Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

И жив и мртов Ванчо Михајлов го разнебитува ВМРО (ДПМНЕ) – за членовите е фашист, за лидерите великан

Зошто и кога Михајлов е мртов неговиот дух ја подрива ВМРО (ДПМНЕ) и ги тера Мицкоски и Груевски да застанат против своите сопартијци за историски прашања кои се силна навреда за македонскиот народ?

Љубиша АРСИЌ

Во ситуација кога главна тема се уставните измени, за да се впишат Бугарите, а со тоа Северна Македонија да продолжи по европскиот пат, искри стигнаа од Будимпешта.

Никола Груевски со ставот дека Ванчо Михајлов е македонски син одново ја отвори дилемата, како од една страна за него и за Христијан Мицкоски, Михајлов е значаен за македонската држава, додека за многумина членови и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ тој е фашист, соработник на нацистите. Зарем на Груевски и Мицковски не им пречи самодекларирањето на Михајлов дека е Бугарин и дека е запишано во историските документи дека не ја признавал македонската нација?

Ако ова не им смета на двајцата лидери тогаш е нејасно зошто им смета Бугарите да влезат во македонскиот Устав, освен ако тоа не им е последната шанса да го попречуваат интегрирањето на државата во ЕУ и уставните измени да ги блокираат со една политичка цел- да стигнат до избори.

После избори лесно може да се претпостави дека Мицкоски ќе има поинаков став за ова прашање и нема да ја пропушти шансата да се додвори на Брисел, па ќе побрза со внесувањето на Бугарите во Уставот. Ова секако ако стане премиер.

Мицковски е против членовите на ДПМНЕ кои имаат негативно мислење за Михајлов

До избори Мицкоски ќе остане на истата тактика. Преку изразување почит кон Ванчо Михајлов ќе испраќа пораки до Софија, дека нема ништо против Бугарите, но нема да го промени ставот тие да влезат во Уставот. И по цена дека ризикува дел од силата во партијата, Мицковски ќе продолжи да биде против своите членови кои го негираат Ванчо Михајлов и го сметаат за фашист.

Првите остри реакции против Ванчо Михајлов стигнаа од пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи, на која и се придружија членови на партијата и застанаа против отворањето на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола, аргументирајќи дека е недозволиво да се отвора клуб кој носи име на негатор на македонската држава и нација.

Како што објави вчера Рацин.мк, Мизрахи не зборуваше против отворањето на клубот, туку против неговото име, бидејќи за неа Ванчо Михјалов бил потврден фашист и близок соработник на Павелиќ, Мусолини и на Хитлер што претставува навреда за Евреите, но и закана за човековите слободи и права, кршење на демократскиот карактер и вредностите на модерна Европа.

Клубот во Битола испровоцира и други пратеници јавно да говорат за негативните страни на Ванчо Михајлов. За Ѓорѓија Сајкоски од ВМРО ДПМНЕ именувањето на клубот преставува продолжение на негирањето на македонскиот народ.  

„Ако промовираме европски вредности и ако одиме во Европа заедно, ние треба да работиме во насока на подобрување на демократијата, борба против фашизмот, а не да промовираме ликови како Ванчо Михајлов, докажани поддржувачи на фашизмот и докажани негатори на македонската нација“, зборуваше Сајкоски во април минатата година.

Но, само неколку месеци подоцна, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски јавно застана против своите членови обидувајќи се да го претстави Ванчо Михајлов во поинакво светло и како дел од континуитетот на ВМРО и при тоа не виде потреба да се огради.

Груевски го охрабрува Мицкоски во ставот за Михајлов

За Мицкоски, Ванчо Михајлов е само контраверзен лик, а не фашистички соработник. Смета дека се борел за македонско национално единство, заборавајќи дека самиот Михјалов ги негирал Македонците, нешто кое го напоменуваат останатите членови на ВМРО-ДПМНЕ кога реагираат на обидите Михајлов и понатаму да биде присутен во македонската историја.

Мицкоски не е осамен во мислењето за Михајлов. Иако со претходникот Никола Груевски сакаат да остават впечаток дека немаат комуникација и дека влијанието на екслидерот е изолирано во партијата, во врска со ова прашање – тие се не иста страна.

Во неговата последна објава на социјалните мрежи Михајлов го претставува дури како „син на Македонија“. Груевски, спротивно на ставовите на Мизрахи, Сајкоски и останатите членови на ВМРО-ДПМНЕ смета дека Ванчо Михајлов не е фашист, па неговата мисла оди дотаму што ја обвинува владејачката СДСМ дека сега прави обиди да го претстави како фашист.

„Јас мислам дека не може секој кој имал некакви политички средби или соработка со фашистите да се нарече фашист. Тоа е моето убедување. Нацистичка Германија и фашистичка Италија, како и подоцна нивните сателит држави биле моќна сила во тоа време со која заради една или друга причина на некој начин волно или неволно политички соработувале речиси сите важни политички, дипломатски и воени фактори во тоа време “, напиша Груевски.

Тој се обидува да го рехабилитира Михајлов, но признава дека тој ја негирал македонската нација и сметал дека во Македонија живеат Бугари.

Кога се создава македонската држава и нација тој повторно се декларира како човек со бугарско самочувство и го негира постоењето на македонската нација, за што сведочи и неговото интервју во 1990 година за еден бугарски медиум. Ако Михајлов самиот го изјавил ова, тогаш зошто Груевски и Мицкоски застануваат на негова страна и ги омаловажуваат ставовите на партиските членови? Зошто и кога Михајлов е мртов неговиот дух ја подрива ВМРО (ДПМНЕ) или го тера Мицкоски да застане, ако треба сам против сите, за на крајот од овие историски прашања, кои имаат врска со навреда кон македонскиот народ, да извлече политичка полза?

Зачлени се на нашиот е-билтен