Ни треба израелска повелба која ќе ни објасни како ќе изгледаат нашите животи по победата и кои се позитивните цели за кои денес се бара од милиони војници и граѓани да ги ризикуваат, па дури и да ги жртвуваат своите животи
Пишува: Јувал Ноа ХАРАРИ*
Во средината на еден од најтемните периоди во Втората светска војна, на 14 август 1941 година, претседателот на Соединетите Американски Држави Френклин Делано Рузвелт и премиерот на Велика Британија Винстон Черчил ја објавија Атлантската повелба. Во моментот кога знамето со свастиката се вееше над Ајфеловата кула во Париз и Акропол во Атина, кога жителите на Лондон живееја во страв од бомбардирањето на Луфтвафе, а нацистичките тенкови се движеа кон Москва – Черчил и Рузвелт погледнаа кон иднината и во Атлантската повелба напишаа како ќе изгледа светот по победата над нацизмот.
Повелбата предвидува дека победничките сојузници нема да ја искористат победата за проширување на своите територии, дека ќе го признаат правото на народите на самоопределување и демократски поредок, а границите ќе се менуваат само со согласност на локалното население. Беше охрабрена глобалната соработка, која ќе го подобри животот на сите жители на планетата и ќе им овозможи на сите луѓе да живеат без страв, насилство и неволја. Иако идеалите наведени во повелбата никогаш не беа целосно реализирани, тие беа основа за новиот поредок во светот. Тој документ јасно им презентираше на милиони војници и граѓани во сојузничките земји за што се борат и за што ги жртвуваат своите животи. Атлантската повелба го отвори патот за крајот на империјализмот и ослободувањето на жените, црнците, Евреите, членовите на ЛГБТК+ заедницата и другите малцинства, па дури и за формирање на Државата Израел.
Како што на Рузвелт и Черчил не им беа доволни општите фрази дека „нацистите мора да бидат уништени“, така и денес ни треба нешто многу подлабоко и поконструктивно од општите изрази „дека Хамас мора да се уништи“. Ни треба израелска повелба која ќе ни објасни како ќе изгледаат нашите животи по победата и кои се позитивните цели за кои денес се бара од милиони војници и граѓани да ги ризикуваат, па дури и да ги жртвуваат своите животи.
Како што на Рузвелт и Черчил не им беа доволни општите фрази дека „нацистите мора да бидат уништени“, така и денес ни треба нешто многу подлабоко и поконструктивно од општите изрази „дека Хамас мора да се уништи“. Ни треба израелска повелба која ќе ни објасни како ќе изгледаат нашите животи по победата и кои се позитивните цели за кои денес се бара од милиони војници и граѓани да ги ризикуваат, па дури и да ги жртвуваат своите животи.
Жителите на Беери и Сдерот, Кфар Аза и Офаким, мора да знаат дека по победата државата ќе ги обедини и ќе се грижи за нивната безбедност, наместо да ги дели на прв и втор Израел, а потоа сите да ги занемари. Нееврејски граѓани на Израел – како што се семејствата на поручникот Алим Саад, кој загина на границата со Либан, Абд ал Рахман Ал Насар од Кусајфа, кој беше убиен од терористите кога се обиде да ги спаси преживеаните од масакрот на музичкиот фестивал, и Авад Муса Даруш од Иксал, кој загина покрај кибуцот Реим додека возеше амбулантно возило – мора да знаат дека по победата ќе бидат граѓани од прва класа, дека ќе имаат целосна рамноправност и безбедност.
Милиони жени кои деновиве се борат да ги зачуваат своите семејства и заедници на линијата на конфликтот, од Рахел Адари од Офаким до припадничката на граничната полиција Шифра Бохрис, која спаси десетици на денот на масакрот, до Ор Бен Јехуда , поручникот на баталјонот Каракал кој се борел во Појасот Газа – сите тие мора да знаат дека по победата нема да бидат испратени во кујна или затворени зад прегради и завеси. Борците од ЛГБТК+ заедницата, како капетанот Шагаи Голан, кој беше убиен во битката кај Бери една недела пред да се ожени со избраникот на неговото срце, мора да знаат дека државата целосно ќе ги препознае нивните односи и дека по победата ќе да можат официјално да се венчаат во земјата за која ги ризикуваат своите животи.
Родителите мора да знаат дека по победата децата во училиштата ќе учат за вредностите како мир и љубов, а не војна и омраза. Новинарите, инфлуенсерите, поетите и мислителите кои придонесуваат за информирање и борбата за јавното мислење, мора да знаат дека и кога ќе загрмат топовите, музите нема да молчат. Дури и Палестинците од Западниот Брег и Појасот Газа, од кои Израел бара овие денови да покажат воздржаност или да го осудат Хамас, мора да знаат дека по победата на Израел ќе им биде подадена раката на мирот и дека победата нема да се искористи за нивно протерување од земјата или да ги газат нивните права.
А ако владата има намера да ја искористи победата за анексија на територии, насилно менување граници, протерување на населението, укинување на правата, молчење, исполнување месијански фантазии или воспоставување држава според еврејските религиозни правила (Халаха), треба сега да го знаеме тоа.
Не ни кажувајте дека тоа се теми кои ги делат луѓето и дека единственото битно во моментов е единството, дека треба да чекаме до победата или дека едноставно немаме време да зборуваме за иднината во моментов. Ако Рузвелт и Черчил во август 1941 година најдоа време да разговараат за далечната иднина, тоа го може и вонредната национална влада. Можеби е добра идеја да се искористи посетата на претседателот Бајден на Израел за да се објават таквите намери. Во Израел постои консензус дека е неопходно да се елиминира Хамас од Газа, но каква ќе биде иднината на Израел?
Нетанјаху, Ганц, Ајзенкот и други членови на владата во вонредна состојба – кажете ни кои се долгорочните цели на оваа војна за да знаеме зошто треба да ги ризикуваме и да ги жртвуваме нашите животи.
(*Текстот на историчарот, философ и писател Јувал Ноа Харари е преземен од Pescanik)