Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Коци: Членство на Косово во НАТО е решение за „гордиевиот јазол“ во регионот

Членството во НАТО би било гаранција за зачувување на сегашните граници и гаранција дека Заедницата на српските општини без извршни овластувања нема да се претвори во алатка со која Косово ќе биде нефункционална држава под закана од поделба на нејзината територија.

Мирјана ВАСИЛЕВА

Рацин.мк разговараше со реномираниот косовски новинар и добар позанавач на балканските сотојби Мељазим Коци на темата како се реши големиот српско-косовски проблем и замрзнатите преговори меѓу двете страни, особено по настаните што се случија по локалните избори, на северот на Косово.

Потсетувајки на генезата и развојот на кризата, Коци е на мислење дека Договорот од Охрид од 18 март, меѓу Вучиќ и Курти со посредство на ЕУ, ќе биде многу тешко остварлив и предвидува  долго време немири на северот на Косово и можеби враќање на резолуцијата 1244 за тој дел од Косово во некоја прилагодена варијанта.      

Коци потсетува дека во Охрид, Косово и Србија се согласија на договор за нормализација на меѓусебните односи, иако Белград одби да го потпише договорот.

Во суштината на тој договор е запишано дека Србија не се обврзува да ја признае независноста на Косово, но се обврзува да не се противи на членството на Косово во сите меѓународни организации.

Со договорот од Охрид Косово се обврза да ги спроведе сите обврски од претходните договори во Брисел, од кои најважна е Заедница на српските општини со мнозинско српско население.

Мељазим Коци: Србија се плаши од членството на Косово во НАТО, дури и повеќе од признавање на државноста на Косово и членство во ОН, бидејќи со тоа на крајот ќе заврши нејзината намера да го подели Косово

Но, набргу после Охрид, потсетува Коци,  кога се отвори процедурата за членство на Косово во Советот на Европа, Србија гласаше против и со тоа ја прекрши утврдената одредба од Охрид да не се противи на членството на Приштина во меѓународните организации.

На крајот на април следуваа локалните избори, и на северот на Косово, каде што Србите се мнозинство, срспкото население ги бојкотираше изборите.

Со излезност од минимални 4%, на српското население, градоначалничките позиции во 4 општини ги добија кандидатите Албанци.

Изборите беа легални, вели новинарот Коци, но без легитимитет, бидејќи тешко е да се зборува за легитимитет кога на избори излегле само 4% од населението, заклучува тој.

Веднаш после изборите Албин Курти, без договор со меѓународната заедница, им наложи на тие градоначалници да влезат во зградите на локалните заедници со мнозинско српско население во придружба на специјалците на Косово.

Иако САД и ЕУ побараа од Курт да се воздржи од овие чекори, тој одби, по што, како што е познато, дојде до конфликт по што мораше да интервенира КФОР и ситуацијата за малку се смири.

Тоа беше момент што меѓународната заедница го искористи за да побара од Курти повлекување на специјалните службеници и градоначалници од општинските згради и да го дозволи формирањето на Заедницата на Србите во општините каде што тие се мнозинство.

Коци потсетува дека Курти, барем досега, ги одбива овие барања и со ова негово однесување Косово се соочува со санкции кои ќе бидат воведени доколку косовскиот премиер не се повлече, вели за Рацин.мк искусниот косовски новинар и аналитичар Миљазим Коци.

Сето ова навестува дека договор Приштина-Белград ќе биде многу тешко да се оствари.

Коци предвидува дека северот на Косово уште долго ќе биде реон на немири на северот на Косово, па дури најавува и можно враќање на резолуцијата 1244 за тој дел од Косово

Резолуцијата 1244, да потсетиме, беше дел од договорот со кој тогашната Сојузна Република Југославија прифати на Косово да биде воспоставена администрација на ОН.

Новинарот Коци на ова укажува како на решение од кое потоа ќе произлезе и рамката за формирање на Заедницата на српските општини.

Што може да донесе членството на Косово во НАТО

Колегата Коци вели дека Косово може да живее и да се развива без признавање од Србија. Косово може да опстане како демократска и развиена држава и без членство во Обединетите нации (поради ветото на Русија и Кина).

Но, вели Коци, Косово не може да стане функционална држава и му се заканува поделба, доколку од него се побара да дозволи формирање на Заедница на општини со српско мнозинство, без гаранции дека оваа опасност нема да се оствари.

Во суштина, според Мељазим Коци, Косово мора да ги исполни барањата на меѓународната заедница, вклучително и формирањето на Заедницата во согласност со одлуките на Уставниот суд на Косово, но за возврат ќе бара гаранции дека брзо ќе се вклучи во НАТО, затоа што само тоа ја спречува поделбата на Косово.

Следствено, вели Коци, Косово може и треба да ги прифати барањата на сојузниците, особено на САД за да се избегне изолација и евентуални санкции, но под услов формирањети на Заедницата на срспките општини, без извршни овластувања, и членството во НАТО да бидат паралелни процеси.

Коци укажува дека француско-германскиот договор во една од одредбите бара Србија да не се противи на членството на Косово во меѓународните организации, но тоа не значи и во НАТО.

Постоењето на оваа одредба, вели Коци, им овозможува на сојузници на Косово, особено на САД, да го надминат евентуалниот отпор (вето) на која било од земјите што сè уште не го признале Косово, на патот кон членство во НАТО.

Коци вели дека Србија се плаши од членството на Косово во НАТО, дури и повеќе од признавање на државноста на Косово и членство во ОН, бидејќи со тоа на крајот ќе заврши нејзината намера да го подели Косово.

Поради ова, смета Коци, Србија не го потпиша Француско-германскиот договор, но ниту го отфрлила за да не ја преземе вината за неговиот неуспех.

Во овој контекст, Косово мора по секоја цена да избегне каков било изговор, кој потоа Србија ќе го користи за да го претстави Северот како епицентар на кризата, обвинувајќи го Косово и загрозувајќи го опстанокот на Договорите во Брисел и Охрид.

За жал, вели Коци, земјите од ЕУ и САД не го санкционираа овој очигледен маневар на Србија. Белград не доби ниту опомена затоа што одби да го потпише Охридскиот договор. Во Косово тоа со право се нарекува едностраност и предизвикува нервоза. Обидот на Западот во сегашните опасни геополитички околности (војна во Украина, кинеско-тајвански тензии…) може да се сфати дека бара „моркови“ за да го намами Белград да се оттргне од руската орбита, но не е во ред што тие „моркови“ се бараат само од Косово, оценува Коци.

Убедувањето на Србија треба да се прави во други форми и фронтови, е на мислење Коци, бидејќи Косово во изминатите 24 години направи многу отстапки од почит и благодарност кон своите сојузници на Запад.

Можеби последната отстапка ќе биде одобрување на барањата кои сега се на маса на премиерот Курти, вели косовскиот новинар, но со услов на Косово да му се гарантира забрзан процес на членство во НАТО.

Членството во НАТО би било гаранција за зачувување на сегашните граници и гаранција дека Заедницата на српските општини без извршни овластувања нема да се претвори во алатка со која Косово ќе биде нефункционална држава под закана од поделба на нејзината територија.

Ваквиот пристап на Приштина, Вашингтон и Брисел, смета косовскиот новинар Мељазим Коци го отвора патот за разрешување на „гордиевиот јазол“ во односите меѓу Косово и Србија.

Најново