Горчливо-слатките семејни врски доминираат во форматирањето на темите во филмовите од официјалната натпреварувачка програма, во која учествуваат 12 први и(ли) втори наслови на авторите, на 28. издание на Софискиот филмски фестивал
Од Софија
Стојан Синадинов*
Добро познатото мото на романот „Ана Каренина“ од Лав Н. Толстој за тоа дека сите среќни семејства си личат едни на други, а само несреќните се несреќни сами за себе, по кој знае кој пат ја потврдува универзалноста и долготрајноста на максимата. Деновиве тоа го сведочиме гледајќи ги филмовите на 28. Меѓународен филмски фестивал во Софија (Sofia International Film Festival – SIFF), кој трае од 13 до 31 март низ разни активности, а официјалните програми се одржуваат од 17 до 24 март. Предводен од агилниот директор Стефан Китанов, софискиот филмски фестивал веќе со години е една од најреномираните смотри во регионот, со десетина програмски целини и преку 200 долгометражни и кусометражни играни и документарни наслови.
Меѓу бројните активности од фестивалското „загревање“ за официјалниот натпреварувачки дел се издвојуваат омажите за Маргарет фон Трота и Малгожата Шумовска.
Маргарет фон Трота е едно од авторските имиња кои ги обележаат тн. „оловни“ политички времниња во Европа во 80-те години од минатиот век. Почнувајќи ја кариерата како коавтор (со Фолкер Шлендорф) на „Изгубената чест на Катарина Блум“ (според делото на Хајнрих Бел), Фон Трота создаде серија амблематски филмови, меѓу нив и „Роза Луксембург“ со Барбара Сукова.
Фон Трота и Сукова им се враќаа на силните и посебни жени и во филмот за Хана Арент, а во Софија по мастер класот го претстави нејзиниот најнов филм „Ингеборг Бахман 0 Парување во пустината (Ingeborg Bachmann – Journey Into the Desert).
Шумовска веќе е препознатлива како „новиот бренд“ на полската кинематографија и таа на СИФФ беше чествувана со наградата FIPRESCI Platinum Award на Интернационалната асоцијација на филмски критичари и новинари. Шумовска одржа инспиративен мастер клас и на публиката и критиката им го претстави нејзиниот најнов филм „Жените од…“ (“Woman of…”), кој беше во селекцијата за награди на Венецискиот фестивал 2023 г.
Горчливо-слатките семејни врски доминираат во форматирањето на темите во филмовите од официјалната натпреварувачка програма, во која учествуваат 12 први и(ли) втори наслови на авторите. По одгледаните две третини од официјалната натпреварувачка програма на СИФФ, таа некоја толстоевска нишка на разни начини и низ разни сензибилитети ги поврзува темите на авторите.
Да почнеме од „Сè за семејството Левкович“ (All About The Levkoviches) на унгарскиот режисер Адам Брајер (Adam Breier) и неговата сторија за комплицираните односи во едно еврејско семејство. Таткото Тамаш е повеќе од вљубеник во боксот како спорт (одличниот Золтан Безереди) и за него тоа е повеќе од животен стил, поправо е своевидна лична „религија“. Неговата сопруга Жужа се обидува да ги одржува скршените односи во семејство по трагичната загуба на постариот син и заминувањето на помладиот во Израел, каде што го форматирал неговиот посакуван живот како ревносен верник.
Ненадејната смрт на жената ќе ги натера таткото и синот повторно да се соочат. Тие не само што чепкаат по болните лузни од минатото – во кое синот се чувствувал малтретиран заради големите очекувања на таткото и наметнатото чувство на помала вредност во однос на загинатиот брат – туку се борат и за душата на најмалиот Левкович, Ариел. Дедото од него очекува да биде нов боксерски шампион, а таткото го воспитува како ортодоксен Евреин од мали нозе. Интересна е таа извесна генерациска инверзија во однос на религиозното чувство, кое наспроти вообичаените очекувања и предубедувања, е доминантно кај помладите отколку кај постарите членови на семејството.
Ако во „Сè за семејството Левкович“ сведочиме на своевидна „имплозија“ на односите во едно семејство, кога притисокот за негово одржување станува неподнослив, тогаш во „Сухо“ (Sujo) на Астрид Рондеро и Фернанда Валадез (Astrid Rondero, Fernanda Valadez) сведочиме на обратната варијанта, експлозијата на семејството кое распрснува. Сторијата на двојката млади режисерки и сценаристки започнува со егзекуцијата на членот на локалната мафија (познати под терминот Sicario) и грчевитата борба на неговата сестра Немесија да го сочува неговиот син Сухо.
Членството во светот на тие, за жал општо познати и славни Sicario, е безмалку наследно и под присила, па Немесија го одгледува внукот Сухо на нејзиниот изолиран сиромашен имот во планината, подалеку од градот. Сепак, како што Сухо расте и почнува да се вклопува во „цивилизацијата“ со помошта на братучедите, така растат и дилемите дали ќе може да ја одбегне семејната судбина и да не биде Sicario? По новиот циклус насилства што повторно го допираат неговото семејство Сухо мора да замине во големиот Мексико Сити за да започне нов, нормален живот, но семејната судбина има долги прсти…
„Сè ќе си дојде на своето“ е често употребуваната реченица во мексиканската кинематографија во втората половина на минатиот век. Астрид Рондеро и Фернанда Валадез со нивното истенчено чувство за естетиката на деталите, ритамот, визуелноста, но пред сè емпатија за главниот лик (нема да ги апострофираме само како „женски“ алатки во авторските постапки, бидејќи тие, просто, ги имате или не) се повеќе од достојни наследнички на таканаречените „Тројца амигоси“ („Three Amigos“) – Алехандро Гонзалес Ињариту, Алфонсо Куарон и Гиљермо дел Торо (Alejandro G. Iñárritu, Alfonso Cuarón, Guillermo del Toro) – на мексиканскиот филм од почетокот на милениумот.
Колку што собитијата на едно семејство на социјалните маргини во Мексико се пренапрегнати, толку, пак, во „Надвор од маглата“ (Beyond the fog) на јапонскиот режисер Мурасе Даичи (Murase Daichi) сведочиме на своевидна тишина што „ги пара ушите“. Сместена во едно мало село во планините, темата на филмот во суптилен минималистички стил – кој како бил вдахновен и од поетиката на Александар Сокуров – ги третира односите на три генерации.
Колку што рамката за мексиканското семејство е „вревлива и правлива“, како што може само да биде на американскиот југ, таа во шумите под планинскиот врв е исполнета со „вревлива тишина“ на традиционализмот во поимањето на семејството, низ кој сакаат да се пробијат новите генерации.
Во „Јупитер“ (Jupiter), пак, на германскиот автор Бенџамин Фол (Benjamin Pfohl) сведочиме како една навидум coming od age драма се претвора во судбинско прашање на една заедница која мисли дека животот на Земјата веќе е невозможен и треба да се напушти.
Тинејџерката Леа не е разбрана на училиште ниту од наставниците, ниту пак од поголемиот дел од соучениците, бидејќи се бори да го искаже нејзиниот став, формиран дома, за можноста да се транспортира овоземниот живот на планетата Јупитер, па откако на Земјата ќе се средат меѓучовечките, еколошките, политичките и сите други односи, да се вратат повторно. Во форматирањето на тој нејзин посебен светоглед силно влијание има и искуството од нејзината грижа за аутистичниот брат.
Кога нејзините родители, кои се наизглед запалени аматери по астрономија, ќе одлучат да отидат на тематски викенд на една планина и оттаму да го проследат прелетувањето на една комета, Леа ќе сфати дека тој потфат – во кој учествуваат десетина други намерници со сличен интерес од типот на „рамноземјашите“ – е чекор до колективна трагедија во која не сака да учествува. Но, ако претходно беше покажувана со прст од врсниците, сега треба да се избори со зрелите луѓе околу неа…
Освен официјалната натпреварувачка програма на младите автори, на 28. СИФФ се одвива и балканската натпреварувачка програма. Годинава во силната конкуренција од 12 автори – Зеки Демиркубуз (Труција), Стефан Командарев (Бугарија), Драган Бјелогрлиќ (Србија), Софија Егзарху (Грција)… меѓу останатите – учествува и Вардан Тозија со неговиот филм „М“. Во истата програма надвор од конкуренција учествува Игор Алексов со „Лена и Владимир“.
*Стојан Синадинов е член на ФИПРЕСЦИ жирито на 28. СИФФ