Од Петрески и претседателката на Собранието на ДПМ Кристина Николовска се очекува да свикаат изборно собрание бидејќи ДПМ практично е без двете извршни тела – претседател и претседателство. Само така ќе се добие решение од кое се очекува нов состав на управните тела на ДПМ којшто ќе се посвети на подобрување на состојбата и статусот на авторите и на македонската книжевна сцена, како дома, така и надвор од границите во делот на меѓународната активност на писателската асооцијација која, практично, е сосема замрена во последните две години.
Зоран БОЈАРОВСКИ
„Христо (Петрески) воскресна, навистина воскресна“. Со оваа досетка еден од членовите на Друштвото на писателите на Македонија во брифинг за Рацин.мк ја оцени постапката на актуелниот претседател во оставка Христо Петрески откако тој во рок од два дена прво поднесе неотповиклива оставка на оваа функција, за потоа да ја повлече со образложение дека тоа го прави „по барање на голем број членови на Друштвото на писателите на Македонија бидејќи истата беше изнудена поради притисоци, уцени и закани“.
Сепак, како што се чини, наредните два или три дена ги демантираа овие причини за повлекување на оставката зашто токму тој чин повлече уште неколку десеттици членови на ДПМ да им се придружат на оние првите, членовите на претседателството што се поднесоа оставки, заради, како што беше кажано првично, „лошото раководење и функционирање на Друштвото, кои се во спротивност на националните и на сите други интереси на нашата писателска и културна заедница“.
Интересно, и двете страни во овој случај, кој многумина го оценија како „скандал“ со сериозни импликации во 8 децениското постоење на ДПМ, се повикуваат на „македонските национални интереси кои задираат во идентитетот и во статусот на македонскиот јазик, литература и култура“.
Сепак, балансот е сосема изместен и тој во огромна мерка е на страната на писателите кои ја покренаа иницијативата за разрешување на Петрески од функцијата претседател на ДПМ прво со оставката на осумтемина членови на претседателството (Зоран Анчевски, Весна Мојсова-Чепишевска, Лилјана Пандева, Владимир Мартиновски, Славчо Ковиловски, Марина Мијаковска, Александра Јуруковска и Бранко Цветкоски, кој ја земени Јулијана Величковска, која, пак, од речиси идентични причини оставката ја поднесе пред една година), а потоа и со големиот број потписници на иницијативата на која секојдневно им се придружуваат по десетина нови писатели.
Од друга страна, претседателот Христо Петрески остана осамен без да бидат наведени или јавно да се произнесат „големиот број членови“ што побарале од Петрески да ја повлече оставката.
На што реагираат писателите на работата на Петрески?
Од она што го го дозна Рацин.мк од брифингот со повеќемина членови на ДПМ, дека зад официјалните општи места во соопштенијата за јавност како што се „лошото раководење и функционирање на Друштвото„ кои се „спротивност на националните и на сите други интереси на нашата писателска и културна заедница“, стојат многу конкретни постапки кои ја покренале оваа реакција и која со секој ден станува сѐ помасовно поддржана.
Од правно-деловничките обврски што произлегуваат од основачките акти на ДПМ, на пример, од стапувањето на должност, Христо Петрески нема свикано седница на највисокото тело на писателската асоцијација – Собранието, а работата на Претседателството, како извршно тело кое меѓу две собранија се грижи за спроведување на програмата за работа и за одобрување и координирање на активностите за кои непосредна егзекутивна улога има претседателот, односно Петрески.
Нашите соговорници во ДПМ велат дека овој начин на Петрески ги узурпирал функциите на претседателството и самиот донесувал и спроведувал постапки за организација на настани, за доделување на награди за другите останати активности на ДПМ, иако за сите програмски активности е неопходно одобрување од страна на претседателството.
Во такви услови се доделени наградите „Ацо Шопов“, „Ванчо Николески“, „Вавилон“ и во такви услови се спроведувани настаните во организација на ДПМ или учеството на настани каде што ДПМ, односно членови на асоцијацијата биле поканувани.
Поттикнат од ова работење на Петрески „спротивно на националните и на сите други интереси на нашата писателска и културна заедница“, членот на претседателството на ДПМ во оставка Бранко Цветкоски во оставката прецизно ги наведува причините за неговата оставка: „Поради непочитување и кршење на статутарните одредби на најголемата писателска организација во Македонија, поради приватизирање и манипулирање со тимското работење и колективниот одлучувачки капацитет на нејзиното Претседателство, од страна на претседателот на ДПМ, со што се засили опаѓањето на угледот на асоцијацијата меѓу членството и натамошната деградацијата на писателското достоинство во националниот културен контекст, поднесувам НЕОТПОВИКЛИВА ОСТАВКА на моето членство во Претседателството.“
На реакцијата придружена со оставките на претседателството на ДПМ следуваа секојдневно потписи на десеттици и десеттици членови на пистелската асоцијација која прерасна во масовна петиција за оставка на Петрески и за свикување на вонредно Собрание за да се избере ново раководтво.
Влада Урошевиќ, Оливера Николова, Цане Андреевски, Гордана Михаилова Бошнакоска, Митко Маџунков, Санде Стојчевски, Зоран Анчевски, Љубинка Донева, Димитрие Дурацовски, Весна Ацевска, Бранко Цветкоски, Славе Ѓорѓо Димоски, Братислав Ташковски, Гордана Јовиќ-Стојковска, Гоце Ристовски, Борче Панов, Соња Стојменска-Елзесер, Лилјана Пандева, Сашо Огненоски, Оливера Ќорвезироска, Весна Мојсова-Чепишевска, Виолета Танчева-Златева, Елизабета Јончиќ, Зоран Јакимовски, Лидија Димковска, Ана Мартиноска, Билјана Црвенковска, Владимир Јанковски, Игор Анѓелков, Снежана Младеновска Анѓелков, Сузана В. Спасовска, Диме Ратајкоски, Игор Станојоски, Александра Јуруковска, Снежана Стојчевска, Марија Гиревска, Румена Бужаровска, Јулијана Величковска, Ирена Јурчева, Славица Гаџова-Свидерска, Мерсиха Исмајлоска, Драгана Евтимова, Фросина Пармаковска, Милена Ристова-Михајловска, Живко Грозданоски, Петар Андоновски, Давор Стојановски, Ана Бунтеска, Иван Антоновски, Михајло Свидерски, Смиле Наумоски Брсјак, Никола Илијовски, Божин Павловски, Кица Колбе, Ферид Мухиќ, Глигор Стојковски, Никола Маџиров, Милош Линдро, Паско Кузман, Анастасија Ѓурчинова, Јовица Ивановски, Ванчо Полазарески, Владе Димовски, Владо Јаневски, Дејан Трајковски, Љупчо Силјановски, Наум Попески, Мирјана Стојановска, Марина Мијаковска, Будимка Поповска, Ана Пејчинова и Марта Маркоска…
Ова е листата на писатели кои досега застанаа зад иницијативата и која, како што рековме, секојдневно се надополнува. Од неа може да се види различната генерациска припадност, па дури и општествена позиција, што говори дека реакцијата е пред сѐ и над сѐ поттикната единствено од „интереси на писателската и културна заедница“.
Нашите соговорници во ДПМ велат дека овој начин на Петрески ги узурпирал функциите на претседателството и самиот донесувал и спроведувал постапки за организација на настани, за доделување на награди за другите останати активности на ДПМ, иако за сите програмски активности е неопходно одобрување од страна на претседателството.
Христо е причината, Христо е решението
Наместо да ја прифати реалноста и да се соочи со реакцијата на своите колеги, Петрески започна серија некохерентни изјави и соопштенија во име на „раководството на ДПМ“, иако практично тоа не постои, и тоа само преку објави на социјалните мрежи. Со тоа тој само го засили впечатокот на затвореност и на самоволието во донесување на одлуките во Друштвото.
„Не се понижувај повеќе Христо“, Академик Катица Ќулавкова го повика Петрески да го сочува своето достоинство и да покаже дека јавниот интерес му е поголем од личниот.
„Не се понижувај повеќе Христо. Даде неотповиклива оставка и сочувај бар малку достоинство, остани си на зборот. Рече од здравствени причини, а сите знаеја дека причините се системски и вредносни. Ќе сочуваш бар малку почит ако не се фаќаш панично за функцијата претседател на ДПМ како за сламка на спас. Сите македонски писатели од значење бараат темелни промени на ДПМ и ваша оставка. И јас ќе го напуштам ова ДПМ, оти одамна не сум суштински дел од членството. А зошто не сум? Оти не импонира ни со лидерството, ни со општествената и културна улога што (не) ја врши. И не од сега. Имаш личен интегритет, сочувај си го бар него. Каков претседател си ти, кога членовите на Претседателството те напуштија? Зар не ја знаеш легендата за кралот Деметриј, кога го напуштиле Македонците! Бегај, Христо, бегај, не ти е местото таму. Направи гест! Со тебе и досегашната претседателка на Советот! Ова е морален чин, шанса да покажеш дека имаш малку морал и дека јавниот интерес ти е поважен од личниот“, пишува во нејзината реакција за повлекувањето на оставката на Петрески Катица Ќулафкова.
Инаку, ова не е прв судир во ДПМ. Еден од посериозните се случи во средината на 90-тите години кога една поголема група автори, важни имиња за македонската литература, го напуштија Друштвото на писателите, незадоволни од неговата работа. Коле Чашуле, Богомил Ѓузел, Лилјана Дирјан, Ефтим Клетников, Петре М. Андреевски, Елизабета Шелева, Александар Прокопиев, Игор Исаковски, Никола Маџиров, Роберт Алаѓозовски и уште неколкумина други, формираа Друштво на независни писатели.
Актуелната ситуација со ДПМ е далеку од оваа кога една група писатели се „отцепи“ за да формира нова асоцијација, но доколку оваа состојба се оддолжи и не се одржи вонредно собрание, може сешто да се очекува, а тоа би било најмалку потребно.
Од досега објавените ставови и коментари, овие случувања, според искажувањата на дел од потписниците на реакцијата на работата на Петрески не се во насока на структурни делби во ДПМ, на повлекување на членството и на рушење на оваа институција. Напротив, како што говореа нашите соговорници, сето ова е за да се врати угледот на ДПМ како дом на македонските писатели и како еден од столбовите на македонската култура.
Затоа, велат за Рацин.мк нашите соговорници, Петрески и претседателката на Собранието Кристина Николовска да го објават дневниот ред за закажаната седница на највисокото тело на ДПМ и на таа вонредна седница да се избере ново претседателство и претседател. Ова е неопходно, бидејќи неотповикливата оставка на Петрески, како што беше првично објавено, налага изборно собрание бидејќи ДПМ практично е без двете извршни тела – претседател и претседателство.
Тоа што претседателството на ДПМ беше „пополнето“ со кооптирање со членови кои беа подолу на листата на последното изборно собрание, е само уште еден „грев“ којшто му се припишува на Петрески за узурпација и нетранспарентност во работењето.
Затоа, секој обид да се одложи оваа постапка заради повлекувањето на оставката на Петрески, велат нашите соговорници, само ќе ги услужни и дополнително ќе ја искомплицира ситуацијата. Тоа на ниту еден начин не води кон решение од кое се очекува нов состав на управните тела на ДПМ којшто ќе се посвети на подобрување на состојбата и статусот на авторите и на македонската книжевна сцена, како дома, така и надвор од границите во делот на меѓународната активност на писателската асооцијација која, практично, е сосема замрена во последните две години.