Како можеме да очекуваме други да сочувствуваат со нас кога не ни успева да сочувствуваме со Палестинците?
Пишува: Бошко ЈАКШИЌ
Кога Арапите во Хеброн убија 69 Евреи поради гласините дека имаат намера да го заземат Ридот на Храмот во Ерусалим, Алберт Ајнштајн на 25 ноември 1929 година му испратил писмо на ционистичкиот лидер Хаим Вајцман во кое напишал: „Ако се покаже дека не сме способни да постигнеме чесен договор и соработка со Арапите, тогаш од овие 2.000 години страдања не сме научиле ништо и заслужуваме сѐ што нѐ чека“.
Бенјамин Нетанјаху не е само политичар, туку и историчар, но се чини не научил ништо од двата милениуми страдања на Евреите. Решен е во војната во Газа, најдолгата од создавањето на Израел во 1948 година, не само да го „уништи“ исламистичкото движење Хамас, туку и на Палестинците да им ја изгасне и последната надеж дека еден ден ќе имаат сопствена држава.
Војната деновиве ја премина границата од сто дена времетраење, а извесно е дека крајот не се наѕира, бидејќи Израел ни по убиени 24.000 Палестинци, главно жени и деца, не ги оствари целите да го ликвидира „Хамастан“ и да ги ослободи сите заложници што милитантната палестинска група ги грабна при масакрот на 7 октомври, кога беа убиени 1.200 недолжни цивили.
Израелскиот премиер за време на 15-те години на власт во голема мера ја пренасочи кон десно јавноста на својата земја, а шокантниот удар на Хамас, во кој настрадаа најмногу Евреи уште од времето на холокаустот, го хомогенизираше Израел до таа мера во која прогресивните Евреи се прашуваат: Како можеме да очекуваме другите да сочувствуваат со нас кога не успеваме да сочувствуваме со Палестинците?
Разорните секојдневни бомбардирања и гранатирања, тенковски удари, не само што однесоа повеќе од 1 процент од населението на Газа од 2,3 милиони, туку и 85 отсто се раселени од куќите, кои се уништени, како и болници и џамии. Блокадата за доставување вода, храна, гориво и лекови предизвика незапамтена хуманитарна криза во еден од најсиромашните делови на арапскиот свет. Една четвртина од луѓето се соочени со екстремен глад, проценуваат агенции на ОН и го обвинуваат Израел за систематско спречување на доставувањето помош.
Газа помина потрагично од сирискиот Алепо или од Мариупол под руските бомби.
„Вистинско време“ е Израел да забави со својата офанзива и да балансира помеѓу уништувањето исламисти и намалувањето на интензитетот на борбите за да се избегнат масовни жртви, порачува Белата куќа, но Нетанјаху не се одѕива дури ни на советите на својот најголем стратегиски сојузник. Иако, за разлика од своите екстремни партнери, тврди дека Израел нема намера повторно да ја окупира Газа или да го раселни населението, премиерот се држи до борбениот курс, кој го одведе Израел до клупата за обвинети пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг.
Светот во најголемиот дел не ги оправдува терористите на Хамас, но сочувствува со Палестинците. Како што не смета дека Израел или Евреите се геноцидни, туку ја прозива десничарската власт, која не ја интересираат маршевите на солидарност со Палестинците низ светот, критиките поради непропорционалната употреба на сила, дури ни тужбата за геноцид. Амбасадорот на Израел во ОН налутено изјави дека процесот му помага на Хамас – „нацистите на нашето време“, и дека треба да им се суди на ОН поради соучество во „омразата и убиствата“.
Преторија возвраќа дека има широка поддршка, вклучувајќи ги и 57 членки на Организацијата за исламска соработка или 22 членки на Арапската лига. Израел се потпира на САД и на западните земји, кои го поддржуваат неговото право на самоодбрана. Кина, Индија и Русија, која исто така пред Меѓународниот суд на правдата е соочена со обвиненија за геноцид во Украина, главно молчат.
Процесот пред советот од 15 судии може да трае со години, иако мислење за прекин на војната ќе мора да биде објавено во скора иднина, но МКС нема начини да го принуди Израел да го почитува. Дури и ако се оди пред Советот за безбедност на ОН, очекувано е вето од САД.
Остварен е широк консензус дека Хамас треба да биде уништен за да не се врати на власт во Газа, која ја презеде во 2007 година. Ултрадесничарските религиски ционисти и радикалните националисти сметаат дека дебатата за цивилните жртви, за законите на војната и за хуманитарната помош се губење време. Газа треба да биде збришана од лицето на земјата, но резултатите што ги очекуваше Израел со својата надмоќна армија очекувано ги нема.
Додека расте недовербата од јавноста, навикната на брзи победи, се зголемуваат и тензиите во израелскиот воен кабинет. Поранешниот и сегашниот министер за одбрана, Бени Ганц и Јоав Галант, не ги кријат несогласувањата со Нетанјаху. Има три основни точки на разидување: одбивањето на премиерот да се расправа за политичкиот план за „денот потоа“, кога конфликтот ќе заврши, одбивањето официјално да ја прогласи третата фаза од војната и ситуацијата на југот на Либан.
Нетанјаху успеа да ја разниша довербата во армијата и во политичкото лидерство и тоа ќе биде долгорочно наследство од оваа војна. Денес дури секој петти Израелец смета дека премиерот може да оствари победа, а близу 70 отсто не вериваат дека тој е способен да обезбеди ослободување на заложниците.
Многумина чекаат војната да заврши за да се пресметаат со лидерот на десничарскиот Ликуд, кој, за разлика од шефовите на воените и на цивилните разузнавачки служби, никогаш не се извини за дебаклот на 7 октомври. Неговата позиција може да ја уништи началникот на Генералштабот Херци Халеви ако, како што пишува еден израелски весник, на Ганц му ја предаде копијата на својот меморандум што му го испратил на премиерот пред 7 октомври и во кој го предупредува на можен напад од Хамас.
На Нетанјаху му е потребно војната да трае за да избегне одговорност, но и трите процеси за корупција што го чекаат пред израелските судови. Затоа сака да продолжи да поддржува половина милион еврејски колонизатори на окупираниот Западен Брег, каде што од почетокот на војната се убиени најмалку 350 Палестинци, најмногу во изминатите две децении. За да одржува висок степен на напнатос кон Либан, каде што секојдневни се пресметките со шиитскиот Хезболах. За да има повод да го нарекува Иран „егзистенцијална закана“ поради поддршката за Хамас, на хезболасите и на јеменските бунтовнички Хути, кои со напади врз бродовите што пловат низ Црвено Море ја загрозуваат глобалната трговија.
Нетанјаху е сѐ поосамен. Иран не сака поголема војна, која би го конфронтирала директно со САД. Американците исто така не се за проширување на судирот. Претстои, порано или подоцна, решавање на судбината на Газа. Јасно е дека Хамас повеќе нема да го контролира Појасот.
Американците предлагаат да го преземе реформираната палестинска власт на претседателот Махмут Абас и да се отворат мировни преговори што би воделе до создавање палестинска држава.
Нетанјаху е решително против. До кога? Едно е извесно: по оваа војна светот, Блискиот Исток, Израел и Палестинците повеќе нема да бидат она што беа пред 7 октомври. А, Нетанјаху би можел да замине во пензија, ако не и во затвор. Со него на власт, нема мир.
(Авторот е новинар)
Извор: Слободен печат