Духовитоста и мудроста на Семјуел Џонсон нуди широко објаснување зошто Шведска наскоро ќе ја следи Финска во Алијансата. „Кога човек знае дека ќе биде обесен за две недели, прекрасно го концентрира умот“. Истовремено, НАТО никогаш не бил толку склеротичен како што дури и некои Западни лидери тврдеа во последните години.
ЈОЗЕФ ЈОФЕ / Project Syndicate
Кога Финска ја надмина последната пречка за членство во НАТО минатата недела, големите Западни весници ја закопаа приказната. Сепак, министерот за надворешни работи, Пека Хависто, со право ги прослави „овие историски денови“ – крајот на 75 години неутралност. Започнувајќи од оваа недела, Финска е формално приклучена, а Шведска, уште една вечно неутрална земја, наскоро ќе следи, откако Турција ќе престане да го блокира нејзиното членство.
Зошто овие две земји би навалиле кон Алијансата која францускиот претседател Емануел Макрон ја дијагностицира како „мозочно мртва“ пред само четири години, а која поранешниот американски претседател Доналд Трамп ја сметаше за „застарена“ во 2017 година? Мудроста на британскиот духовит човек од осумнаесеттиот век Семјуел Џонсон нуди широк одговор тука: „Кога човек знае дека ќе биде обесен за две недели, тоа прекрасно го концентрира умот“
Но, има уште поконцизен одговор на ова прашање: Владимир Путин. Човекот кој би бил Крал на Европа му даде нов мозок и нов живот на НАТО.
Каква иронија! Еден од многуте изговори на Путин за потчинување на Украина беше – да се запре проширувањето на НАТО еднаш засекогаш. Наместо тоа, со туркањето на две неутрални нордиски земји во Алијансата, тој го постигна спротивното. НАТО, сега, не бил во подобра кондиција со децении.
Сепак, Путин не ја има целата заслуга. НАТО никогаш не бил толку склеротичен како што претпоставуваа Макрон и Трамп. Таа е најстарата алијанса на слободни земји, а долговечноста зборува за функционалноста. Во минатите векови, кралските семејства ги менувале коалициите почесто отколку нивните перики. Како што Лорд Палмерстон славно има кажано, „Немаме вечни сојузници и немаме вечни непријатели“.
НАТО е единствен во аналите на националните држави. Кога Наполеон беше поразен засекогаш, коалицијата поставена против него стана историја. НАТО, за разлика од тоа, никогаш не беше привремен брак од корист што би се распаднал по победа или пораз. Неговите сили се интегрирани под врховен командант и имаат корист од хардверска компатибилност, заеднички комуникации и постојана обука. Ваквите синергии ја прават скапа рационализацијата на одбраната и ниту едена земја членка некогаш нема пребегнато.
Освен тоа, Алијансата продолжува да расте. Започна со 12 држави во 1949 година. Грција, Турција и Западна Германија се приклучија во 1950-тите, по што следеше Шпанија во 1980-тите, три бивши советски републики во 1999 година и уште седум во 2004 година. Албанија и Хрватска беа примени во 2009 година, Црна Гора се приклучи во 2017 година и Северна Македонија во 2020 година. Откако Финска и Шведска ќе бидат примени, првобитните 12 ќе се прошират на 32. Растот не подразбира застареност.
Најклучната причина за долговечноста се Соеднитите Држави, кои мораа да ја надминат својата долга аверзија кон тоа што Томас Џеферсон го нарече „заплеткани сојузи“ во неговото прво инаугуративно обраќање во 1801 година. Всушност, САД не се заложија за Европа во раните години на Првата светска војна или Втората светска војна. Пресвртот од самоизолација до постојан сојуз со Европа мораше да ја чека Студената војна, кога тие поранешни изолационисти ја обезбедија Западна Европа со најскапоцениот подарок: безбедносен чадор направен во САД, вклучувајќи повеќе од 350.000 американски војници и илјадници тактички нуклеарни оружја на врвот, што ги држеше наследниците на Сталин во најдобро однесување.
Покрај тоа, САД дејствуваа не само како заштитник, туку и како смирувач. Со нивната заедничка безбедност загарантирана, вековните непријатели како Британија, Франција и Германија можеа безбедно да се откажат од трката за вооржување и стратешкото ривалство во корист на довербата и заедницата.
Ова е причината зошто Европската заедница за одбрана (без САД) умре во лулката во 1954 година, а зошто НАТО ја достигна возраста од 74 години и зошто чисто европски стратешки играч останува благороден сон – дури и ако ЕУ плус Британија ја сочинуваат втората најголема економија во светот (по САД и пред Кина). САД се не толку тајната состојка. Ги поштедува Европејците од неопходноста за поставување на поделена автономна одбрана.
Путиновата освојувачка војна против Украина ја докажува поентата. Кога американскиот претседател Џо Бајден искрено се заложи по целосната Руска инвазија минатата година, колебливите Европејци можеа да се чувствуваат доволно безбедно за да се ангажираат. Со г-дин Биг таму да ја одврати нуклеаризираната воена машинерија на Кремљ, потенцијалните посредници како Франција и Германија ги зауздаа своите класични рефлекси. Германија го напушти гасоводот Северен тек 2 од Русија, додека обезбедува стабилен тек на опрема за Украина, дури и тенкови Леопард 2, но само откако САД први го сторија тоа со своите тенкови Абрамс.
Значи, „мозочно мртвата“ Алијанса се поврати – ништо како престојно бесење за концентрирање на умот. НАТО, повеќе или помалку Унгарија или Турција, го сфати очигледното. Војната на својот праг не е само војна за Украина, туку и за скапоцен европски поредок кој го има делигитимирано освојувањето. Влогот не би можел да биде поголем. Како во деновите на Сталин, испадот на Путин повторно потсети на привидението на руската хегемонија над Европа. Путин сака сертифицирана сфера на влијание, по можност обнова на старата советска империја.
Ако украинската војна се претвори во ќор-сокак облеан со крв, гласовите на прилагодување – „дајте му на Путин излезен пат“ – ќе станат сè погласни на двете страни на Атлантикот, на левата и на десната. Дали е Европа подготвена за нејзината стратешка парадигма да се премести кон враќање на политиката на моќ?
Руската воена агресија веќе ја откри цената на тридецениското европско разорожување. Алијансата не само што ги намали своите залихи на муниција, туку и лентите за производство на оружје. Се чини дека високо интензивното долготрајно војување е старомодно. А сепак, во кој било правец да оди војната, таа носи отрезнувачка лекција за Западот: Натрупајте доволно опрема и артилерија, инвестирајте во мобилност и обучете ги вашите војници.
„Освојувачот е секогаш љубител на мир“, велеше Клаузевиц. Тие сакаат да навлезат „прилично мирно“. Оттука, „мора да се подготвиме за војна“ со цел да ја одвратиме. Како што Западот разгледува понатаму, треба да внимава на вековното правило: Одвраќањето е подобро од тоа да мора да се запре агресија. А, исто така, е и многу поевтино.
Превод: Наташа Цветковска (Frontline)