Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Кој е Африм Гаши, новиот претседател на Собранието?

Со 76 гласа за, 6 против и ниту еден воздржан, од 116 регистрирани пратеници, за претседател на Собранието е избран Африм Гаши од коалицијата ВЛЕН.

Новиот претседател на Собранието Африм Гаши по неговиот избор во својот говор рече дека предизборната кампања е завршена, денеска имаме Собрание со нов состав и мнозинство за Влада која наскоро ќе биде формирана.

– Нашиот предизвик нема да биде да се занимаваме со вокабуларот на кампањата, пред нас е нова перспектива, каде што граѓаните очекуваат да го реализираме тоа што сме го ветиле со посветена работа, рече Гаши, пренесува „Фронтлајн“.

Според него, бегството на младите може да се запре само доколку се донесат закони кои ќе им овозможат да се вратат овде.

– За мене, кој сум оптимист, не е невозможно да се вратат дел од нив доколку го подобриме животниот стандард, подвлече новоизбраниот претседател на Собранието.
Гаши истакна дека не треба да се враќаме во минатото, туку треба да даваме решенија за иднината.

– Ова е причината затоа што ве повикувам да бидеме заедно за да ја подобриме економската состојба, реформите во образованието, заштитата на семејството и животната средина, тоа се столбовите кои мораме да ги обединиме, рече меѓу другото Гаши.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Хирстијан Мицкоски својот говор пред пратениците рече дека Македонија ја чекаат години на реформи, развој и владеење на правото, години, како што рече, на борбата против корупцијата.

По верификацијата на мандатите на новоизбраните пратеници, пратениците на коалицијата „Европски фронт“ предводени од Али Ахмети ја напуштија собраниската сала.

После гласањето за претседател на Собранието, шесте пратеници од Левица ја напуштија собраниската сала.

Кој е Африм Гаши?

Африм Гаши е роден на 9 ноември 1977 година во Скопје. Основно и средно образование завршува во родниот град. Во 2007 година дипломира на Правниот факултет при Државниот универзитет во Тетово. Во 2021 година магистрира политички науки на Институтот за правни, социолошки и политички студии при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје.

Гаши беше претседател на политичката партија Алтернатива од нејзиното основање во 2019 година до 23 мај 2024 кога даде оставка поради преземење на функцијата претседател на Собранието. Тој беше пратеник во Собранието од 2016 до 2020 година, од 2020 до 2024 година. Тој е избран за пратеник и на изборите одржани на 8 мај.

Досегашни претседатели на Собранието од 1991 до 2024 година

Собрание како претставнички орган на граѓаните и носител на законодавната власт во Северна Македонија, според Уставот може да биде составено од 120 до 140 пратеници, но во сите досегашни состави биле избирани по 120 пратеници. По парламентарните избори од 2011 година, бројот на пратеници се зголемил на 123 пратеници, поради изборот на тројца пратеници од дијаспората, но во најновиот пратенички состав од 2016 година повторно има само 120 пратеници.

На 20 септември 1990 – Собранието на СР Македонија усвојува 25 амандмани на Уставот на СРМ од 1974 година, со кои се вршат радикални промени во општествено-економскиот и политичкиот систем. Тоа го означува почетокот на транзицијата на државата кон идниот парламентарен систем и кон создавање суверена и самостојна држава. Со уставните амандмани, меѓу другото, се воведува сопственички и политички плурализам и се врши реструктуирање на главните институции во државата (Собранието станува еднодомно, Извршниот совет станува Влада, а наместо колективното Претседателство за прв пат се воведува функцијата Претседател на Републиката).

11 ноември 1990 – во СР Македонија се одржуваат првите слободни демократски повеќепартиски парламентарни избори. Изборите се одржуваат според мнозинскиот изборен систем, а територијата на Македонија е поделена на 120 изборни единици. Учествуваат 18 политички партии и 43 независни кандидати. На изборите се избрани 120 пратеници на Собранието на тогашната Социјалистичка Република Македонија. Преку избраните претставници на различните партии и политички опции, во Македонија е воспоставен парламентарен систем со плуралистичка демократија.

8 јануари 1991 – конституирано е првото повеќепартиско Собрание на Социјалистичка Република Македонија, составено од пратеници од 9 политички партии и 3 независни кандидати. За претседател на Собранието на СР Македонија е избран Стојан Андов. Првото повеќепартиско Собрание своите активности ги насочува кон донесување на неопходните државотворни акти и документи, кои јасно ја изразуваат вековната желба на македонскиот народ за изградба на самостојна и независна држава. Ова Собрание ќе ги избере првиот Претседател и првата Влада на Републиката, ќе распише референдум за независност и ќе го усвои Уставот на Република Македонија, химната и знамето.

25 јануари 1991 – на една од своите први седници, пратениците ја донесуваат Декларацијата за сувереност на Социјалистичка Република Македонија, со која се изразува сувереноста на Социјалистичка Република Македонија, во согласност со уставните определби за независност и територијален интегритет на македонската држава, како и правото на македонскиот народ на самоопределување, вклучувајќи го и правото на отцепување. Оваа Декларација ќе претставува основа за донесување на првиот демократски Устав на Република Македонија.

27 јануари 1991 – на собраниската седница за прв претседател на СР Македонија е избран Киро Глигоров.

20 март 1991 – Собранието ја избира првата Влада на СР Македонија (наречена експертска), на чело со д-р Никола Кљусев.

7 јуни 1991 – Собранието на СР Македонија усвојува 4 амандмани на Уставот на СР Македонија, меѓу кои и амандманот за бришење на атрибутот „Социјалистичка“ пред името на Социјалистичка Република Македонија. Оттогаш, републиката го носи називот Република Македонија.

6 август 1991 – Собранието усвојува Одлука за распишување референдум за изјаснување на граѓаните за суверена и самостојна држава. Во Одлуката е утврдено прашањето за кое граѓаните ќе се изјаснат на референдум: „Дали сте за суверена и самостојна држава Македонија?“

8 септември 1991 – се одржува референдумот за сувереност и самостојност на државата. На референдумот позитивно се изјаснуваат 95,09% од излезените граѓани, или 72,16% од вкупниот број граѓани со право на глас. По тој повод, 8 Септември е прогласен за државен празник – Ден на независноста.

17 септември 1991 – Собранието на Република Македонија носи Декларација за потврдување на референдумските резултати за конституирање на Република Македонија како суверена и самостојна држава. Во Декларацијата е истакнато дека граѓаните на Република Македонија, на демократски начин испишаа нова страница во македонската многувековна историја за заокружување на самостојноста и сувереноста на Република Македонија како држава. Оваа Декларација претставува формална одлука на Собранието на Република Македонија за конституирање на Република Македонија во суверена и самостојна држава, со оглед на фактот што референдумски изразената волја на граѓаните нема одлучувачки, туку само консултативен карактер.

17 ноември 1991 – Собранието го прогласува Уставот на Република Македонија како највисок државно-правен акт на државата, со што се заокружува долгиот историски процес на конституирање на Република Македонија како суверена, самостојна, демократска и социјална држава. Донесувањето на Уставот го означува почетокот на изградбата на новиот уставен поредок и воспоставувањето на Република Македонија како парламентарна демократија.

Дестан Јонузи (Фронтлајн)

Треба да знаете
Moже да ве интересира