Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Социјалните мрежи полни со говор на омраза, национализам, хушкање и одобрување на насилството по инцидентот во Охрид

Наплив на говор на омраза, национализам, ситење и одобрување на насилството на социјалните мрежи за претепувањето на дваесет и едногодишниот Бугарин од Охрид, Христијан Пендиков, секретар на бугарскиот клуб „Цар Борис III“ во Охрид, синоќа од три лица пред угостителски објект во центарот на градот.

„Лесно поминал, да бевме сериозна држава сега на друго место ќе беше“.

„Која мачка јаде маст ќе јаде и стап“.

„Браво само напред окупаторот треба да знае оти тука е Македонија никогаш Северна…“

„Аирлија, ќотекот од рајот е излезен“.

„Мажишта, рацете да им се позлатат“, се само дел од стотиците коментари со говор на омраза.

Атакот кон бугарските подржувачи во земјава се засили по одбележувањето на делото на револуционерката Мара Бунева на кејот на Вардар во центарот на Скопје, на 14 јануари, кога на одбележувањето на 95-годишнината од смртта на Бунева, присустуваа и бугарскиот европратеник и копретседател на ВМРО-БНД, Ангел Џамбаски, како и членови на бугарската Фондација „Македонија“. Џамбаски во својот говор истакна „да живее бугарска Македонија“.

По провокаторскиот и националистички говор на Џамбаски во Скопје, на социјалните мрежи почна оркестрирано јавно етикетирање, односно се објавуваа имињата и профилите на учесниците на собирот.

Покрај тие што ги споделуваа профилите на учесниците на собирот е и Фејсбук страница Патриотско друштво кој ги објави лицата со коментар „Екипа бугарски платеници“.

Под оваа објава има низа на коментари со говор на омраза.

Никој не реагираше на ваквите јавни етикетирања и поттикнувања на насилство.

Инаку, ова не е првиот инцидент со Бугарскиот клуб во Охрид. Пред точно два месеца, било искршено стаклото на клубот. На 7 октомври, наместо свечено отворање на овој клуб, имаше протест, на кој стотици граѓани го искажаа своето незадоволство од отворањето на Здружението на граѓани „Цар Борис III“ во Охрид. Протестот беше организиран од партијата Левица, а беше поддржан од ВМРО-ДПМНЕ.

ЦИВИЛ најостро ги осудува говорот на омразата, делата од омраза и насилството кои произлегуваат од неспособноста или неподготвеноста да се дебатира со аргументи во јавноста. Без оглед на „страната“ од која доаѓаат деструктивните појави во општеството и на политичката сцена, без оглед на тоа дали се работи за политички, етнички или верски мотивирани инциденти, тие не може и не смее да се оправдаат и премолчат. Насилството и говорот на омразата никогаш, под никакви услови, не се соодветен одговор за ништо!

Извор: ЦИВИЛ Мониторинг тим 

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново