Ако Сиљановска продолжи да биде вака доследна со неупотребата на името на државата, Атина ќе треба да ѝ даде медал за заслуги за остварување на грчките национални интереси
Пишува: Слободанка ЈОВАНОВСКА
И најголемите поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ и на претседателката Гордана Сиљановска- Давкова не можат деновиве да се изначудат на начинот на кој тие ја почнаа „битката“ за името на државата. За некои што многу ветуваа, уште повеќе драматизираа, што патриотизмот не го вадеа од уста и се расфрлаа со најави како сѐ ќе укинат и сѐ ќе испреговараат на нова основа, театарот со неизговарањето на зборот „северна“ од официјалното име на Македонија не остави простор ни да им се даде сто дена да се консолидираат – пред да се констатира дека силно најавуваната нова политика веќе се претвора во фарса.
Место да го воскресне старото име Република Македонија, Сиљановска деновиве успеа да го „погребе“ името „Македонија“ и, ако продолжи да биде вака доследна, Атина ќе треба да ѝ даде медал за заслуги за остварување на грчките национални интереси, бидејќи самата три децении не успеваше да го постигне тоа што на нашата претседателка и успеа за неколку дена со ставањето венец на гробот на Кирил во Рим.
Дури и без карикирање, прашањето што си го поставува секој Македонец кој ги следи првите чекори на новата власт во државава е – имаат ли воопшто план Сиљановска и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, како да се справат со очекувањата што самите ги креираа околу Преспанскиот договор? Или, ќе продолжат да нѐ шокираат со импровизациите како последната во Рим – и дома, и во странство. Ако немаат план, подобро да ги земат предвид реакциите од оваа политичка авантура од кои, како што тврдат самите во ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски бил „многу изненаден“.
Најпрво, претседателката и идниот премиер треба да се соочат со тоа дека моќта и влијанието што ги има Грција во Европа и пошироко го надминува нивниот политички габарит, форматот на Македонија, па и нашиот институционален капацитет да одговориме на најавените контрареакции во моментов и подоцна. И таа разлика сега е многу поголема од изминатите децении кога имавме и повеќе време, и повеќе ресурси, и повеќе ентузијазам, и повеќе кредибилитет да се бориме за нашите интереси.
Сиљановска и Мицкоски треба јасно да ја подготват и нашата и меѓународната јавност до каде сакаат да одат со провокациите кон Грција бидејќи последиците нема да ги почувствуваат само тие како политички естаблишмент, туку и сите граѓани во државата и земјите околу преку нарушената регионална стабилност. Зашто, лесно е да се продава магла во изборна кампања, но тешко е да се води држава со толку многу отворени прашања како нашата.
Сиљановска и Мицкоски треба јасно да кажат што доби нашата држава досега и што ќе добие во иднина ако на долг рок не го употребуваат уставното име и, што е поважно, каква корист ќе има (или подобро штета) ако од страв да кажат Република Македонија престанат да го користат воопшто името на државата, па ќе останеме вечна, прекрасна, наша, АСНОМ-ска, горда, убава…
Мицкоски многу бргу треба и да пресмета како ќе се справи со реакциите во НАТО ако на самитот во Вашингтон биде принуден да изговори некое име на Македонија, настрана од тоа што стои како официјално напишано пред него? Како ќе му објасни на Киријакос Мицотакис дека има намера да го почитува, но не и да го применува Преспанскиот договор, и дека очекува разбирање за неговите лични чувства кон „северна“ без оглед што тоа беше клучната отстапка што ја доби од нас Грција.
Мицкоски и Сиљановска, пред да го направат следниот чекор, ќе треба и да испитаат каков статус ќе има Македонија во ОН ако кренат „рачна“ и го напуштат имплементирањето на Преспанскиот договор? А, ако не мислат да кренат „рачна“, да кажат зошто воопшто ги комплицираат односите со Грција, зошто повторно отвораат простор да ни стави вето во ЕУ, зошто и создаваат нова шанса да го спори македонскиот идентитет што е веќе решен со договорот и дали несменетите табли со „Скопиа“ вредат исто колку и нашата придобивка да стои „македонски“ пред јазикот и пред етничкото потекло?
Поедноставно кажано, кој ќе биде ќарот од ваквото спорење на имплементацијата на Преспанскиот договор ако остане официјалното име на државата, ако нема начин да го вратиме старото име во меѓународната комуникација, ако ни се замрзне членството во НАТО, ако добиеме екстра вето, ако ни се запре помошта од Европската унија, ако Грција ни покрене евентуално ембарго или не дај боже ако ја затвори границата за илјадниците Македонци што секој викенд не можат да живеат без плажите на Халкидики?
Сиљановска и Мицкоски, исто така, ќе мора да кажат јасно кои се пријателите во странство што ќе ги поддржат во битката против „северна“, откако групата на народни партии и Оливер Вархеи им го свртеа грбот, а Русија годинава ги прогласи Кирил и Методиј за бугарски просветители? Треба да кажат, исто така, која сериозна држава отсега ќе верува на потписите што тие двајцата ќе ги стават на меѓународен документ и дека нема да ги повлечат заради некоја популистичка потреба, макар и на штета на Македонија?
И што ќе добиеме со тоа што борбата за меѓународното име на Македонија ќе ја претвориме во борба за внатрешна употреба на „Република Македонија“, кога тоа не ни решава ни едно стратегиски важно прашање за државата? Уште повеќе, да ни објаснат како по три децении напори да се задржи името „бивша југословенска Република Македонија“ дојдоа до уште поапсурдна идеја да ја бранат „оваа прекрасна држава“ – фраза што наидуваше на потсмев при секоја посета на странски државјани во Македонија. (Независен)