Создадената привидна илузија кај дел од македонските граѓани дека на Интернет може да се направи сè, без притоа да се одговара, е надвор од законската реалност во земјава, а ова се однесува и на видеата што се објавуваат на Јутјуб и на другите онлајн платформи за споделување на ваквите содржини.
Бојан БЛАЖЕВСКИ*
Од промотивни рецензии за одредени производи, преку оценки на храната во угостителски објекти и видео интервјуа со јавни личности до продукција на своевидни информативни емисии во видео формат. Јутјуберството како создавање на аудиовизуелни медиумски содржини по барање од физички лица зема голем замав и во Македонија, а заедно со ова се поставува и прашањето за степенот на негова регулација.
Во Македонија во моментов се актуелни предложените измени и дополнувања на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, кои треба да се донесат најдоцна до 31 мај и со кои македонското законодавство треба да се усогласи со Директивата за аудиовизуелни медиумски услуги на ЕУ.
Прашањето за степенот на регулирање на Јутјуберите се постави и по случајот со објавената емисија на Јутјуб на Стефан Лазаров со Драган Павловиќ-Латас, кои се најдоа пред суд со обвинението за ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, за кое Основното јавно обвинителство оформи предмет откако во емисијата на Лазаров на Јутјуб, Драган Павловиќ – Латас како гостин низ смеа раскажа случај на сексуално насилство врз жена додека бил тинејџер, додека водителот Лазаров на тоа реагираше со смеење и потпрашања за експлицитните содржини.
И покрај тоа што реагираше Основното јавно обвинителство со обвинителен акт што го оформи за овој случај, јавноста се здоби со впечаток дека Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) е со „врзани раце“ во објавената видео-емисија на Јутјуб на Лазаров, што не би било случај доколку идентичниот поткаст се прикажеше како емисија на радио или телевизиските станици во земјава.
АВМУ: Предмет на регулација би можело да бидат инфлуенсерите
Регулирањето на т.н. јутјубери или инфлуенсери, односно физички лица кои имаат свои канали на некоја од социјалните мрежи на кои објавуваат видеа што самите ги создаваат, во европската пракса на регулација на аудиовизуелните медиумски услуги потпаѓаат под терминот „аудиовизуелни медиумски услуги по барање“, велат за Мета.мк од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ).
Од АВМУ посочуваат дека актуелниот Закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ЗААВМУ) ги опфаќа и услугите по барање, меѓутоа во членот кој поблиску го одредува регистрирањето на ваквите услуги кај нив, се бараат податоци/документи кои можат да ги обезбедат само правни лица.
„Се надеваме дека со измените на Законот што треба да се усвојат во првата фаза, ќе се направат прилагодувања кои ќе овозможат регулација и на физичките лица кои обезбедуваат аудиовизуелни медиумски услуги по барање“, се наведува во одговорот од АВМУ.
Сепак, доколку се усвојат ваквите законски измени, тоа нема да значи дека сите лица кои објавуваат видеа на некоја од социјалните мрежи автоматски ќе бидат предмет на регулација од АВМУ.
„Како што покажува практиката на други регулаторни тела во Европа, потребно е да се определат критериуми за тоа кога одреден/а инфлуенсер/ка треба да се регулира. На пример, во Холандија критериумите се базираат на бројот на претплатници и следачи (subscribers и followers), утврден минимален број видеа кои во текот на годината таа личност ги поставила на својот канал и остварувањето економска добивка од ваквата активност. Кои ќе бидат критериумите кај нас и како ќе бидат поставени нивните прагови (колку претплатници, колку видеа и сл.), ќе се утврди кога ќе бидат донесени потребните законски измени“, објаснуваат од регулаторното тело.
Дури потоа, велат од АВМУ, оние инфлуенсери и инфлуенсерки кои ќе ги исполнуваат ваквите критериуми ќе треба целосно да го почитуваат законот, а за непочитувањето ќе им бидат изрекувани законски предвидени мерки.
Регулацијата на јутјуберите – “жешка тема” и во Европа
Дејан Георгиевски од Центарот за развој на медиуми за Мета.мк објаснува дека прашањето за регулација на аудиовизуелни медиумски услуги по барање од физички лица е нова работа и на ниво на ЕУ.
Во Македонија, АВМУ засега нема директни ингеренции врз нивните активности, а за тоа колку и какви ингеренции треба да се води дискусија.
„Некои од проблемите се концептуални, и се однесуваат на различните сфаќања и приоди кон слободата на изразувањето, слободата на информирањето и тн. Постојат и проблеми од практична природа, односно организирањето на надзорот, што ќе бара голема инвестиција во човечки ресурси (и соодветна опрема) за тој да биде ефективен“, појаснува Дејан Георгиевски.
За оние прашања што се регулирани во кривичното законодавство, секако дека АВМУ не би смеела да има никакви ингеренции, бидејќи тие треба да ги има само правосудството, додава тој.
Создадената привидна илузија кај дел од македонските граѓани дека на Интернет може да се направи сè, без притоа да се одговара, е надвор од законската реалност во земјава, а ова се однесува и на видеата што се објавуваат на Јутјуб и на другите онлајн платформи за споделување на ваквите содржини.
Георгиевски вели дека кривичното и граѓанското законодавство што се однесува на спречување на различни форми на штетно изразување, што вклучува и говор на омраза, се однесува и на јутјуберите.
„Се разбира, во некои случаи спроведувањето на законите е тешко поради распространетоста на анонимно користење на таквите платформи или „криењето“ зад псевдоними. Исто така, мислам дека дел од соодветните одредби, особено оние што се однесуваат на говорот на омраза, треба да се ревидираат за да се направат попрецизни и поконцизни, како и да се направи подобар баланс со потребата за заштита на слободата на изразувањето и говорот“, вели Дејан Георгиевски.
Притоа, со претстојните измени на ЗААВМУ се воведуваат обврски првенствено за давателите на платформи за споделување видео, како што се Јутјуб и сличните платформи, или Фејсбук и другите социјални мрежи и медиуми, како и на услугите за видео по барање (Нетфликс и слично) што функционираат на интернет и даваат услуги на видео-стриминг на содржини. Нивните обврски се однесуваат на регистрација, плаќање на годишен надомест на АВМУ за вршењето на надзор, како и обврски за воспоставување правила и грижа за спречување и отстранување на штетни содржини во рекламирањето, детска порнографија и прекумерно насилство, и во смисла на штетен говор или говор на омраза.
„Во пракса, тоа значи дека ингеренциите на Агенцијата се прошируваат да ги опфатат новите даватели на услуги како што е „Глеј“ и евентуално на национални социјални мрежи или национални подружници на постоечките социјални мрежи, на пример, „Фејсбук Македонија“ или „Тик-Ток Македонија“, што е малку веројатно да се случи, или на национални платформи за споделување видео или локализирани подружници на глобалните платформи, слични како и погоре, „Јутјуб Македонија“, „Дејлимоушн Македонија“ и слично)“, појаснува Георгиевски.
Георгиевски додава дека сепак малку е веројатно основањето на национални платформи или социјални мрежи кои би биле регулирани со ваквите законски измени, така што за индивидуалните јутјубери останува сегашниот пристап на потпирање на нивните внатрешни правила и политики и можностите за пријавување на спорните содржини кај нив.
ЗНМ: Регулацијата мора да е усогласена со ЕУ и да не ја загрози слободата на изразување
Македонија не треба да биде исклучок од другите земји, да ги следи трендовите на регулација и на само-регулација кои се актуелни во земјите-членки на ЕУ, а притоа секако да се земе во предвид и нашиот локален медиумски контекст. Сепак, од ЗНМ предупредуваат дека претераната регулација може да создаде самоцензура и да се попречи или наруши правото на слобода на говор.
„Аудиовизуелните медиумски услуги по барање (on – demand) веќе се опфатени со сегашниот Закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, во членот 56. Меѓутоа, оваа одредба беше формулирана така што имплицираше дека даватели на овие услуги можат да бидат само правни лица. Моменталната дебата која ја води МИОА е во насока на тоа дека предмет на регулација можно е да бидат и некои физички лица кои даваат вакви услуги (со цел да остварат комерцијален интерес), особено Јутјуберите кои имаат голем број следбеници“, велат од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ).
Сепак, АВМУ ќе треба со посебен акт да утврди по кои критериуми давателите на аудиовизуелни медиумски услуги по барање ќе бидат под нивен надзор.
„На сличен начин ова прашање го уредуваат регулатори од други европски земји, затоа што не секое физичко лице кое објавува видео-содржини го прави тоа за да оствари комерцијален интерес и притоа има големо влијание во јавноста. Инаку, би било ограничување на слободата на изразување на интернет сите физички лица кои објавуваат некакви видеа да бидат опфатени со регулацијата“, појаснуваат од ЗНМ.
Од ЗНМ за Мета.мк додаваат дека според Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Агенцијата има своја улога во медиумскиот простор, а тоа, во најопшт контекст, е да ги регулира медиумите, односно радиодифузерите како и јавниот сервис кои емитуваат програма, а не да регулира физички лица.
Од ЗНМ потсетуваат дека забрана на Јутјуб и други социјални медиуми има само во недемократски земји низ светот, како што се Судан, Северна Кореја или Сирија.
Наспроти забрана на социјални мрежи, од ЗНМ порачуваат самите граѓани да реагираат и да ја пријават содржината до самите социјални мрежи и платформи која нив ги вознемирува. Повеќето вакви платформи кои се достапни на интернет нудат можност и самите следачи односно граѓаните да реагираат и да пријават содржина која нив потенцијално ги вознемирува. За сите други посериозни случаи, постојат закони кои го регулираат говорот на омраза или поттикнувањето на насилство, а за овие кривични санкции надлежноста ја има полицијата и обвинителството, велат од ЗНМ.
*Бојан Блажевски е главен уредник на новинската агенција МЕТА
Преземено од МЕТА