Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Истражување: Државата плаќа за стипендисти што ретко се враќаат да работат во Македонија

Досега државата стипендирала 389 студенти во странство и отприлика за секој од нив од државната каса издвоила 160 илјади долари, а ретко кој од нив се враќа да работи во Македонија, иако така е предвидено според закон. Ова го покажува истражувањето на Младински образовен форум (МОФ) „Неискористен студентски потенцијал“, кое исто така укажува дека стипендии повеќе користат ученици од приватните школи, додека нивни врсници од државните училишта не се доволно информирани за можностите. 

„’Одлив на мозоци’, ‘образовен егзодус’, ‘бела чума’, ‘младите си заминуваат’, ‘младите се отселуваат’, ‘младите ја бараат својата среќа во странство’. Ова се насловите кои со сигурност провеале низ вашиот информациски простор во изминатиот месец. Како главни катализатори на овие наслови се наведуваат низа фактори како високо ниво на корупција во секое поле, комплицирана бирократизација, партиски предуслови за напредок, а во секоја од овие теми е присутно образованието“, посочи Ристе Савески, претседател на МОФ, на настанот во „Јавна соба“ каде беше презентирано истражувањето.

Тој рече дека секое ниво на образование до сега е предмет на експериментирање, но државата стремејќи да го поттикне развојот на високото образование, да го прилагоди еквилибриумот на понудата и побарувачката на пазарот на трудот, воведува атрактивна програма за стипендирање, а потоа директно да го внесе знаењето и искуството во македонското општество.

„Но, како што е познато, нашето законодавство е јако на зборови, а слабо на дела“, потенцираше Савески.

Целта на ова истражување е да ја претстави стапката на успех на стипендиите доделени од МОН за студирање на најдобрите 100 универзитети според Шангајската листа кои, како што забележа Савески, опфаќаат не само школарина, туку и трошоци за живот и претставуваат огромна инвестиција од страна на државата. Дополнително, тој додава дека финансиската посветеност е проследена со строги услови, меѓу кои барање на примателите на стипендиите да се вратат во Македонија по завршувањето на студиите и да го применат своето стекнато знаење на одредени државни позиции.

Извор: „Неискористен студентски потенцијал“

„Истражувањето покажува дека има нетранспарентност при процесот на распределба на стипендијата, ниско ниво на промоција на програмата, дека не се води евиденција и мониторинг на студентите кои ја добиле стипендијата, дека комуникација со корисниците на стипендијата е ненавремена, понудите за работа не се соодветни и има потреба од ревизија на начинот на кој моментално се имплементира“, истакна претседателот на МОФ.

Извор: „Неискористен студентски потенцијал“

Една од авторките на истражувањето, Луција Чукеловска, ги истакна значајните пропусти во имплементирањето на стипендијата. Податоците на МОН и искуства на бивши стипендисти, вели таа, говорат за недоволна и несоодветна евиденција што се води за стипендистите, недоволен мониторинг во процесот на студирање, како и слаби напори да се обезбедат соодветни работни места, што одговараат на квалификациите стекнати од студентите.

Фото: МОФ

„Од 2012 година досега државата стипендирала 389 студенти, а од прилика таа дава 160 илјади долари за еден стипендист“, посочи авторката.

Извор: „Неискористен студентски потенцијал“

Како што раскажа таа, во однос на институционалите пропусти и неправилности, најзначајни предизвици од испитаниците биле искажани во поглед на комуникацијата со надлежните службеници на МОН.

„Ова вклучува и ненавремени одговори и споделување релевантни информации, непочитување на поставените рокови и несоодветен однос на дел од вработените со кои стапиле во комуникација“, појасни Чукеловска.

Понудите што ги добивале стипендистите кои се вратиле во државата претставуваат уште еден значаен пропуст. Поточно, дел од испитаниците што добиле некаква понуда за вработување откако доставиле соодветна документација, рекле дека понудата не соодветствувала со нивните професионални квалификации и полиња на интерес.

„Процесот на селекција на кандидатите несомнено влева голема недоверба во целиот процес. Според споделените мислења од прашалникот и интервјуата, овие стипендии се резервирани исклучиво за одредени групи млади. Во отсуство на доволна транспарентност при доделувањето на стипендиите, младите остануваат скептични кон оваа инвестиција на државата“, поентира таа.

Додека пак, авторката Јоана Тренеска се осврна на тоа што половина од испитаниците не знаат воопштво за постоењето на стипендијата, па рече дека овој податок е доста поразувачки. Според неа, постои голема разлика меѓу користењето на оваа стипендија од младите кои учат во државните и приватните средни училишта.

Извор: „Неискористен студентски потенцијал“

„Поразителен е фактот што приватните средни училишта имаат вработени лица задолжени за кариерно советување и тие ги насочуваат студентите кон оваа државна стипендија, што не е случај со државните училишта. Иако МОН не ни доставија од кое средно доаѓаат сите корисници на стипендијата, ние забележавме дека има доста диспропорционалност, односно дека повеќе од овие стипендии се искористени од деца кои студирале во приватни средни школи“, посочи Тренеска.

Фото: МОФ

Како што забележа таа, наодите покажуваат дека корисниците на стипендијата, одбиените стипендисти и младите кои се заинтересирани да аплицираат сметаат дека, и покрај сите видливи пропусти, стипендијата има потенцијал да биде корисна за двете страни и не треба да се укине, туку неопходно е да се подобри нејзината имплементација и условите за користење.

„Човечкиот капитал кој се создава преку оваа стипендиска програма може да се искористи доколку институциите внимателно го мониторираат кариерниот пат на стипендистот неколку години по завршувањето на студиите, но и да креираат услови стипендистот да сака да придонесе и да ѝ возврати на државата која му го овозможила професионалното усовршување“, истакна авторката.

При самото истражување, некои млади откриле за нетранспарентност при селекција на стипендисти по заслуга.

„Најмногу бенефит имаат најбогатите студенти кои секако можат да аплицираат во странство“, истакнува еден од испитаниците.

„Не познавам незаслужни студенти кои ја добиле стипендијата, но познавам заслужни студенти кои не ја добиле, наводно поради тоа што немале моќ да влијаат врз процесот“, посочува друг.

„Подоцна дознав за оваа стипендија откако излезе случај на телевизија дека ќерка на тогашен функционер ја добила“, додава трет испитаник.

Извор: Истражување „Неискористен студентски потенцијал“

Според препораките од авторките на истражувањето, МОН треба да ги зајакне капацитетите на секторот задолжен за стипендиската програма, да ги ревидира условите за користење на стипендијата, да ја зголеми информираноста на средношколците и студентите за стипендијата и да воспостави меѓуинституционалната соработка со приватниот сектор за искористување на човечкиот капитал создаден преку програмата.

„Државата чести одредени студенти со привилегијата да студираат на светски реномирани универзитети, а потоа ја прокоцкува шансата за истите да ги задржи тука. Со тоа ја прокоцкува и шансата за напредок на разни сектори в македонското општество“, заклучи на крајот Савески.

Инаку, покрај Чукеловска и Тренеска, авторка на истражувањето е и Сања Божовиќ Стојкоска. Истражувањетo e изработено од МОФ во рамки на проектот „Генерална организациска поддршка на Младински образовен форум“, со помош од Фондацијата „Отворено општество“ – Западен Балкан.

Ангела Петкова (Радио МОФ)

Зачлени се на нашиот е-билтен