на престижниот Џулиард Колеџ во Њујорк.
Првиот состав на ВИС Билјана е формиран во јуни 1952 година во Охрид, од страна на Кузман Поп-Стефанија кој заедно со неговите другари Томчо Лукан, Миле Трендафилов и Гарип Рамадан се отцепуваат од тогашните културно-уметнички друштва и го формираат овој ансамбл.
Филм: Омаж на Абдулах Сидран и „Паразит“ во Кинотека
„Се сеќаваш ли на Доли Бел“ (Sjećaš li se Dolly Bell) е филмот со кој Кинотеката му одава почест на неодамна починатиот босанскохерцеговски сценарист, поет и писател Абдулах Сидран, најпознат по соработката со Емир Кустурица и Адемир Кеновиќ.
Во режија на Емир Кустурица (Emir Kusturica), главните улоги во „Се сеќаваш ли на Доли Бел“ (1981 г., 110 мин., колор, 35 мм) ги толкуваат Славко Штимац, Слободан Алигрудиќ, Лилјана Благоевиќ, Павле Вуисиќ, Мира Бањац (Slavko Štimac, Slobodan Aligrudić, Liljana Blagojević, Pavle Vuisić, Mira Banjac).
Дино (Штимац) е тинејџер во Сараево во шеесеттите години од минатиот век, кога се судираат старото и новото време, а граѓаните живеат со уверување дека е напредокот на општеството е можен, макар и по принципот на самоубедување. Оттаму и култната реплика што ја изговара главниот јунак Дино: „Секој ден, во секој поглед, сè повеќе напредувам!“.
Дино е доброчудно и срамежливо момче кое ги слуша секојдневните совети на неговиот добар, но болежлив татко (Алигрудиќ) за технолошкиот напредок на светот. Водачот на локалните мангупи од маалото го убедува да ја сокрие проститутката со „уметничко име“ Доли Бел (Благоевиќ) на неговиот таван, па по некое време ќе дојде по неа. Дино полека но сигурно се вљубува во убавата проститутка, но никако не смее да ги покаже чувствата пред другарите – млади сурови мажјаци…
„Се сеќаваш ли на Доли Бел“, мешавина на италијанскиот неореализам и „прашката школа“ чиј ученик е Кустурица, го доби Сребрениот лав на Венецискиот фестивал како најдобро дебитантско дело и се смета за меѓник на новиот босански филм. Овој тандем три години подоцна ќе го направи „Татко на службен пат“ (Otac na službenom putu), кој ја освои Златната палма во Кан.
Проекциите се на 3 април (среда) од 18:00 ч. и на 10 април (среда) од 18:00 ч.
Во рамки на циклусот „Лауреатите на Манаки“ во среда (3 април) во 20:00 ч. во Кинотеката ќе биде прикажан филмот „Паразит“ (Parasite).
„Паразит“ (игран филм, Јужна Кореа/ 2019, 132 мин., колор, ДЦП) е во режија на Бонг Јун Хо (Bong Joon-ho), по сценарио на режисерот и Хан Јин Вон (Bong Joon-ho, Han Jin-won), со Сонг Канг Хо, Ли Сан Кјун, Чо Јео Јеонг, Чои Ву Шик (Song Kang-ho, Lee Sun-kyun, Cho Yeo-jeong, Choi Woo-shik) во главните улоги.
Приказната го следи сиромашното семејство Ким од ниската класа и обидите на неговите членови да ги надминат ограничувањата и достигнат богатите. По една среќна околност, синот наоѓа работа како учител по англиски на ќерка од богатото семејство Парк, кое живее во една раскошна куќа во модернистички стил. По синот, и останатите од семејството Ким се инфилтрираат во богатото семејство Парк, работејќи разни домашни помошнички работи во куќата. Фасцинирани од животот во луксуз и богатство, тие максимално се обидуваат да го искористат семејството Парк, сè додека не се најдат во небрано после еден неочекуван инцидент.
„Паразит“ е еден од најзборуваните и најнаградувани филмови последниве 10 години. Во 2019 година, филмот ја освои „Златната палма“ на Канскиот филмски фестивал, како првиот јужнокорејски филм што се закитил со оваа награда, а воедно е и добитник на четири оскари, меѓу кои и оскарот за најдобар филм. Бонг Џунг Хо ја третира неговата омилена тема, класната борба и нееднаквоста во современото општество, во стилот на „комедија без кловнови и трагедија без негативци“.
Директор на фотографија е корејскиот кинематографер Кјонг-Пјо Хонг, еден од најзначајните претставници на средната генерација јужнокорејски кинематографери, кој освен по соработката со Бонг Џунг Хо е познат и по „Шампион“, „Братството на војната“, „Мајка“, „Прогонувачи“, „Лелекање“. Во 2018 ја освои наградата „Златна камера 300“ за филмот „Горење“.
Книга: „Залудно бегство“ од Сигрун Паулсдотир
Издавачката куќа Антолог од Скопје во рамките на проектот СОЗДАДЕНО ВО ЕВРОПА: МОЌТА НА РАЗЛИЧНОСТА ја објави книгата „Залудно бегство“ од Сигрун Паулсдотир.
На крајот од XIX век, хероината Сигурлина се наоѓа во безизлезна ситуација. Пораснала без мајка, покрај татко ексцентрик кој очекува неговата ќерка да го помине животот помагајќи му при каталошката обработка на исландските археолошки артефакти. Но Сигурлина копнее за образование и возбуда, така што ја зема судбината во свои раце. Еден ден одеднаш исчезнува од Рејкјавик со историска реликвија од збирката на татко ѝ. Преку низа неверојатни настани, артефактот е откриен во музејот „Метрополитен“ во Њујорк. Во меѓувреме, исландската полиција започнува истрага за кражбата.
„Залудно бегство“ е опишан како модерна пикарска приказна за зачувувањето на културното богатство. Романот пружа интригантен поглед на тоа како нештата го стекнуваат своето место во историјата и плете интересна приказна за човечките судбини врз кои почива таа историја. За овој роман, Паулсдотир ја добива престижната Награда за литература на Европската Унија за 2021 година.
Сигрун Паулсдотир (1967) е исландска писателка и историчарка. Со докторско звање се здобива на Универзитетот во Оксфорд (2001). Подоцна предава на факултет, а од 2009 до 2016 година го уредува списанието за исландска историја „Сага“. Од 2007 година е самостоен уметник-писател, освојувајќи го вниманието на читателите со историски биографии.
Добитничка е на неколку награди и признанија, меѓу кои и наградата за најдобра биографска проза за 2013 година.
Преводот од исландски на македонски го направи Мери Кицовска (Скопје, 1977), преведувач и толкувач по англиски и исландски јазик. Во периодот од 2001 до 2009 година, живее и работи во Рејкјавик, Исланд, каде што, покрај другото, го изучува и го усовршува исландскиот јазик. Од англиски на македонски и обратно има преведено голем број текстови и дела. Од исландски на македонски досега има преведено десетина книги.
Книгата на македонски јазик е објавена со поддршка на програмата Циркулација на европски книжевни дела во склоп на Креативна Европа на Европската Унија – Потпрограма „Култура“.