Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) денеска го објави истражувањето „Трошки за здруженија на граѓаните во општинските буџети“, во кое се заклучува дека здруженијата на граѓани и фондации во земјава не ја добиваат потребната финансиска поддршка од општинските буџети. Во просек, општините во 2022 година им доделиле за здруженијата на граѓани само 0,1 % од своите буџети.
Истражувањето открива дека општините преку буџетската ставка 463 – наречена „Трансфери до невладини организации“ во 2022 година доделиле 6,6 милиони евра. Притоа, над 90 % од парите се доделени на спортските клубови, кои се миленици на локалните власти и во одредени општини добивале и по еден милион евра годишно.
Од Центарот за граѓански комуникациии потенцираат дека со исплатите на средства кон професионалните спортски клубови преку буџетската ставка 463 – Трансфери на невладини организации се создава искривена слика дека поддршката на здруженијата на локално ниво е поголема од реалното.
Посочуваат дека вредноста на доделените средства за здруженија на граѓани од општините во 2022 година изнесува скромни 75 илјади денари, а за спортските клубови шест ипол пати повеќе односно просечно по 488 илјади денари.
Најголем дел од парите што се доделени за НВО се за проекти од областа на социјалната заштита, по што следат проекти од областа од културата и на животната средина.
Според истражувањето, дека речиси и да нема проекти од областа на доброто владеење, со што се оневозможува здруженијата на граѓани да дадат придонес во борбата против корупцијата и кон зголемување на транспарентноста и отчетноста на локалните власти.
Од ЦКГ појаснуваат дека јавните повици за доделување финансиска поддршка за НВО се објавуваат на веб-страниците на општините, но забележуваат дека во нив, најчесто, не се наведени целите на повикот, висината на средствата, ниту критериумите за избор на предлог-проектите.
Им забележуваат на општините дека во поголем дел не ги објавуваат јавно имињата на организациите кои добиле буџетска поддршка, ниту износот на доделените средства и нивната намена. Воедно не се бараат од примателите на средствата ниту да доставуваат извештаи за реализацијата на проектите. Заклучуваат дека со овој пристап општините не овозожуваат транспарентен и фер пристап до средствата, како и увид во начинот на кои тие се трошат – со што се отвора простор за злоупотреби и корупција.
Ова истражување е изготвено во рамките на проектот „Заштита од корупција“ со финансиска помош од Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје, имплементиран од Центарот за граѓански комуникации, во периодот од 1 ноември 2021 до 31 октомври 2024 година. (МИА)