Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Колку гласно треба да бијат камбаните за да ги слушне опозицијата?

На сите им е јасно зошто состанокот се одржа во Охрид, а само ВМРО-ДПМНЕ се прават како да се од Струга или „распеани ресенчани“

Зоран БОЈАРОВСКИ

Во прес центарот на хотел Инекс-Олгица во Охрид некаде доцна попладне во саботата на 18 март се прошири информацијата дека ЕУ тимот Борел и Лајчак го одложиле летот за Брисел и нивните активности наредниот ден, а неколкукратното одлагање на брифингот со Ескобар на кој беа поканети една група новинари на кој требаше американскиот претставник за Западен Балкан да ги коментари резултатите од дијалогот Вучиќ-Курти, само потврди дека и Европјаните и Американците се решени да не си заминат од брегот на Охридското Езеро додека не биде постигната согласност околу Анексот за спроведување на договорот од Брисел од 27 февруари.

Затоа во изјавата на Борел на крајот од разговорите кога го соопшти резултатот од трипартитниот дијалог, реченицата „Им благодариме на домаќините Република Северна Македонија за гостопримството, имавме прекрасен поглед од прозорецот на вилата кон езерото и зајдисонцето“ доби целосна смисла. Очигледно, таа можност и тој детал од разговорите на европските посредници им бил од огромна психолошка поддршка за време на бројните влези-излези на Вучиќ и Курти додека ги правеле консултации со своите тимови и со којзнае уште кој за време на исцрпувачкиот 12 часовен преговарачки маратон.

И кога стрелките на часовникот се закануваа да го донесат наредниот ден настана раздвижување во конференциската сала и низ ходниците на хотелот и ново динамика меѓу новинарите кои се расонија и побрзаа да се позиционираат за снимање и следење на изјавата на високиот претставник за надворешна политика и заменик претседател на Европската Комисија Жозеп Борел.

Најавениот и неколку пати одлаганиот брифинг на Ескобар конечно беше откажан со што јасни ни беше ставено до знаење дека тоа што ќе го каже Борел е доволно и дека нема што да се толкува или моделира. Барем во тој момент.

Што договорија и за што постигнаа согласност Вучиќ и Курти, под покровителство (колку убав збор наместо „притисок“) на ЕУ и со асистенција на САД веќе беше нашироко информирано уште истата ноќ и наредниот ден.

Она на што во оваа анализа обрнуваме внимание е фактот дека лидерите на ЕУ и САД секоја изјава за нормализирањето на односите меѓу Србија и Косово, и претходно и после Охрид, ја ставаат во контекст и на регионот Западен Балкан и на евро-атлантските интеграции на земјите од овој дел на Европа.

Ти зборам ќерко, сети се снао

Борел уште вечерта во Охрид нагласи дека „она што страните го прифатија, што подразбира договорот и неговата имплементација преку анексот, ќе стане составен дел од нивниот пат кон Европската Унија“. Дека „ЕУ ќе бара исполнување на обврските“ и дека не само двете страни, туку и целиот регион, ќе има корист од постигнатиот договор.

Борел: Овој договор не е само за Косово и Србија, туку за сигурноста и просперитетот на целиот регион

Специјалниот пратеник на Стејт департментот за Западен Балкан, Габриел Ескобар, им честиташе на Белград и Приштина „за постигнатиот тежок, но неопходен договор за постигнување мирни и предвидливи односи помеѓу нив“ и дека со постигнатата согласност за Анексот во Охрид „се отвора патот за евроатлантска интеграција на двете земји и за регионот“.„Западен Балкан влегува во нова ера на мирот“, рече Ескобар.

Ескобар: Западен Балкан влегува во нова ера на мирот

Борел и Ескобар исто така не пропуштија да ѝ се заблагодарат на Северна Македонија и на премиерот Димитар Ковачевски за гостопримството на средбата на високо ниво, која вообичаено се одржува во Брисел.

Премиерот Димитар Ковачевски го поздрави постигнатиот договор, потенцирајќи дека станува збор за значајно остварување и дека мирот, помирувањето и економскиот развој се клучни предуслови за забрзан прогрес за целиот Западен Балкан кон ЕУ.

Тој од Охрид посочи дека за таа цел се потребни тешки одлуки, како што направи земјава со Охридскиот рамковен договор, Преспанскиот договор, Договорот за добрососедство, усвојувањето на преговарачката рамка со ЕУ.

– Покажавме дека со договор, со дипломатија единствено може да се постигне решение за напредок во државата. И веруваме дека тоа е единствениот рецепт и единствениот начин целиот регион низ дијалог и низ разговор да ги реши предизвиците кои што ги имаат државите помеѓу себе и сите заедно еден ден да станеме земји членки на НАТО и на ЕУ, рече Ковачевски.

На овие пораки за домашната јавност доцна во ноќта во Охрид се надоврза и претседателот Стево Пендаровски, кој изјави дека позитивната вест ќе биде добра за целиот регион, не само за оние страни кои се инволвирани во неа.

Коментирајќи ја средбата во Охрид, министерот за надворешни работи Бујар Османи изјави дека очекувањата од неа се големи, бидејќи таков е политичкиот моментум, изразувајќи надеж дека ќе биде постигнат договор, кој ќе гарантира одржлива стабилност за регионот.

Во првото соопштение од американскиот Стејт Департмент во врска со напредокот на дијалогот меѓу Србија и Косово се потенцира дека „Соединетите Држави ќе продолжат да бидат активно ангажирани, во координација со партнерите од ЕУ, да ги поддржуваат Косово и Србија во остварувањето предвидливи и мирни односи. Ќе продолжиме да го поддржуваме унапредувањето на стабилноста и просперитетот на Западен Балкан“.

Министерката за надворешни работи на Словенија Тања Фајон, добра познавачка на регионот, којашто безрезервно ја помага интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ, коментираше дека иако согласноста меѓу Белград и Приштина е постигната со голем притисок, сега е најбитно процесите да влезат во мирна фаза за да не се повторат инцидентите и да не дојде до непотребна ескалација.

Фајон: Потребна стабилност и мир во регионот Западен Балкан во светлина на руската агресија во Украина

„Тоа сега е посебно важно кога ни е потребна стабилност и мир во регионот Западен Балкан во светлина на руската агресија во Украина“, истакнува Фајон во своите коментари за актуелнаѕа ситуација во регионот.

А кога станува збор за „притисокот“ врз Белград и Приштина, доволно зборува пораката на амбасадорот на САД во Приштина после средбата на косовскиот премиер којашто ја одржа уште додека мастилото на анексот не беше засушено. Во пораката Џефри Ховениер истакнува дека сите обврски од договорот од Брисел и од Анексот во Охрид мора да се спроведат, вклучувајќи го и договореното за Заедницата на српските општини за што побарал од Курти во спроведувањето на оваа обврска да учествува и САД.

Сето ова доволно говори дека меѓународната заедница, односно САД, не сакаат ништо да биде препуштено на вообичаената балканска импровизација.

Опасностите од балканските импровизации и неконзистентност

Во интервју за ЦИВИЛ МЕДИА, Игор Бандовиќ од  Центарот за безбедносни политики од Белград вели дека исходот од средбата Вучиќ – Курти во Охрид е „добра основа за нормализирање на односите, но не смее да застане тука“ и дека сега, дополнително, бидејќи решенијата за билатерални односи станаа практично голем проблем за натамошното проширување на Европската унија на Балканот, сите земји од Балканот или пошироко во Југоисточна Европа треба да најдат решенија за нивните билатерални спорови, како оние што постојат денес, така и оние кои ќе постојат во иднина.

Имајќи го сето ова предвид, сега кога договорот меѓу Белград и Приштина во Охрид е оценет и како „договор за сигурноста и просперитетот на целиот Западен Балкан“, и кога меѓународната заедница темелно ја реформира Босна и Херцеговина за да биде функционална демократија со  институционален систем кој „работи“, може да се случи Северна Македонија повторно да биде земјата што го блокира регионот.

Ако бргу на се спроведат уставните измени и со тоа да се решат две прашања – сопствената евроинтеграција и нормализирањето на односите со Бугарија, може да се случи да се остварат сите предупредувањата на премиерот Ковачевски, на вицепремиерот за европски прашања Маричиќ и на министерот за надворешни работи Бујар Османи, дека Северна Македонија самата на себе ќе си стави „вето“ ако не ги спроведе уставните измени во Собранието.

Без исполнување на таа наша обврска дома, освен внатре, во земјата, негативните последици лесно ќе се прелеат и во другите земји од регионот.

Инаку тој ден, на 18 март во саботата во Охрид, додека во комплексот на државните вили се одвиваше дијалогот за иднината на односите Косово-Србија, а со тоа и на регионот, во градот беше и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Можеби таа активност му била одамна запишанаа во агендата, но и таа негова посета ќе поминеше целосно незабалежена ако не беше онаа несреќна изјава дека тој „нема доволно информации за Отворен Балкан“, па не можел да ја оценува иницијативата.

Мицкоски: Немам доволно информации за Отворен Балкан

Што му беше намерата со овој одоговор кој ќе знае !?! Освен можеби да го омаловажи овој процес за обединување на регионот затоа што се одвива целосно без негово учество и затоа што постигнува сериозен успех во поврзувањето на земјите од Западен Балкан наспроти сите напори на неговата партија да ги одолговлекува или блокира овие процеси во Собранието.

Тоа е уште еден аргумент во прилог на тезата дека ВМРО-ДПМНЕ, за Левица веќе нема што да се каже, не гледаат благонаклонето на „средувањето“ и помирувањето во регионот затоа што има се исцрпуваат главните теми на коишто се обидуваат ситно да „ќарат“ кога за повеќе не им стиска.

На сите им е јасно зошто состанокот се одржа во Охрид, а само ВМРО-ДПМНЕ се прават како да се од Струга или „распеани ресенчани“. Ама пак Ресен не сакаат да го есапат зашто тоа е во Преспа, а од Преспанскиот договор имаат кошмари. А во Дојран ВМРО-ДПМНЕ одамна не поминува…

Македонија, езерска земја.

Зачлени се на нашиот е-билтен