Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Изгорена од жарот на сопствената пропаганда

Мирослав ЈОВАНОВИЌ/ СЛОБОДЕН ПЕЧАТ

По повод објавата на портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова на Телеграм во која го обвини „Слободен печат“ дека нема храброст да зборува за бескрупулозноста на американските манипулации, но, како што вели, имаше храброст да објави наслов „Сите се против Лавров“

Народите на Балканот по правило биле „претплатени“ (и таа претплата сѐ уште трае) на интензивен курс по историја и општество, каде како една од главните придобивки се јавува изреката дека на народот не можете да му „продадете рог за свеќа“. Дури и привремената успешност на таа операција низ историски периоди не ја поништува суштината на изреката и финалниот исход.

Во време на поствистината,  која, за жал, секојдневно  и незадржливо надоаѓа кон нашите умови и мисли како брз, забрефтан воз,  притоа уништувајќи ги границите помеѓу вистината и нејзиниот пра непријател – шпекулацијата, Вашиот коментар за насловната страна на „Слободен печат“ (ни правите особена чест) ме потсети на една од мноштвото познати изјави на  Оскар Вајлд која гласи: „Има само едно нешто на светот полошо од тоа да бидете озборувани, а тоа е да не бидете озборувани“.

За да им биде појасно на нашите читатели, на прес конференцијата по повод самитот на ОБСЕ во Скопје  – г-ѓо Захарова напишавте на „Телеграм“, цитираме : „Што е лажно? Практична анализа. Првиот македонски весник (се мисли на „Слободен печат“) објавува фотографија која е направена ПРЕД состанокот на министрите за надворешни работи на ОБСЕ. Не е официјално, бидејќи средбата беше отворена дури следниот ден. Но, весникот немаше храброст да зборува за ова и да зборува за бескрупулозноста на американските манипулации, чија пропагандна цел беше да демонстрира антируски жар. Но, тие имаа храброст да објават наслов дека ‘Сите се против Лавров‘“.

За волја на вистината, ме ставивте во мисла; се прашувам, дали во извршувањето на своите должности министрите за надворешни работи и владини претставници на приближно 60 земји членки на ОБСЕ – ПРЕД официјалното започнување на состанокот на организацијата и последователно објавување на фотографијата на „Слободен печат“  – ги „ставија на пауза“ своите овластувања, должности и државнички обврски сѐ до официјалниот почеток на состанокот, или чекаа да се разбудат на денот на официјалниот почеток на конференцијата, за да се потсетат на сѐ она поради што се во Скопје? Толку за фотографијата  и коментарот „пред“ и „по“… За наша среќа, за изречен збор во јавност, критика или теза против власта или центрите на моќ, во нашата земја и општество не е потребна „храброст“,  туку журналистички професионализам и почитување на фактите, секако не под закана од долгогодишна затворска казна. Факт е дека на самитот на ОБСЕ, Вашиот министер за надворешни работи беше повеќе од игнориран од присутните министри од други земји членки на ОБСЕ (чест на неколку исклучоци, за да се потврди правилото); тој факт ја „заслужи“ насловната страна на нашиот медиум. Поистоветувањето на политиката која ја застапувате  – со руската нација, вис а вис „анти рускиот жар“ и слични наративи е гротескно; дозволете да Ве потсетам; Достојевски, Пушкин, Рахмањинов, Менделеев, Мусоргски (последниов, една од улиците во Скопје го носи неговото име) и други,  се подеднакво наши колку се и Вaши. Тие му припаѓаат на светот и тоа не по Ваша заслуга или дозвола. Големата руска нација постоела пред Вас и ќе продолжи да постои по Вас.

Нашата заедничка куќа Македонија, не по наша вина, е изградена на балкански крстопат; понекогаш патникот намерник или гостин ќе ви донесе јаболко како подарок, убав збор, некогаш ќе ви ја разниша или искрши оградата околу куќата, некогаш ќе ве пофали за домаќинлак, а некогаш ќе ве навреди со најпогрдни зборови или ќе изврши насилен грабеж на сето свето од вашиот дом, а често се случувало она најлоштото, со пушка да ви влезе во дворот и да ви го десеткува семејството. Последново посебно го згрозува секој нормален човек; не постои наратив во светот или спин кој ќе оправда општествена девастација на соседна земја, вооружена агресија, погром. Многу едноставно. Сепак, можете Вие подобро…

Зачлени се на нашиот е-билтен