Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

[Репринт] Преспанскиот договор e приказна за поврзувањето, за слободата и за солзите на катарзата

Оваа репортажа беше премиерно објавено на 10 мај минатата година. Поради актуелноста на темата Договор од Преспа, кој оваа година навршува 6 години откако беше потпишан, проценивме дека репортажата вреди да биде објавена и денеска.

Пишува: Зоран БОЈАРОВСКИ, Фотографија: Ангел АНГЕЛОВСКИ, Камера: Алек РИЗИНСКИ, Монтажа: Бисера МИХАЈЛОВСКА

На 17 јуни ќе се навршат 5 години од потпишувањето на Преспанскиот договор со кој Северна Македонија и Грција го надминаа тридеценискиот спор.

Пет години подоцна, иако од двете страни на границата тогаш оваа спогодба беше ставена на големо искушение, пред сѐ, за оние во чии раце беше пенкалото во селото Нивице или Псарадес на грчки, на брегот на Преспанското Езеро – веќе никој не се сомнева дека Преспанскиот договор беше историски настан, за кој денес слободно може да се каже дека – вредеше. И тоа од повеќе аспекти.

Како најголема придобивка беше деблокирањето на патот за евроатлантските интеграции на Македонија, по што следуваше членството во НАТО и придвижувањето на процесот за членство во ЕУ, кој токму поради наметнатиот спор за името беше блокиран од страна на Грција, речиси 30 години.

Од денешен агол, особено од ракурс на војната во Украина и дизбалансот што таа го предизвика на геостратешки и глобален план, членството во НАТО на Северна Македонија ѝ донесе безбедносни гаранции од највисоко рамниште.

Договорот потпишан на јужниот брег на Преспанко Езеро, на потегот кој го поврзува со Мала Преспа, ја интензивираше и ја збогати соработката меѓу Северна Македонија и Грција.

Економските односи од потпишувањето на Договорот од Преспа имаа нагорен тренд. Грција е на листата на петте најголеми трговски партнер на нашата земја, а вредноста на вкупните инвестиции во Северна Македонија, оваа земја ја ставаат на високото трето место.

Но, тоа се фактите што произлегуваат од политичките процеси и актери, како и од трговските и економските статистики.

Иако, секако, тие се тука за да потсетат на придобивките од Преспанскиот договор од овие аспекти, она што многу повеќе ја интересираше екипата на Рацин.мк за време на трите дена во Лерин и Мала Преспа, беа приказните на луѓето. На крајот на ова наше патување се потврдија и нашите очекувања: Големината на Преспанскиот договор е што тој денес плете приказни за поврзување, а не за делби.

Тоа е она што му ја обезбедува иднината на овој договор и иднината на луѓето од двете страни од границата, или дури и на трите, ако земеме предвид дека Албанија е тука, преку ридот, или преку „едно завеслување“ со чамецот по водите на Преспанското Езеро, во регион кој е вистински неизбрусен дијамант, една скриена и недопрена убавина на овој дел од Европа.

Но, да не должиме премногу со воведот зашто приказните чекаат да бидат раскажани.

ПРИКАЗНА ЗА СЛОБОДАТА И СОЛЗИТЕ НА КАТАРЗАТА

Професорката Александра Јоаниду, која на Универзитетот во Солун предава на Факултетот за балкански, славистички и ориентални студии, не ја сретнавме во Псарадес/Нивици, но таа со голема љубов се согласи на интервју преку Зум платформата и кога таа зборува за Преспанскиот договор, таа зборува за слобода.

Договорот од Преспа ни донесе слобода. Не ослободи, вели таа во интервјуто за Рацин.мк

Јоаниду посочува дека темата Македонија и процесот за изнаоѓање решение за името „ги подели прогресивните од конзервативните сили“ во Грција и дека „прогресиовните сили пред овој настан, пред Преспанскиот договор, се подложија самите себе си на самоцензура“.

– Ако не бевме внимателни, бевме подложени на прогони во нашата професија, во јавните настапи. Бевме напаѓани од медиумите, не смеевме гласно да зборуваме дека постои друг македонски идентитет освен локалниот македонски идентитет на грчките Македонци. Бевме стигматизирани како национални предавници. Со договорот од Преспа, сето тоа запре, заврши, ни ја потенцира оваа придобивка од Преспанскиот договор професорката Александра Јоаниду, која на Универзитетот во Солун предава на Факултетот за балкански, славистички и ориентални студии.

Професорката Јоаниду со нескриена емоција говори и за катарзата, за восхитувањето од ослободувачаката енергија што ја пренесе Преспанскиот договор меѓу прогресивното граѓанство на Грција.

Никој повеќе не ни вели, „а, вие зборувате македонски, за Македонците“ и потоа ве пријавуваат во медиумите, во полицијата, да бидете обвинети, да бидете отпуштени од работа, истакнува Јоаниду и уште еднаш ни нагласи дека „за прогресивните сили во Грција, ова (Преспанскиот договор) беше слобода“.

Бевме напаѓани од медиумите, не смеевме гласно да зборуваме дека постои друг македонски идентитет освен локалниот македонски идентитет на грчките Македонци. Бевме стигматизирани како национални предавници. Со договорот од Преспа, сето тоа запре, заврши.

Додека разговаравме со Александра Јоаниду не можевме, а да не го понсеме впечатокот дека Преспанскиот договор е приказна за слободата и солзите на катарзата.

– Морам да ви кажам, во моментот кога на телевизија го проследив потпишувањето на Преспанскиот договор, за кој апсолутно се сложувам и признавам дека беше многу потежок за Македонците, му се јавив на мојот колега Константинос Целикис, којшто предава правни науки на истиот факултет каде што предаваме заедно, тој ми рече „Не можам да зборувам сега. Плачам“. И почнав да плачам и јас. Плачевме двајцата на телефон. Само така можете да замислите што претставуваше за нас овој договор, ни ги пренесува нејзините сеќавања професорката Александра Јоаниду, која на Универзитетот во Солун предава на Факултетот за балкански, славистички и ориентални студии.

Му се јавив на мојот колега Константинос Целикис, којшто предава правни науки на истиот факултет каде што предаваме заедно, тој ми рече „Не можам да зборувам сега. Плачам“. И почнав да плачам и јас. Плачевме двајцата на телефон

ПРЕСПАНСКИОТ ДОГОВОР БЕШЕ ПОРАЗ ЗА НАЦИОНАЛИСТИЧКИТЕ ПАРТИИ ВО ГРЦИЈА

Втората приказна што е врзана за Преспанскиот договор е онаа на Македонците во Грција. Во Лерин, Воден и во Мала Преспа, каде што се сретнавме со нив, тие со восхит говорат за победата врз политиките и однесувањето на националистите и националистичките партии во Грција.

Слободан Манѕов или Лефтерис Манѕас по грчки и Пеце Бенишев или Петрос Василијадис од Горно Врбени или Екшису или Ксину Неро вели дека договорот од Преспа им донесе олеснување не само на македонското малцинство, туку и на Грците.

– Има разлика. Со Преспанскиот договор народот е повеќе отворен, двата народа се повеќе отворени. На грчкиот народ му беше тешко да вели Македонија зашто имаше притисок заради грчкиот став дека Македонија е грчка. Сега со Преспанскиот договор се стори Северна Македонија и им е полесно да велат Северна Македонија. Ова за двата народи е подобро, вели Слободан Манѕов/Лефтерис Манѕас.

Пеце Бенишев/Петрос Василијадис, кој заедно соСлободан Манѕов/Лефтерис Манѕас, се дел од потписниците на основачкиот акти за регистрација на Центарот за македонски јазик во Лерин, вели дека условите во кои сега живеат, се многу подобри откако стапи во сила Преспанскиот договор.

(Преспанскиот договор) од друга страна беше силен удар за националистичките партии што излегуваа во Атина и Солун и викаа нема Македонија, има само Грција. За нив беше многу силен удар. Дури и актуелната владеачка партија којашто тогаш беше против, сега го признава Преспанскиот договор. Од таа страна условите се многу подобри и за нас.

Со Преспанскиот договор народот е повеќе отворен, двата народа се повеќе отворени. На грчкиот народ му беше тешко да вели Македонија зашто имаше притисок заради грчкиот став дека Македонија е грчка. Сега со Преспанскиот договор се стори Северна Македонија и им е полесно да велат Северна Македонија. Ова за двата народи е подобро.

Еден од лидерите на партијата на Македонците во Грција „Виножито“, Павлос Васкопулос Филипов, којшто главно е задолжен за решавање и унапредување на правата на македонското население во оваа земја преку државните институции и во институциите на ЕУ, говори за придобивките од Преспанскиот договор за Северна Македонија, како и за тоа како промените што следуваа беа примени меѓу нашинците во Грција.

За вашето прашање каква е ситуацијата тука после спогодбата како што ми рековте, секако е подобро, отколку што беше минатите години. За вас и за македонската јавност е позната (претходната) грчка националистичка еуфорија за пречки за вашата држава, за препреките на патот кон НАТО и за ЕУ. Денес не е исто. Македонската држава е во НАТО, полноправна членка, и таа е на патот кон Европската Унија, вели Павлос Васкопулос Филипов од „Винижито“.

Тој ни посочува дека нивните очекувања се уште поголеми од членството на Северна Македонија чиј процес внимателно го следат.

– Се надевам дека ќе има и соодветни реформи кај вас и дека во идните години земјата ќе биде полноправна членка (на ЕУ) за да може уште подобро да се соработува меѓу Грција и македонската држава, истакнува Павлос Васкопулос Филипов од партијата на Македонците во Грција „Виножито“.

ПСАРАДЕС/НИВИЦИ Е МЕСТО КОЕШТО ТРЕБА ДА ГО НЕГУВАМЕ КАКО СИМБОЛ НА ПОВРЗУВАЊЕ

Третата приказна од нашето патување „Три дена во Лерин и Мала Преспа“, е таа што се создаде во Псарадес/Нивици.

Во питомата убавина која ни се отвори со сиот свој раскош уште кога дојдовме до точката од која се гледа целиот овој крај и во местото во кое беше потпишан Преспанскиот договор на 17 јуни 2018 година, сретнавме гостопримливи и љубезни луѓе.

И денес Псарадес/Нивици е една од најпосетените викенд дестинации и набргу селото се исполни со луѓе коишто се гоштеваа со превкусниот преспански крап или со надалеку прочуениот грав.

Се разбира, во убавините свое посебно место има заштитениот резерват за птици во езерото Мала Преспа, како и островот Свети Ахил, каде што се остатоците од базиликата посветена на истиот светец каде што била семејната гробница на Цар Самуил.

Но, она што за нас остави посебен впечаток не беа приказните за минатото, туку оние за иднината, кои, очигледно, ги иницираше Преспанскиот договор.

Една од тие приказни е онаа на професорот по сликарство на Факултетот за ликовни уметности на Универзитетот на Западна Македонија во Лерин, Јанис Јогас, кој во Псарадес раководи со проект од Еразмус програма на ЕУ за студенти кои ги совладуваат вештините на резбата.

Преспанскиот договор помогна многу, вели тој, и сега треба да одиме понатаму и ни ги претстави неговите перспективи и очекувања.

Во тој контекст договорот (Преспанскиот) помогна, но треба да одиме понатаму, да бидеме заедно, да комуницираме, да разменуваме идеи, да разговараме за разни работи и за разликите се разбира за кои секогаш може да се најдат решенија и да одиме напред, вели професорот Јогас.

Професорот на  Јанис Јогас со на Факултетот за ликовни уметности на Универзитетот на Западна Македонија во Лерин вели дека сега треба да им помогнеме на младите да преземат иницијатива бидејќи иднината им припаѓа ним.

Јас би бил повеќе од восхитен доколку да имаме тука 10-тина студенти од факултетите од Скопје, да шетаат наоколу и да се запознаат со местото. Ние исто така би можеле да одиме од другата страна. Да правиме уметнички дела заедно сите. Младите луѓе се иднината, ние работиме за нив. Ние го направивме тоа што требаше. Ќе продолжиме, се разбира, но иднината им припаѓа на младите генерации, потенцира професорот Јанис Јогас.

Јогас вели дека Псарадес/Нивици стана симбол на поврзување и како таков треба да остане и да се препознава во сите наредни активности.

Да не заборавиме дека од оваа точка ние го гледаме местото коешто е многу важно за целиот Балкан. Местото каде што трите држави се среќаваат. Тие се среќаваат, не се конфронтираат, се среќаваат. Значи треба да се среќаваме, да дискутираме, да разговараме и да одиме напред. Толку, работите не можат да бидат поедноставни. Да се среќаваме, да разменуваме идеи. Уметноста е токму тоа, нагласува професорот по сликарство на Факултетот за ликовни уметности на Универзитетот на Западна Македонија во Лерин.

Од оваа точка ние го гледаме местото коешто е многу важно за целиот Балкан. Местото каде што трите држави се среќаваат. Тие се среќаваат, не се конфронтираат, се среќаваат. Значи треба да се среќаваме, да дискутираме, да разговараме и да одиме напред. Толку, работите не можат да бидат поедноставни.

И навистина, после Преспанскиот договор, стана јасно колку многу вакви приказни можеше да има повеќе ако ова прашање се решеше побрзо.

Луѓето од двете страни на границата, која оди кон тоа наскоро да биде само замислена линија, се ослободија и сега размислуваат за соработа, за повеќе бизнис, за дружење и заеднички проекти на студентите и учениците, на локалното население.

На сите добронамерни кои во убавините на Преспа што ја делат трите држави Северна Македонија, Грција и Албанија, можат своите идеи за поврзување и дружење да ги претворат во нови приказни на кои сите ќе им се радуваат и ќе сакаат да учествуваат во нив.

*

Серијата репортажи „Три дена во Лерин и Мала Преспа“ се реализирани со поддршка на Фондацијата Заев – Едно општество за сите

Зачлени се на нашиот е-билтен