Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Како необработливото земјиште каде што требаше да се гради карго аеродром што го договори ВМРО-ДПМНЕ, сега стана плодно?!?

„Акио Енерџи“ е една од првите компании во Франција која го развила и применила концептот на агроволтаици, и успешно го применува на разни проекти во Франција и во останатите делови од Светот. Имајќи во предвид дека Северна Македонија е погодна за развој на земјоделието, токму овој инвеститор преку овој проект, обезбедува додадена вредност.

Зоран БОЈАРОВСКИ

Само со чудата на ВМРО-ДПМНЕ необработливото земјиште каде што требаше да се гради карго аеродром, и каде што сега ќе се гради најголемата соларна електрана во регионот како странска инвестиција со поддршка на Владата според Законот за стратешки инвестиции, сега стана плодно земјоделско земјиште од „прва, втора и трета категорија“ како што дезинформира активно лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Инаку, да потсетиме, карго аеродромот го договори владата на ВМРО-ДПМНЕ во 2007 и 2008 година, односно Груевски кога беше премиер и тоа според физибилити студија на една холандска компанија и тогаш беше објавено дека станува збор за 500 хектари необработливо земјиште. Груевски инситираше на изгрдабата на карго аеродромот меѓу Штип и Свети Николе, иако и самите холанѓани во своите студии напишаа дека заради воздушните струења во тој регион, парцелата одредена за овој проект не е погодна.

Токму заради тоа двете други големи компании, Виенскиот аеродром и компанијата Фрапорт што стопанисува со аеродромот во Франкфурт и десеттина други аеродроми, се откажаа од учеството на тендерот за концесија на Скопскиот и Охридскиот аеродром, баш поради условувањата со штипскиот карго аеродром што го наметна Владата на Груевски.

Овие факти ништо не му значат на Мицкоски и тој смета дека граѓаните и јавноста не го паметат тоа, па сега се шета наоколу со искази според кои „овој условно кажаниот инвеститор (мисли на гигантот Акио Еенерџи од Франција, н.з.) планира на земја од неколку стотици хектари плодна помеѓу Штип и Свети Николе да нареди фотоволтаици на околу 500-тини хектари земјоделска плодна почва од прва, втора и трета категорија. И луѓето кои што денеска ја обработуваат земјата, и луѓето кои што таму ги хранат своите семејства ќе го изгубат тоа право“.

Во овие две реченици има неколку невистини. Прво не се работи за земјиште од тие категории и не се работи за земјиште кое веќе се користи. Станува збор за необработено земјиште кое со години не е во функција и кое сега, токму благодарение на агрофотоволтаиците од кои ќе биде структурирана соларната електрана „Стипион“.

„Ова е нешто ново во државата, бидејќи зборуваме за агрофотоволтаици. Значи, под фотоволтаиците, кои ќе бидат инсталирани на поголема височина, се овозможува на тоа земјоште да се одгледуваат одредени земјоделски култури. Се разбира, не може секоја култура, но има култури кои можат да бидат застапени. Компанијата има вакви искуства во повеќе земји во Европа“, објасни во септември минатата година министерката за животна средина Каја Шукова, кога заедно со градоначалниците на општините Штип и Свети Николе, и со претставниците на „Акио Енерџи“ и амбасадорот на Франција ја посетија локацијата во пресрет на последните подготовки за старт на инвестицијата, откако ќе поминат законите во Собранието.

Ова го потврдуваат и земјоделските стручњаци од селата Три Чешми, Врсаково, Криви Дол и Мустафино, каде што ќе се простираат агрофотоволтаиците, кои велат дека на оваа почва и на ова поднебје најдобро виреат тикви, краставици, бостанот и индустриски домати и олеснителна околност е што во нивна близина се системите за наводнување кои ќе се напојуваат со струја од агрофотоволтаиците.

Според досега објавените и познати информации, соларниот парк “Стипион“ ќе ги задоволува потребите за струја на околу 94.000 домаќинства. Инвестицијата вредна 270 милони евра со капацитет за произвоство од 360 до 400 мегавати, а ќе ја реализира француската компанија „Акио Енерџи“ преку Друштвото за производство на електрична енергија „ОСТРО СОЛАР” – Скопје.

Со капацитет од околу 400 MW, соларниот парк ќе биде најголемиот соларен проект во Источна Европа и помеѓу најголемите во Европа.

Проектот има капацитет од скоро половина од вкупниот инсталиран капацитет на сите термоелектроцентрали во Северна Македонија. Соларниот парк самостојно би задоволувал околу 10% од нето потрошувачката на електрична енергија во државата.

„Акио Енерџи“ е една од првите компании во Франција која го развила и применила концептот на агроволтаици, и успешно го применува на разни проекти во Франција и во останатите делови од Светот.

Имајќи во предвид дека Северна Македонија е погодна за развој на земјоделието, токму овој инвеститор преку овој проект, обезбедува додадена вредност. Со примена на нивното знаење и искуство, ќе се развие првиот проект на агроволтаици како пример за развој и на останати вакви проекти, кои треба да обезбедат и одржливо производство на електрична енергија но и храна и развој на земјоделските култури. Ова е предизвикот на новото време, и токму овој проект обезбедува сигурна иднина на новите генерации.

Зачлени се на нашиот е-билтен