Според унгарски експерти со кои комуницираше Рацин.мк, во последните години Орбан вложува значителен напор и унгарски јавни пари во градењето сојузи не преку институции, туку со политички лидери и партии во други земји, главно врз основа на заедничката идеологија и меѓусебните политички интереси, за да создаде соодветна надворешна политичка средина за да се спротивстави на критиките за уривање на владеењето на правото и за системската корупција во Унгарија. Западен Балкан има своја улога во оваа стратегија…
Соња ТАНЕСКА
Од 2010 година, откако Виктор Орбан стана премиер на Унгарија, политиката на земјата кон Западен Балкан стана проактивна. Регионот зазеде важно место во надворешнополитичките приоритети на Будимпешта, а Унгарија се смета за „важен актер“ во регионот. Со години главен партнер на Будимпешта е Србија, а во помала мера Босна и Херцеговина, Црна Гора и Северна Македонија. Унгарија одржува минимални контакти со Албанија и Косово, но во сите овие земји пред се има медиумско влијание и сопственост на голем број медиуми како и сомнителни инвестиции пред сѐ од луѓе за кои има сомнежи за корупција.
Орбан е на власт 14 години и 14 години е некако невозможно тој да биде изолиран, најмногу поради врските со автократските лидери во светот. Милијарди евра од ЕУ исчезнаа низ корумпирани канали, а Орбан редовно си даваше подароци себеси и на своите најблиски – од неговиот зет преку неговиот школски другар до заслужните партиски пријатели. Парите од Брисел беа замрзнувани предоцна и повторно одмрзнувани прерано. И предолго Орбан беше во можност да ги продава милијардите како потврда за својата демонтажа на демократијата во топлото гнездо на европското демо-христијанско партиско семејство, а на негативните листи на Транспаренси Интернешнал оваа земја убедливо е на првото место.
Бројни анализи укажуваат дека за Унгарија приоритет се сопствените интереси, а не вистинските достигнувања на земјите кандидати за членство во ЕУ. Со текот на времето, Будимпешта стана, ако не регионален лидер, тогаш „моќен мотор“ на европската интеграција, но само до степен до кој е во согласност со интересите на Унгарија.
За таа цел, Орбан воспостави прилично пријателски врски со не толку либералните лидери во регионот. Во некои подобри времиња, неговиот „клуб“ на автократи ги вклучуваше поранешниот премиер на Македонија Никола Груевски, словенечкиот премиер Јанез Јанша, како и српскиот претседател Александар Вучиќ и лидерот на Република Српска Милорад Додик. Денес, само Вучиќ, Додик и Орбан – сите десничарски политичари обединети со нелиберални, антиевропски вредности, ограничувања на слободите и човековите права и добро прикриеното отфрлање на муслиманите – се „непријатели“ на христијанството. Двајцата станаа сојузници на Орбан во обезбедувањето на „враќањето“ на Унгарија на Западен Балкан, а пријателските врски со двајцата му дозволуваат на Орбан да реши некои сериозни прашања без да привлече премногу надворешно внимание, пишува „Центарот за студии на Западен Балкан“.
Бројни анализи укажуваат дека за Унгарија приоритет се сопствените интереси, а не вистинските достигнувања на земјите кандидати за членство во ЕУ. Со текот на времето, Будимпешта стана, ако не регионален лидер, тогаш „моќен мотор“ на европската интеграција, но само до степен до кој е во согласност со интересите на Унгарија.
Мицкоски не го интересира патот на парите за заемот од Унгарија
Токму во ова „среќно семејство“ се приклучува новиот премиер Христијан Мицкоски, а случајно или не една од првите одлуки на неговата Влада е задолжување кон Унгарија, во висина од 250 милиони евра со каматна стапка од 3,25 проценти, а овие пари треба да завршат како кредити за бизнис секторот.
Подадената рака на Орбан за економска помош на земјата отвори низа дилеми од јавноста околу тоа дали унгарската страна ќе има дополнителни барања за одобрениот заем. Мицкоски е дециден дека такви барања нема.
„Кога правиме договор, сѐ се става на маса. И има ли некои барања? Еве нема. Има ли некои барања од Орбан за тоа? Нема. Сум кажал ли јас такво нешто – не“, вели Мицкоски.
– Наместо ние да речеме „алал да му е“ ние велиме „е од каде му се сега парите“. Вака премиерот Хртистијан Мицкоски одговори на прашање за задолжувањето кон Унгарија, во видео-интервју минатата недела.
За задолжувањето да се реализира во Собранието ќе треба да се донесе посебен закон. Државата многу ретко се задолжува кај друга држава, а најпознат пример на такво задолжување беше пред десеттина години кога тогашната Влада се задолжи кон Република Кина, но тогаш за да се изградат автопатите Кичево-Охрид и Миладиновци-Штип.
Унгарски пари за градење сојузи
-Во последниве години, владата на Орбан вложи значителен напор и унгарски јавни пари во градењето сојузи со политичките лидери и партии во други земји, главно врз основа на заедничката идеологија и меѓусебните политички интереси. Владата на Орбан ги изгради своите меѓународни односи не преку институции, туку преку партии или поединечни политичари. Главната цел на ова градење на сојузот е да се обезбеди долгорочен опстанок на режимот на домашен терен преку обид да се создаде соодветна надворешна политичка средина за Владата и да се спротивстави на критиките и гонењето за уривање на владеењето на правото и за системската корупција. Западен Балкан исто така игра улога во оваа стратегија, а Орбан се обидува да изгради мрежа на сојузнички политички лидери кои се спротивставуваат на мејнстрим европската политика, вели за Рацин.мк, Булцу Хунјади, раководител на програмата која ги истражува радикализацијата и екстремизмот во „Political Capital“, независен институт за истражување и анализа основан во 2001 година во Будимпешта.
Тој додава дека за да ја постигне својата цел, Владата на Орбан често користи неконвенционални алатки во надворешната политика. Прво, се обидува да извезе нелиберални идеи, политики, наративи и тактики, на пример, преку состаноци, настани и публикации. Второ, обезбедува практична помош на сојузничките актери.
Тоа се остварува преку подобрување на нивните перформанси и зголемување на нивните изборни шанси. На овој начин, владата на Орбан се надева дека ќе добие поголема моќ на меѓународно ниво и правејќи ги колегите со кои „соработува“ да бидат задолжени во замена за поддршката што ја добиваат. Оваа помош може да се материјализира во политичка, медиумска и финансиска поддршка, како и со експертиза за предизборна и постизборна кампања. Ова е причината зошто приватните компании поврзани со „Фидес“, партијата на Орбан, купија локални медиуми во Словенија и Северна Македонија во 2017 година за да ги поддржат локалните сојузници на Орбан, како што е Никола Груевски, и зошто Владата на Орбан започна програма за економски развој од 35 милиони евра во Република Српска (Босна и Херцеговина), предводена од Милорад Додик, пред изборите во 2021 година и обезбеди заем од 110 милиони евра на Република Српска во 2022 година. Унгарска банка блиска до владата, исто така, и позајми пари и на Марин Ле Пен 10,6 милиони евра за нејзината кампања во 2022 година пред претседателски избори во Франција, вели Хунјади.
Владата на Орбан често користи неконвенционални алатки во надворешната политика. Прво, се обидува да извезе нелиберални идеи, политики, наративи и тактики, на пример, преку состаноци, настани и публикации. Второ, обезбедува практична помош на сојузничките актери.
Договорите за заеми се „тајна“
Додека самата Унгарија позајмува сѐ повеќе и повеќе од земји како Кина за да ги замени средствата на ЕУ замрзнати поради прекршување на владеењето на правото, владата на Орбан великодушно ги поддржува своите странски сојузници, коментира Хунјади на прашањето од каде доаѓаат парите кои ги позајмува Орбан на трети земји.
– Деталите и условите за таквите заеми обично не се објавуваат. Што се однесува до изворот, во случај на финансирање од влада на влада или од држава на држава, заемодавачот обично е државната банка како што е Eximbank Ltd.. Во случај на „политички заем“, како што е еден даден на Марин Ле Пен, заемодавачот би бил приватна банка блиска до владата, појаснува тој.
Пријателство и со Трамп
Орбан предизвикува загриженост дека работи како посредник меѓу Путин и Трамп, бидејќи е единствениот европски премиер кој има пријателски однос и структурирани политички врски со Трамп. Во исто време, најдолгиот по стаж премиер во Европа е единствениот лидер од континентот кој има комуникација со Путин. Подеднакво, одржува одлични односи со Кина, а како потврда на тоа на 9 мај оваа година, го угости Си Џинпинг во Будимпешта и договори и заем од една милијарда евра со Кина.
Вистинскиот страв на евро-атлантските сојузници е дека Орбан всушност работи како олеснувач за Путин, оправдувајќи ги неговите аспирации и идеи за примирје кои неминовно одат на штета на Украина, но и како портпарол на субјект кој е надвор од сите институции, односно, поранешниот претседател Доналд Трамп.
Свесен дека во Европа и во ЕУ засекогаш би останал изолиран, Орбан сите свои карти ги става на Трамп и Путин, со цел да стане централна фигура во меѓународното конзервативно движење.
Како што појаснува Хунјади првите недели од унгарското претседателство со ЕУ го потврдија она што веќе го сугерираше слоганот на Унгарското претседателството „Да ја направиме Европа повторно голема“. Унгарската влада го користи вниманието и симболичната моќ што доаѓа со претседателството за да го трола и провоцира европскиот мејнстрим, да ги засили своите пораки и да прави гестови кон своите меѓународни сојузници, особено со Трамп.
– Иако развојот на настаните во првите неколку недели не ја исклучува можноста унгарското претседателство со ЕУ да биде чесен посредник меѓу земјите-членки и институциите за практични и прагматични прашања, конфликтите за симболични прашања сигурно ќе се појават поради континуираната очекувана тролачка улога и сериозните разлики меѓу унгарските и мнозинските позиции на ЕУ. Унгарското претседателство може да предизвика сериозна симболична штета на ЕУ и да ја наруши организацијата одвнатре. Иако проширувањето на ЕУ на Балканот е еден од приоритетите на унгарското претседавање со ЕУ, во овој шестмесечен период не се очекува многу да се случи, но ова прашање секако ќе остане на дневен ред, додава тој.
Корпорации блиски до Трамп, ќе бидат вклучени во дигиталната трансформација
Паралелно со финансиската помош која што се бара од Унгарија, новата Владата најавува и зачестени средби и разговори со најблиските соработници на кандидатот за претседател на САД, Доналд Трамп. Неколкумина од нив деновиве се во Северна Македонија, каде се водат разговори за можни проекти околу дигиталната трансформација. На тој начин, според Мицкоски, степенот на корупција и криминал ќе биде жестоко намален, а токму затоа и се сретнал со претставниците на компанијата „Rumble“, финансиската корпорација „Cantor Fitzgerald“ од САД и корпорацијата „Трамп“.
– Соработници на екс претседателот на САД и кандидат, Доналд Трамп сакаат да соработуваат со земјава и се разговара за можни проекти, бидејќи главен приоритет на оваа Влада е дигиталната трансформација. Станува збор за корпорации со десетици милијарди долари годишен обрт.. Основачот и извршен директор на интернационалната компанија „Rumble“, Хауард Лутник моментно е еден од најбитните фактори на светскиот финански пазар, а денеска го имавме во Македонија. Крис Павловски е организатор на оваа група и како држава треба да имаме чест и привилегија што овие луѓе се тука. Павловски е со македонско потекло, работи заедно со тимот на господинот Трамп во делот на развивање „Rumble“ која е многу важна во процесот на дигитализација, а луѓето кои беа тука, господинот Хауард и господинот Нунес, се од кругот на најблиските соработници на екс претседателот на САД, Доналд Трамп. Тоа се луѓе со големо корпоративно и политичко искуство во делот на дигитална трансформација, рече премиерот, прашан за средбата со овие високи бизнис претставници.
Зетот на Трамп, американскиот бизнисмен и инвеститор, Џеред Кушнер, кој беше и негов советник додека тој беше во Белата куќа, изминатиов период е доста активен на Балканот. Неговото име особено се поврзува со инвестиции во недвижности во Србија и Албанија.
– Сега за сега не би откривал таков тип на детали, но задоволен сум што овие луѓе ги имав денеска. Тиеи ќе останат и во наредните денови и ќе разговараат со тимови од владата поделени во два дела. Првиот е оној економски дел, а второто е за дигитализацијата и дигиталната трансформација со што сите процедури ќе може полесно да ги завршуваме. Ако успееме да најдеме заеднички интерес зошто да не, одговори премиерот.
Мицкоски е воздржан и во однос на коментарот дали тоа ќе значи поддршка за Трамп на идните претседателски избори во САД. „Тоа би било мешање во внатрешните работи на една држава. Кога не би бил тоа што сум можеби и би го кажал својот став и своето мислење, но во овој момент тоа би значело апсолутно мешање во внатрешните работи. Како цивил можеби и би го кажал својот став и своите симпатии, но од оваа позиција би се воздржал од одговор на прашањето“, рече Мицкоски.
Што се однесува до стратешкото партнерство кое земјата го има со САД и дали тоа би се сменило доколку дојде Трамп на власт, премиерот вели: „Нашето стратешко партнерство има институционална меморија со САД. Може да кажам дека со оваа влада што ја предводам тоа може да се продлабочува и да биде се поплодно и поконструктивно. Не гледам никакви други опасности“.