Поларизацијата е повеќе пати истакнувана како еден од поголемите проблеми во земјата, а констатации, предупредувања и препораки за адресирање на проблемот на општествена, политичка, медиумска, и етничка поларизација можат да се прочитаат во најразлични релевантни извештаи за Северна Македонија, се наведува во анализата „Етничка поларизација во медиумите и јавната комуникација за време на изборните процеси (анализи)“, на Институтот за медиуми и аналитика (ИМА), којашто беше промовирана во Europe House Skopje со дебата за најважните сознанија од истражувањето.
Во анализата на ИМА, во делот „Етничка и политичка полазризација во контекст на изборите во 2024 година“, Жарко Трајановски укажува на поларизација по етничка основа, како пред дебатата за уставни измени во 2023,3 така и во контекст на иницираните уставни измени, кои беа поставени како услов за продолжување на преговорите со ЕУ.
Есента 2023, истакна Трајановски, ИМА јавно укажа на штетните кампањи со пропагандни наративи кои „ги јакнат стравовите, недовербата и ги потпалуваат етнонационалистичките страсти не само кај етничките Македонци, туку и кај другите делови на народи во Северна Македонија, па и пошироко на Балканот“. Етноцентричните наративи кои поттикнуваа етничка поларизација и потпалуваа етно-политички страсти беа препознатлив белег и во 2024 година, особено во контекст на кампањата за претседателските и парламентарните избори. За време на изборите во 2024 година, и Мисијата за набљудување на изборите на ОБСЕ/ ОДИХР детектираше не само „силна политичка поларизација и фрагментација“, туку и „значителна поларизација по политички и етнички линии“.
ОБСЕ/ОДИХР јавно укажа дека во текот на кампањата забележала „случаи на дискриминаторска реторика, вклучувајќи и употреба на националистички слогани, како и некои случаи во кои се мешаа постапките на политичките партии со оние на етничките заедници“.
И Институтот за медиуми и аналитика, наведува Трајановски, во 2024 година детектираше продлабочување на политичката и етничката поларизација, преку користење штетни пропагандни наративи, кои не само што ги потпалуваат етнонационалистичките страсти, туку и поттикнуваат на дискриминација и омраза врз етничка, национална и политичка основа. Во оваа анализа ќе дадеме неколку карактеристични примери за етноцентрични наративи, кои беа дел од јавната и медиумска комуникација пред, за време на кампањата и по одржувањето на претседателските и парламентарните избори во 2024 година, а кои придонесоа за продлабочување на етничката поларизација во земјата.
Универзитетската професорка Мирјана Малеска, како дел од тимот што ја подготви анализата, нотира дека политичкиот амбиент во Македонија, особено за време на претседателските и парламентарните избори била „исполнета со ништо друго освен со натпреварувачки национализам на двете најголеми заедници во земјата, па дури и тоа, може да се стави под знак на прашање. Нема десно, нема лево, се обесмисли изјавата дека за Албанците ‘сонцето изгрева на Запад’“.
Со стивнување на предизборната еуфорија, истканува Малеска, национализмот е привремено закачен на клинец како добро искористена добитна стратегија на вештите политички претприемачи, сè додека одново не притреба. За среќа, денес сепак живееме во постабилно опкружување отколку на почеток на деведесеттите и се очекува секој внатрешен политички проблем да се решава низ дијалог.
За Малеска „суштинската разлика меѓу таканаречената ‘левица’ и ‘десница’; на оние кои влечат кон интегрирање на земјата во сојузот на западни демократии и оние кои се за статус кво; меѓу оние кои стојат зад националистичка програма и реторика и оние кои се за интегрирано општество – тешко ќе ја препознаете во нивните идеолошки прокламации, кои се прилично слични меѓу себе“. Неа ќе ја најдете во реалната политика, од осамостојувањето на земјата во 1991 година до денес, вели Малеска.
Малеска потенцира дека за време на кампањата предмет на националистичката реторика биле и темелните документи и договори за државата како што е Уставот на Северна Македонија, Охридскиот рамковен договор и Преспанскиот договор, и како пилогот, според Малеска, прилично поразувачки, но истовремено и отрезнувачки е фактот дека тоа зборува за една длабоко фрустрирана нација, која има објективни причини за огорченост, но, исто така, таа огорченост намерно се подгрева од разни политички претприемачи, за да се дојде и остане на власт.
Цената на отрезнувањето ќе биде висока и ќе ја платиме сите ние, граѓаните. Бидејќи сега власта, тука пред сè мислам на ВМРО-ДПМНЕ, треба самата да се соочи со фактот дека политиката не е празен лист хартија и дека во меѓународните односи често доминира моќта/силата над формалната еднаквост на државите. Во наредниот период граѓаните треба да се уверат дека отстапките што земјата ги направила од 1991 до денес, а кои се прогласени од националистите за предавство и историски грешки, се всушност успеси кои ја стабилизираа државата и овозможија да ја зголеми својата безбедност, поентира Мирјана Малеска во нејзиниот дел од анализата под наслов Изборната кампања и меѓуетничките односи: Горчлива победа на национализмот.
Во делот од анализата што го потпишува Сефер Тахири „Меѓуетничките односи во јавната комуникација за време на изборите: Продолжува доминацијата на етноцентричниот дискурс“, универзитетскиот професор нагласува дека „34-годишната историја на политичкиот плурализам во Северна Македонија докажува дека меѓуетничките односи, особено оние меѓу Македонците и Албанците, се (зло)употребуваа од политичките партии на парламентарните, претседателските, па дури и на локалните избори“.
Во овој контекст, укажува Тахири, медиумско-политичкиот дискурс честопати беше „дискурс на различноста“. „Парадигмата на различноста“, поточно етноцентричниот дискурс, ја следеше политичката дебата, но и медиумските содржини, без разлика дали се одвиваше на македонски или албански јазик.
Тахири вели дека „како столб на политичката стабилност и безбедност, меѓуетничките односи се ‘клуч’, особено за десничарските партии, за освојување на што е можно повеќе гласови за време на изборите. Во таа насока, дел од медиумите честопати беа продолжена рака, односно ги афирмираа, но и поттикнуваа етноцентричните наративи што се произведуваа во партиските лаборатории“.
За Тахири, „повеќето медиуми, без разлика дали се јавни (во Северна Македонија концептот на јавни медиуми е непостоечки, бидејќи тие сè уште се третираат како државни), приватни или комерцијални, служеа повеќе како ‘гласноговорници’ на политиката, наместо да бидат во функција на јавниот интерес“.
Ова подразбира, нагласува Сефер Тахири, дека „бидејќи се такви, медиумите им служеа на популистичките изборни агенди, кои се базираа на филозофијата на величање на одреден етнички идентитет наспроти идентитетот на другиот, кој се третира како туѓ и заканувачки, а во некои периоди и како непријателски или како ‘внатрешен непријател’, иако за ова не се нудеа аргументи, туку имагинарни конструкции со антиалбански или антимакедонски пропаганден наратив“.
Публикацијата Етничка поларизација во медиумите и јавната комуникација за време на изборните процеси (анализи)“, на Институтот за медиуми и аналитика (ИМА) може да се симне на следниот линк:
Етничка поларизација во медиумите и јавната комуникација за време на изборните процеси