ДРАГАН МИШЕВ
Анкетите наместо да бидат барометар за пулсот на граѓаните, дел од партиите ги искористат за влијание врз гласачите. Особено ако анкетите им ги изработува Владимир Божиновски-Влајко, координатор на Центарот за истражување на јавното мислење на Институтот за политички истражувања од Скопје (ИПИС) кој денес се декларира како независен аналитичар.
А во минатото?
Во прислушуваните разговори кои само го потврдија она во што јавноста се сомневаше со години, за изборните манипулации за парламентарните избори во 2011 година, тогашната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска во еден разговор за Божиновски вели дека тој имал еден куп нарачки, цел штаб на ВМРО-ДПМНЕ му бил на грб. Но, и дека ветил оти на толку работа, ќе ја повтори ако треба анкетата за четвртата изборна единица, каде што од необјаснети причини паѓал рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ непосредно пред изборите.
Од друг објавен разговор, дознаваме дека тогашниот министер за ранспорт и врски, Миле Јанакиевски, најмногу го изнервирало тоа што анкетите на Центарот за истражување на јавното мислење на Институтот за политички истражувања од Скопје (ИПИС) на Владимир Божиновски, пред изборите, покажувале дека паѓала поддршката на ВМРО-ДПМНЕ во Прилеп.
„Ме попари. Ушите ми зујат, срцето ми тропа. Најмногу се работи таму. Ај да купев зграда во Прилеп или со ‘мерцедес’ или со џип да се возев, па да падне толку рејтингот, вака нема логика“, вели Јанакиески.
Божиновски го тешел дека можеби е направена некоја грешка и дека ќе ја повтори анкетата.
„И јас се изнервирав. Сега оваа недела најјако што можете“, му вели Божиновски на Јанакиески.
Тогашните анкети на Божиновски предвидуваа дека на изборите ВМРО-ДПМНЕ би добила 52,53 пратеници, а партијата доби уште повеќе пратеници, односно 56.
Божиновски останува запаметен и по учеството во специјалната емисија „Анкета: Кој ќе победи на локалните избори во Скопје“ (спроведена од „М Проспект“ од 23 септември до 2 октомври 2017) во студиото на ТВ Телма, каде неколку аналитичари, меѓу кои и Божиновски, се изјаснија дека „состојбите изгледаат прилично изедначено“ и дека „можеме да очекуваме доста неизвесна битка“ – според Сашо Клековски, сега веќе член на Извршниот одбор на ВМРО – ДПМНЕ; „оваа разлика од 2,5 % што ја проектира нашата анкета ( безмалку со сигурност кажува еден факт, а тоа е дека ќе има втор круг… не гледам како може некој од кандидатите да има двоцифрена предност, значи од некои 10 % за да победи во прв круг“ -според тогашниот директор на Телма, Атанас Кировски, додека Владимир Божиновски ( независниот аналитичар, нели) ќе изјави: „Ова е во рамки на статистичка грешка резултатот, прво, со сигурност – не најверојатно, него со сигурност ќе има втор круг во Скопје…“.
Резултатите на локалните избори за Скопје покажаа дека процентите на анкетите и проценките на аналитичарите беа сосема промашени и Петре Шилегов убедливо победи уште во првиот круг.
Но тоа не ги поколеба традиционалните корисници на услугите на Божиновски да го ангажираат пред секои наредни избори. И за тоа дебело да го платат.
Така, според документите што ги објави новинарската истражувачка мрежа БИРН во 2017 година, повеќе од 600.000 евра од три државни институции има земено Институтот за политички истражувања (ИПИС) во периодот од 2011 до 2017 година за истражување на јавното мислење. „Овој институт во јавноста често беше застапуван преку Владимир Божиновски – Влајко, кој во јавните настапи редовно ги бранеше ставовите на ВМРО-ДПМНЕ, а анкетите на ИПИС за рејтингот на политичарите секогаш одеа во нивна корист “,се вели во анализата на БИРН.
Најновиот скандал околу нарачаните анкети кој го пласира ПорталиХ, упатува на тоа дека овие практики не останале во минатото, туку дека се дел од реалноста и на овие избори. Ако се докаже дека документите кои истекоа во јавноста се веродостојни, главен креатор на „креирање на предизборното расположение“ преку фингирани анкети за потребите на партиската кујна, е омилениот зачин за изборни манџи на ВМРО-ДПМНЕ, агенцијата ИПИС на Владимир Божиновски – Влајко. (ЦивилМедиа)