Љубомир КОСТОВСКИ
Специјално за ЦИВИЛ Медиа
Силите на рускиот претседател Владимир Путин во Украина се пред воен пораз. Ова во саботата (1 април), го кажа Игор Гиркин познат и по прекарот Стрелков, поранешен член на руската разузнавачка служба ФСБ и поранешен командант на проруските сепаратисти во источна Украина! Значи, тоа не е човек кој туку-така изнесува свои оценки, туку е активно вклучен во војната на Русија против суверена Украина речиси една деценија. Тој дури се искачи и на функцијата „министер за одбрана“ на самопрогласената проруска Доњецка Народна Република. Неговата изјава ја снимиле во Кијив, а на крајот на викендот беше коментирана во Вашингтон!
Гиркин е злосторник со дебело досие
Таа изјава, пред сè, е во контраст со најавениот „блицкриг“ инвазија од 24 февруари минатата година и ја разбеснува руската воена заедница, чиј очај се гледа преку блоговите, каде е и Гиркин. Овој новопечен блогер стана познат за време на нелегалната анексија на Крим и конфликтот во источна Украина во 2014 година, а беше обвинет и за воени злосторства во Украина.
Да се потсетиме. Овој екстремен десничар и терорист е веќе осуден на доживотен затвор од холандскиот суд. Заедно со уште двајца , тие се осудени за нивната улога во соборувањето на патнички авион на летот MH17 на Малезија ерлајнс во 2014 година. При овој атак со ракета земја-воздух загинаа сите 298 луѓе во воздухопловот. Најпрвин се тврдеше од паравоените формации на Доњецк дека авионот го срушиле воените власти во Кијив, за да ја возбудат светската јавност, но потоа работите излегоа целосно спротивни.
Овој човек, за кого холандското правосудство пресуди дека има крвави раце, со текот на времето, стана сè покритичен кон своите покровители, раководството на Кремљ, за кое тврди дека не ги подготвило доволно воените сили за инвазијата.
Мрачна оценка за руските сили
Во последниот коментар, Гиркин изрази мрачна оценка за руските сили, обвинувајќи ги руските државни медиуми, што сега веќе до последниот ја следат официјалната линија на Путин, дека ја разубавуваат ситуацијата во Украина. Тој, исто така, се пожали дека недостатокот на вистинити информации за ситуацијата во Украина влијае врз Русија.
„Тоа има исклучително негативен ефект врз состојбата на целата земја, во целата наша држава“, рече Гиркин.
„Не се плашам да кажам дека се движиме кон воен пораз“, додаде тој, како што пренесува Newsweek, кој го објавува и видеото со неговата изјава. Тоа видео најпрвин го објави во неделата Антон Герашченко, советник на министерот за внатрешни работи на Украина, па потоа снимката дошла и преку Океанот.
Гиркин забележува дека руската армија не постигнува никаков напредок на бојното поле во текот на зимата. Борбите во последните месеци главно биле насочени кон градот Бахмут, каде што руските војници се бореа заедно со борците на платеничката група Вагнер, каде требаше да добијат симболична победа.
Русија постигна одреден успех во таа повеќемесечна кампања, која ја претставува најинтензивната и најкрвавата битка во војната. Но, аналитичарите велат дека рускиот напредок во последниве недели недостига, бидејќи бројот на руски напади се намалил, што е најнов знак дека силите на Путин имаат многу проблеми на теренот.
Цела зима потрошена на напредок од 10 километри
„Во текот на зимата не успеавме да го турнеме непријателот ниту на 10 километри од Доњецк, а го напуштивме Херсон. Се повлековме и од регионот Харков. Се повлековме од околината на Киев“, рече Гиркин.
Тој истакнува дека руската економија и армија се „целосно неподготвени“ за „долга, долготрајна војна“. Тој, исто така, ги критикува руските власти дека легално ја класифицирале инвазијата како „специјална воена операција“, а не како војна, што според него ги ограничува можностите на војниците во Украина.
Рајан Менон, директор на програмата Голема стратегија во американскиот тинк-тенк Одбранбени приоритети, изјави за Newsweek дека Гиркин е дел од растечката група десничарски националисти незадоволни од воената ситуација во Русија.
„Гледајќи ја оваа офанзива и гледајќи како, и покрај нумеричката предност, (руските сили) не можат да постигнат значителен напредок против противникот кој е инфериорен во однос на надворешната моќ, тие чувствуваат дека кампањата е во најмала рака застој и веројатно не успеа“, вели тој. „И дека војниците се предадени и дека командантите се неспособни“, додаде тој.
Менон се согласува со заклучокот на Гиркин дека Русија оди кон пораз, истакнувајќи дека руските сили претрпеа големи загуби, а не успеаја да постигнат позначаен напредок, како и тоа дека повторија неуспешни тактики „со катастрофални последици“. „Потребен е ремонт на лидерството и тактиката“, вели Менон.
„Досега, од крајот на септември, тие не постигнаа ништо на што луѓето како Гиркин можат да укажат и да кажат: Па, напредуваме, а на чело е компетентно воено раководство“, рече Менон.
Ако Путин ја изгуби војната…
Во саботата Гиркин ги критикуваше и воените лидери на Кремљ за најавата за зголемување на производството на муниција. Тој тврди дека зголеменото производство нема да ги задоволи потребите на руските војници, нарекувајќи ги клучните руски владејачки кругови „идиоти“.
Путин ја започна својата „специјална воена операција“ против Украина во февруари минатата година, со цел брза победа над источноевропскиот сосед. Но Украина одговори со одбранбени напори посилни од очекуваните, зајакнати со помошта од Западот, што ги неутрализира руските воени придобивки. По повеќе од една година конфликт, борбите остануваат концентрирани во најисточните региони на Украина, а аналитичарите велат дека руските обиди за зимско-пролетна офанзива главно не успеале.
Но тоа не е сè. Овој екстремен десничар, Игор Гиркин, изјави дека на рускиот претседател Владимир Путин ќе му се суди за воени злосторства, само ако некој не го „задави“ по поразот од Украина. При тоа мислел, појаснил дека некој „можен Навални“ ќе го предаде во рацете на меѓународната правда.