Откако одредени големи пекарници во текот на изминатите два дена не доставуваа евтин бел и полубел леб во маркетите поради одлуката на Владата за замрзнување на цената на 33 денари, граѓаните револтирани бараат да им се одредат уште порестриктивни мерки.
Бојкотот и непроизведувањето на евтин леб од страна на пекарниците во Скопје наиде на остри осуди од страна на граѓаните, кои во медиумските анкети бараа нови мерки од страна на владата, поради како што велат, лакомоста на големите компании кои произведуваат леб и да остваруваат милионски профити на грбот на граѓаните.
Граѓаните бараат построги мерки против производителите на леб
Дел од граѓаните бараат да им се наложи на производителите дека мора да произведуваат евтин леб со ограничена продажна цена, бидејќи тие користат субвенционирана цена на електричната енергија, која повторно е платена од парите на граѓаните.
Некои од производителите на леб низ државата започнаа да доставуваат бел и полубел леб по цени и под максималната која ја одреди Владата, но тој сепак недостасува во Скопје. Повеќето од пекарниците низ државата ја испочитуваа одлуката и застанаа солидарно со граѓаните и испорачаа леб по цени дури и четири денари пониски од предлогот на Владата.
На овој начин најголемите производители на леб како да потврдија дека тие се интересираат само за својот профит и не се ни обидуваат да бидат солидарни со граѓаните во една глобална економска и енергетска криза, иако се први да ги користат субвенциите кои доаѓаат од буџетот.
Малите пекарници им одржаа лекција за солидарност и општествена одговорност на големите производители
Одлуката на Владата за замрзнување на цената на лебот доаѓа откако производителите на леб подолго време користат субвенционирана цена на електрична енергија, но и откако се намалија цените на маслото за јадење, горивата и енергенсите, но сепак цените на лебот останаа непроменети.
Сите мали пекарници одлучија да произведуваат леб со пониска цена, па дури и со намален профит со цел да се излезе во пресрет на потребите и да не се остават граѓаните без леб.
На овој начин помалите пекарници покажаа солидарност и општествена одговорност и им одржаа лекција на големите производители на леб, кој и оваа криза одлучија да ја искористат за профитерство.
Опозицијата застана на страна на големите производители на леб, наспроти граѓаните
Наспроти Владата и граѓаните, а на страна на пекарниците кои сакаат да прават милионски профит застанаа опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Левица, кои се надеваат и од оваа ситуација да извлечат политички поени, неводејќи грижа за доброто на народот и неговата егзистенцијална положба.
Претседателот на Левица, Димитар Апасиев со неговите пишувања и активности покажа дека се лажни претставувањата и говорите дека тој е на страната на работниците и народот, кога поради задоволувањето на личните негови амбиции е подготвен да застане против нив, а на страна на тие кои профитираат од кризата на грбот на граѓаните. Се со цел да се искритикува Владата, тој е против мерката за замрзнување на цената на лебот. Практично борецот за работнички и граѓански права, за каков што се преставубва, сега застанува на страната на големите стопанственици.
Слично настапи и опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Потпретседателката на оваа партија, Гордана Димитриеска Кочоска во нејзиното гостување на „Сител“ ги правдаше пекарниците кои не произведуваат леб, обидувајќи се да смисли одбрана за нив и начин да ја нападне Владата, заборавајќи на интересите на граѓаните.
„Ги разбирам производителите на леб, тие се конзистентни во нивните политики, дискусии и преговарања. Дел од пекарите велат на нас ни одговара и ние ќе продаваме за 33 или помалку, но зборуваме за маалски пекари, кои немаат големи кредити“ рече Димитриеска Кочоска за која постапувањето на големите производители на леб не е профитерство. Така, и оваа партија им сврте грб на граѓаните застанувајќи зад големитер фирми.
Строги контроли и наредба за производство со цел полни полици со евтин леб
Државниот пазарен инспекторат постојано е на терен со цел да се извршат контроли на десетици локации низ државата за да се испита дали се почитува мерката за замрзнување на цената на лебот.
Од таму известија дека во текот на вчерашниот ден биле казнети четири фирми кои продавале леб по поскапа цена, а казните изнесуваат над 300.000 денари. Според ДПИ, примарна цел на одлуката за замрзнување и строги контроли на цената е сузбивање на профитерството во време на криза, и залагање за солидарност.
Владата синоќа донесе одлука со која се наложува на производителите на леб да мора да произведуваат најмалку 80 отсто бел и полубел леб во однос на количеството производено во декември лани. На овој начин Владата покажува дека застанува зад интересите на граѓаните и против уцените за продолжување на профитерството од страна на одредени големи производители на леб.
Одлучноста на Владата и притисокот од јавноста очигледно имаат се поголем ефект, па денес низ маркетите и пекарниците може да се забележи повеќе леб кој се продава по цени под 33 денари.