Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Иранските власти апсат истакнати активисти за правата на жените во пресрет на годишнината од смртта на Амини

Иранските безбедносни сили уапсија девет истакнати активистки за правата на жените во различни градови во северната провинција Гилан додека властите ја продолжуваат акцијата пред првата годишнина од смртта на Махса Амини која почина додека беше во полициски притвор за наводно кршење на законот за шамија во земјата, пренесува RFE/RL’s Radio Farda.

Меѓу уапсените на 16 август се Матин Јаздани, Форог Саминија, Јасмин Хашдари, Џелве Џавахери, Захра Дадрас, Негин Резаеи, Шива Шах Сиах и Вахехдех КошСират, објавија активисти на социјалните мрежи.

Точните причини за апсењата и каде се приведените не се соопштени, а официјални лица јавно не го коментираа ова прашање.

Според Новинската агенција за активисти за човекови права (ХРАНА), најмалку 11 активистки за правата на жените биле уапсени од безбедносните сили во Иран во северната провинција Гилан во средата, пренесува Еј – Би – Си Њуз.

Сепак, иранските власти велат дека бројот на уапсените лица во Гилан е 12, според новинската агенција Тасним, која е поврзана со иранската Исламска револуционерна гарда. Се цитира „Разузнавачката канцеларија на провинцијата Гилан“ дека уапсените се „организациски тим од 12 членови, кој има историја на бројни анти-безбедносни активности во текот на минатогодишните немири“.

ХРАНА вели дека во повеќето случаи, апсењата се случиле со упад во домовите на активистите.

Покрај апсењата во Гилан, ХРАНА известува и за најмалку едно, а можеби и уште две апсења во Техеран во средата.

„Семејствата на овие граѓани се многу загрижени бидејќи нема вести за нивната судбина“, додава ХРАНА.

Говорејќи за РФЕРЛ – радиото Фарда, застапникот за правата на жените, Мансурех Шојаи, рече дека притворите се чини дека се дел од пошироката стратегија на исламското раководство за управување со првата годишнина од смртта на Амини на 16 септември. Таа нагласи дека многу од приведените, вклучително и Џавахери, Сами Нија и Јаздани се шампиони на движењето за правата на жените повеќе од две децении.

Зголемен број приведувања и рации од страна на Исламската Република се случуваат во текот на изминатите неколку недели пред првата годишнина од почетокот на националното движење „Жена, живот, слобода“ во земјата.

Движењето започна со смртта на 22-годишната иранска Курдка, Махса Амини на 16 септември 2022 година во болница во Техеран, откако таа беше уапсена од владината полиција за морал, бидејќи наводно не ја покривала косата целосно во согласност со задолжителното правило на Исламската Република за хиџаб. Иако владата тврдеше дека Амини имала срцев удар додека била во полициски притвор, нашироко се верува дека таа починала како резултат на претепување од полицијата.

Смртта на Амини доведе до широки протести низ Иран, кои активистите ги опишаа за ABC News како „најсериозен предизвик“ со кој се соочил владиниот режим во повеќе од четири децении.

Иранската организација за човекови права објави во април дека најмалку 537 луѓе биле убиени од почетокот на протестите и најмалку 22.000 уапсени. Последниот број подоцна беше потврден од новинската агенција на Исламската република (ИРНА).

Како што се приближува првата годишнина од смртта на Амини, активистите и поранешните демонстранти во Иран се повикуваат, апсат или на друг начин се цел на строги судски казни од безбедносните, разузнавачките и судските тела на Исламската Република.

Многу луѓе ги користат социјалните мрежи за да ја изразат својата загриженост за очигледната владина акција пред годишнината од смртта на Амини.

„Бранот апсења стана многу чуден“, објави едно лице на X, порано познато како Твитер. „Тоа е како, ако сакаш да излезеш од државата, те апсат. Ако сакаш да влезеш, те апсат. Зборуваш за твоето секојдневие на социјалните мрежи, те апсат. Сликај, те апсат. Пишувај, те апсат. Снимај филм со нивна дозвола, не е доволно, те апсат. Шеташ по улица? Не требало, те апсат.”

Протестите минатата година започнаа како укор против бруталното спроведување на задолжителната легислатива за носење шамија, но набрзо прераснаа во една од најголемите демонстрации против теократијата во Иран од Исламската револуција во 1979 година.

Официјалните лица го обвинија Западот за поттикнување на протестите и ветија уште посилно сузбивање на демонстрациите.

Уапсени се неколку илјади луѓе, меѓу кои и многу демонстранти, како и новинари, адвокати, активисти, филмски работници, бранители на дигитални права и други.

Драган Мишев (ЦивилМедиа)

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново