Тогашната унгарска влада, како дел од својата програма за влијание на Балканот, одвојувала сериозни финансиски средства. Знаејќи го ова Протогеров се поврзува со нивен полномошник. По оваа средба, Унгарците започнале да го финансираат лично Протогеров и генералот се вратил во Софија во 1926 година за да се пресмета со Иван Ванчо Михајлов
Зоран БОЈАРОВСКИ
Првиот поголем расколот во Внатрешната македонска револуционерна организација (ВМРО) настанал по убиството на генералот Александар Протоѓеров. Во настаните кои претходел на неговото убиство, клучна улога има, во тој период, младиот и амбициозен Иван Михајлов кој успеал да се наметне во ВМРО, иако неговите постапки довеле до силна внатрешна опозиција и фракции кои како последица, времето потврдува, се провлекуваат со години наназад во ВМРО, вклучувајќи го и актуелниот период.
Битката меѓу Иван Ванчо Михајлов и генерал Александар Протоѓеров завршила на 7 јули 1928 година кога во Софија бил извршен атентат врз Александар Протоѓеров, членот на ЦК на ВМРО. Убиството било извршено од тројца атентатори: Стефанов, Гузданов и Витларев под раководство на Кирил Дрангов од михајловистичкото крило на ВМРО. Наредбата за атентатот била издадена од другиот член на ЦК, Иван Михајлов, под обвинение дека Протоѓеров учествувал во заговорот против Тодор Александров.
Сепак, историчарите се неподелени дека суштинската причина за убиството на Александар Протоѓеров била борбата за превласт во редовите на ВМРО, затоа што Иван Михајлов решил преку физички ликвидации да ги отстрани сите негови евентуални конкуренти за водачкото место во ЦК.
По убиството на членот на ЦК на ВМРО, Александар Протоѓеров, покрај вербалните пресметки преку весниците, расправиите и несогласувањата меѓу двете спротивставени фракции – протоѓеровисти и михајловисти, се преселиле на улиците на бугарските градови и се расчистувале со куршуми.
Според бројот на жртвите овие неколку години претставувале период со најмногу меѓусебни физички ликвидации во македонската историја.
На една страна се наоѓале приврзаниците на убиениот Протоѓеров кои во тие пресметки повеќе влегле изнудено и претежно се наоѓале во дефанзива, а нивниот начин на вооружено дејствување имал карактер на самоодбрана. На другата страна се наоѓале приврзаниците на Иван Михајлов, кои биле поенергични, подобро вооружени и со повеќе финансиски средства и затоа имале повеќе успех во извршените атентати.
Во меѓусебните убиства и атентати биле убиени повеќе стотина македонски дејци од сите идејни определби во македонското националноослободително движење, со што му биле зададени големи загуби на македонското револуционерно ткиво.
Куса предисторија – Протоѓеров со поддршка на Будимпе се вратил во Софија за да се пресмета со Ванчо Михајлов
Само три години претходно во почетокот на 1925 година бил свикан конгресот на ВМРО во Србиново, на кој за членови на Централниот комитет биле избрани Александар Протоѓеров, Георги Поп Христов и Иван Михајлов. Сепак Протогеров бил принуден да се повлече од активната револуционерна дејност и да го отстапи раководењето на Организцијата во рацете на Иван Михајлов. Генералот останал без средства и заминал во Виена. Тогашната унгарска влада, како дел од својата програма за влијание на Балканот, одвојувала сериозни финансиски средства. Знаејќи го ова Протогеров се поврзува со нивен полномошник. По оваа средба, Унгарците започнале да го финансираат лично Протогеров и генералот потоа се вратил во Софија во 1926 година.
Годините помеѓу 1924-1928 година претставувале време кога во ЦК на ВМРО се водела борбата за превласт, кога Иван (Ванчо) Михајлов, успеал да заземе доминантно место и да ги постави основите на една чисто терористичка организација во што се претворила ВМРО. Со доаѓањето на чело на ВМРО, Михајлов успеал да се опкружи со млади соработници, фанатици, коишто терористичкиот “занает” го научиле до совршенство.
Пред ваквите амбиции на Михајлов се повлекол веќе подостарениот Александар Протоѓеров, додека третиот член на ЦК, Петар Чаулев веќе одамна ги прекинал сите контакти со ВМРО и се наоѓал во странство. Сите овие предуслови му овозможиле на новиот водач да се подготви за пресметка со сите негови евентуални соперници, кои сакале да го заземат неговото водачко место. Тоа можело да се случи само на еден начин со помош на оружје. Михајлов најпрвин се пресметал со соработниците на убиениот Тодор Александров, а започнал да го отстранува и интелектуалното крило во Организацијата.
По налог на Иван Михајлов и покрај противењето на вториот член на ЦК, Протоѓеров, ВМРО започнала радикално да го менува начинот на вооружено дејствување во Вардарска и Егејска Македонија. Додека Александар Протоѓеров се залагал да се применува четничкиот метод на борба, Михајлов целосно ги прифатил методите на класичното терористичко дејствување, за кои сметал дека ќе постигнат подобри резултати.
Во 1928 година оваа нова тактика довела до остар внатрешен конфликт, а тензиите меѓу Иван Михајлов и Александар Протогеров растеле. Во таква ситуација започнал подготовката на Седмиот конгрес во Крупник во јули 1928 година.
Во оваа ситуација пред почетокот на конгресот, по наредба на Иван Михајлов, Александар Протоѓеров е убиен. Како официјален мотив за убиството се истакнувало наводното учество на генералот во убиството на Тодор Александров.
По атентатот врз членот на ЦК на ВМРО, Александар Протоѓеров, настанал целосен расцеп во редовите на терористичката ВМРО, придружен со големи меѓусебни вооружени пресметки помеѓу спротивставените струи, протоѓеровисти и михаиловисти. Според бројот на жртвите, помеѓу 1928 – 1934 година, претставувале период со најмногу меѓусебни физички ликвидации во македонската историја.