Политичка нетрпеливост во државава не само што не се осудува туку и се негува, а меѓупартиските пресметки создаваат големи поделби во општеството
Пишува: Слободанка ЈОВАНОВСКА
Обидот за убиство на словачкиот премиер Роберт Фицо од страна на обичен граѓанин кому наводно му „пукнал филмот“ од политиката што ја води премиерот, ја алармираше политичката јавност во Европа, а отвори прашања и за кај нас. Според она што го порачаа словачките политичари по обидот за атентат, словачкото општество е екстремно поларизирано, се задушува во говор на омраза и нетрпеливост, дијалогот е на висок тон, па и е на праг на „граѓанска војна“ – поради омразата што спротивставените политички блокови си ја упатуваат еден кон друг.
Министерот за внатрешни работи на Словачка вчера апелираше до јавноста, до политичарите и до новинарите да не шират веќе омраза, бидејќи и без тоа ситуацијата е премногу опасна. Иако делува како изолиран и неорганизиран инцидент зад кој стои еден извршител, обидот за атентат на Фицо го потврди она од што поодамна се предупредува во Европа, па и кај нас, дека како резултат на политичката злоупотреба на социјалните мрежи, на руската пропаганда насочена таму каде што „најлесно може да пукне“, како резултат на растот на говорот на омраза, на популизмот, екстремизмот и на авторитарните тенденции, постои опасност политичкиот дијалог да се замени со физичко насилство.
Македонија веќе имаше неколку такви епизоди, од двата напади на парламентот, пукањето во правец на кабинетот на поранешниот претседател Борис Трајковски, атентатот на претседателот Киро Глигоров, па до „ноќта на долгите ножеви“ пред ДИК, да не се споменуваат Диво Насеље и 2001-та. Она што е различно сега е дека свесното манипулирање со емоциите и политичките ставови ги прави општествата загреани како „експрес лонец“, и ако нема вентил од каде што можат да издишат – тие „експлодираат“ на насилен начин. Попросто кажано, ако нема или е лимитиран демократскиот начин да се изразат незадоволствата, тогаш се прибегнува кон сила.
Словачкиот пример
Зошто ова се случи токму со Роберт Фицо и токму во Словачка? Станува збор за сплет на околности бидејќи вакви состојби како во Словачка, па и полоши има и во други земји на Европа, да не се споменува воопшто Русија каде што состојбата е екстремна. Словачкото општество има политички трауми уште од времето на Владимир Мечијар кој ја принуди ЕУ да ѝ го замрзне влегувањето во членство додека тој не беше симнат од власта. Фицо е далеку поблага варијанта на Мечијар, но откако по третпат дојде на власт по двата дебакли пред тоа, тој почна на брза лента да се цементира, односно да презема потези што сите ги препознаваат како увод во авторитаризам, според рецептите на Владимир Путин како да се заробат општествата.
Дури и да немаше такви амбиции Фицо, со оглед на тоа што во 2018 година сам си поднесе оставка по масовните протести против неговата влада заради убиството на антикорупцискиот новинар Јан Куцијак и неговата вереница, тој повлече неколку потези кои беа прочитани како недемократски и за кои словачкото општетство веќе нема нерви да ги толерира. Чашата ја прелеа одлуката да го укине јавниот радиодифузен сервис и да формира ново тело што беше сфатено како сигнал дека се враќа на старата политика на замолчување на новинарите која доведе и до убиството на Куцијак.
Претходно тој спроведе промени на Кривичниот закон со кои беа намалените казните за финансиски злоупотреби, што беа сфатени како јасна најава дека новата власт си обезбедува неказнивост за финансиски злоупотреби, дополнето со експресно донесената одлука да се укине специјалното обвинителство за борба против корупцијата. По примерот на Русија, на Унгарија и на Грузија, Фицо се закани дена невладините организации што се финансираат од странски извори ќе ги означи како странски агенти и истовремено води кампања против ЛГТБ заедницата и мигрантите. Покрај навредите кон опонентите на политичката сцена, Фицо најмногу ги има на тапет новинарите што со години ги обвинува дека се пристрасни, дека водат против него „џихад“, дека се „хиени“, „проститутки“, „змии“, „идиоти“, „соросиди“ и „организирана криминална група“.
Откако е тој премиер претседателката од другата политичка опција, Зузана Чапутова, добиваше смртни закани поради што не се кандидираше за втор мандат, а во една прилика порача „дека говорот на омраза води кон акции на омраза“, но Фицо веројатно не очекуваше дека тоа може да биде на негова сметка. Сега и избраниот претседател на Словачка, негов приврзаник, Петер Пелегрини порача дека ако Словаците почнат „различните политички ставови да ги изразуваат со пиштол на плоштадите, а не (со пенкало) на гласачките места, се загрозува сѐ што постигнала земјата за 31 година“.
Реално Фицо премногу кратко е на функцијата (од октомври минатата година), но навраќањата на неговите претходни владеења очигледно ги прават нетрпеливи и недоверливи тие што се чувствуваат загрозени од неговата политика. Опишан како популист и националист од странскиот печат, тој јаваше на бранот на проруските чувства доаѓајќи во судир со тие што ја сакаат Словачка како прозападна демократија.
Неговата политика за „суверена“ надворешна политика е само ново пакување на она што во Европа се гледа како квази либерална, Орбан тип демократија свртена кон Русија и Кина и вредностите што од таму доаѓаат. Нетрпеливоста со која сакаше да ги построи институциите во државата според партиските интереси веројатно предизвика и брза реакција. Практично тоа што го доведе на власта, популизмот и политичката нетрпеливост, го доведе и до настанот што се случи вчера, иако оправдување за таков гест не може да има ни тука, ни во било која демократска земја.
Македонскиот пример
Која е пораката што треба да ја видиме во Македонија од политичките случувања во Словачка? И кај нас на власт се врати политичка гарнитура која си замина под притисок на протести бидејќи демократијата ја претвори во режим, дијалогот во насилство, а економијата во приватна сопственост. Граѓаните сега им дадоа втора шанса, но некои случувања будат лоши реминисценции.
Без да се амнестираат неуспесите на претходната влада, не е грешка да се каже дека ВМРО-ДПМНЕ на власта дојде меѓудругото благодарение на илјадниците соопштенија и изјави со говор на омраза и со блокадите во сите сфери кои креираа силно чувство на фрустрираност и на назадување во Македонија. Низ медиумите под нивно влијание и низ мрежата на ботови деновиве се шират само фалби и глорификации за претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, а сите што се критични во однос на нејзината неуставна заклетва – се нарекуваат „изроди“ кои повеќе ја сакаат „Северна“ од Грците и дека, ако им фали – нека си одат од државата. Таквата политичка нетрпеливост не само што не се осудува туку и се негува, бидејќи на некој начин се бараат поларизирачките прашања за да се искористат во меѓупартиската пресметка, а тоа создава поделби во државата.
И кампањата против екс-претседателот Стево Пендаровски се засноваше на некакви измислени обвинувања за корупција, иако на сите им беше јасно дека тој е последниот политичар во Македонија на кој може да му се припише, а пораката беше – не да го победат, туку да му помогнат „да се исели“ од државата.
Тој говор на омраза што трае со децении почнаа да го следат и другите политички партии, а дебатите на телевизиите сѐ повеќе личат на иритирачки кавги на преставници на спротивставени страни кои „рецитираат“ партиски ставови и негираат сѐ што е добро на другата страна. Дури и ОБСЕ во оценката на изборите напиша дека изборната кампања била поларизирачка и со многу негативна реторика и говор на омраза.
Најавата за распуштање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, наводно за да се среди судството и да стане „независно“ со ставање под партиска присмотра, откако веќе го „средивме“ СЈО и го сменивме Кривичниот законик, опасно сугерира дека го следиме патот на Словачка, бидејќи контролата на судството и амнестијата на корупцијата ја фрустрираат нацијата која веќе не гледа начин како воопшто да се смени состојбата ако актерите се исти. Пораката, пак, на Мицкоски дека отсега новинарите треба да ги почнуваат вестите со успеси веќе почна да се применува во некои медиуми, но рано е да се каже дали ќе има последици за тие што ќе објавуваат критики и евентуални афери.
Ако продолжи и натаму партизацијата, која во исто време е и политизација на администрацијата (веќе се делат 1.200 директорски и функционерски места меѓу членовите на новата коалиција), на сите страни ќе почне да ни се случува „Токсикологија“. Главната порака сепак ќе биде испратена кон судиите кои имаа храброст некому да пресудат, па ако тие станат предмет на „судења“ т.е. репресии (како што сугерираат заплашувањата на судијката Добрила Кацарска деновиве), тогаш секакви сценарија се можни и во Македонија. Правецот во кој ќе оди државата наредните години, кон помирување или кон натамошни поделби, ќе биде клучниот фактор за тоа. (Независен)