Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Изборни калкулации за избегнување на предвремени парламентарни избори

Денешниот брифинг со новинарите на собранискиот спикер Талат Џафери ги даде рамките по кои политичките партии би било пожелно да се раководат при одредување датум за одржување на претседателските и парламентарните избори 2024 година.

Според член 12 од Изборниот законик, актот за распишување на изборите го донесува претседателот на Собранието и со него се определува денот од кога почнуваат да течат роковите за извршување на изборните дејствија и денот на одржувањето на изборите, а од денот на распишувањето на изборите до денот на одржувањето на изборите не може да помине повеќе од 90 дена, ниту помалку од 70 дена.

Според член 14 од Изборниот законик, пак, изборот на претседател, се врши во последните 60 дена од мандатот на претходниот претседател, а во случај на престанок на мандатот на претседателот, од кои и да е причини, изборот за нов претседател се врши во рок од 40 дена од денот на престанокот на мандатот

Што се однесува до изборот на пратениците, член 15 од Изборниот законик вели дека се  одржуваат секоја четврта година во последните 90 дена од мандатот на претходниот пратенички состав или во рок од 60 дена од денот на распуштањето на Собранието. Предвремени избори за пратеници се спроведуваат во согласност со одредбите на овој законик, а сите рокови за изборните дејствија се скратуваат за пет дена, освен рокот утврден за спроведување на изборната кампања.

На брифингот Џафери ги посочи  законските рокови за одржување на претседателски и парламентарни избори, апелирајќи одлуката политичките партии да ја донесат најдоцна до Нова година, особено за претседателските избори, за да не остане државата без претседател.

Но, дали постои шанса за консензус и дали ќе се чека до крајниот рок за одредување датум. Дел од преговорите меѓу власта и опозицијата се и уставните измени. Иако Џафери вели дека по тоа прашање е сменето ништо, сепак, се користат како алатка за преговори или натегање околу изборните датуми.

Бујар Османи им порача на ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за уставните измени и ќе добијат предвремени парламентарни избори кога сакаат, како одговор на повикот на Мицкоски за избори на еден трошок.

Понудата на Христијан Мицкоски во име на народот и неговата „грижа“, да не се оптовари буџетот, па на еден трошок да се истераат и двата изборни циклуси, денеска ја повтори уште еднаш, констатирајќи дека е „глупаво“ да има одвоени изборни циклуси.

Премиерот Димитар Ковачевски на постојните повикувања на Мицкоски и вчера одговори дека тој не отстапил од неговиот став дека изборите ќе бидат редовни, за разлика од ВМРО-ДПМНЕ кои две години ги најавува предвремените избори на секои три месеци. Ковачевски изјави дека одлуката ќе се донесе на ниво на сите политички партии во Собранието.

Во меѓувреме се очекува и консензуалност и одлука како ќе изгледа Изборниот законик, на чии измени работи Групата за изборни реформи иницирана од Министерството за правда.  По кој кој верзија на Изборен законик ќе се спроведат изборите е одлука која треба да се донесе најдоцна 6 месеци од распишување на изборите. Со оглед дека работата на работната група сѐ уште не е завршена, измените ќе ги одминат претседателските избори, па и парламентарните, доколку се одржат на ист датум.

Според калкулациите за да се избегнат предвремени парламентарни избори, најповолен датум за нивно одржување е 5 мај.

Биљана Јордановска (ЦивилМедиа)

Зачлени се на нашиот е-билтен