Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Конески со примерот на украинскиот го бранел македонскиот јазик

Илустрација: Исечок од корицата на книгата. Извор: Дигитална библиотека на МАНУ
Илустрација: Исечок од корицата на книгата. Извор: Дигитална библиотека на МАНУ

Конески во своето дело објавено во 1948 година ги разобличува архаичните тези дека македонскиот јазик е вештачка творба, измислица, дијалект на бугарскиот. Во својата книга тој укажува и на тоа дека ваквото оспорување на јазикот и нацијата им се случуваат и на поголеми народи, како украинскиот, белорускиот и словачкиот. Како пример го посочува украинскиот јазик, негиран и забрануван од Царска Русија, забележувајќи дека украинскиот и македонскиот јазик се соочуваат со идентични напади, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Во време на жестоко оспорување на посебноста на македонскиот јазик, книгата на Блаже Конески „По повод најновиот  напад на нашиот јазик“, објавена 1948 година во Скопје, од Земскиот одбор на Народниот фронт на Македонија, а реиздадена на 100-годишнината од неговото раѓање – есента 2021 година од Фондацијата „Небрегово“, остава впечаток  како да е создадена сега и инспирирана од денешницата, од актуелните настани со нашиот источен сосед.

Конески во книгата темелно и аргументирано ги разоткрива и разобличува архаичните тези дека македонскиот јазик е вештачка творба, измислица, дијалект на бугарскиот. Размислите кои ги споделува Конески прозвучуваат како да се испишани денес и адресирани до актуелните бугарски политичари, кои со потполно истото „оружје“ како пред речиси 80 години, удираат по темелите на нашата држава – македонската нација и јазик, блокирајќи ни го патот кон Европската Унија.

Македонскиот и украинскиот јазик – оспорувани и негирани  

Но, не само тоа. Интересно е што тој во своето дело укажува дека ваквото оспорување на јазикот и нацијата се случуваат и на поголеми народи, како украинскиот, белорускиот и словачкиот.

Но нека не се мисли дека сето ова што го изнесовме е нешто ново, непознато и од порано од историјата на некои други јазици. Сето тоа како однос на завоевачката буржоазија спрема развитокот на новите нации и на нивните литературни јазици е добро познато и од порано, добро е познато и во историјата на некои од славјанските јазици, какви што се: украинскиот, белорускиот и словачкиот.

Конески го посочува како пример украинскиот јазик, негиран и забрануван од Царска Русија:

И за украинскиот јазик, кој што е јазик на така голем народ, се тврдеше дека е измислица — и тоа во истото време од страна на Москва: дека е тоа масло на „полонофилството“, а од страна на Варшава дека е тоа масло на „москвофилството“. Украинскиот јазик беше во царска Русија со декрет забрануван (така во 1876 година). Се откажуваше неговиот природен развиток, иако на тој јазик беше создадена веќе прекрасната поезија на Шевченко, како и ред други литературни творби. Дури и по револуцијата се јавувале такви тврдења: „… уште неодамна се зборуваше дека украинската република и украинската националност се – измислица на Германците“ (Сталин, „Марксизмот и национално-колонијалното прашање“, изд. „Култура“ — Белград, стр. 119).

Со референцирање на претходни дела на Сталин, Конески, всушност посредно укажал на неконзистентноста произлезена од империјализмот и шовинизмот. Инаку, Конески ова го пишувал во време на конфликтот меѓу СССР и Југославија, ткн. период на Информбирото (1948-1955), кога Југославија излегла од Источниот блок и се приближила кон НАТО, додека Комунистичката партија на Бугарија зазела тврди сталинистички позиции.

Каков е тој јазик, говореа глашатаите на царизмот, кога „до крајот на минатиот (XVIII) век никој не пишувал малоруски“. Тоа што украинскиот јазик порано се викал руски, се искористуваше како аргумент дека не може збор да има за некаков одделен украински јазик (значи и за одделен украински народ), ами е тоа само дел од рускиот јазик (значи и Украинците се не самостоен народ, ами дел од рускиот народ). Подбивите пак над презриво наречената „хохлашка“литература добро го претставуваат чувствениот однос на великодржавјето спрема украинскиот јазик и литература, забележува Конески.

Тој, исто така, посочува и дека украинскиот и македонскиот јазик се соочуваат со идентични напади:

Како што гледаме, нападите против украинскиот јазик (а таков е случајот и со други јазици) наполно се поклопуваат со нападите што се изнесуваа против нашиот јазик од страна на бугарските и српските хегемонисти. Украинскиот јазик, и покрај сите хули, забранувања и прогонувања во минатото, и покрај сите „научни“ докажувања дека е тоа јазик што вештачки се создава, дека е тоа „мешаница од построенија на рускиот и полскиот говор“, со „расипани форми на полските и руските корења и органски основи“ — постои, и се развива, и станува јазик на сѐ побогата литература. И македонскиот јазик, покрај сите викотници против него од каде и да идат тие, постои, се развива и станува јазик на сѐ побогата литература, и станува јазик на кој што културните придобивки на човештвото му се присвојуваат на еден досега потиснат народ во мракот на ропството. Добро кажува арапската пословица: „Пците лаат, карванот си мине!“

Фото: Принтскрин стр.8 и 9 од книгата на Конески: „По повод најновиот  напад на нашиот јазик“

Негаторската сага продолжува и денес

Негаторската лингвистичка приказна, како за украинскиот, така и за македонскиот народ продолжува до ден-денешен. А Москва и Софија ги користат истите „аргументи“ од минатото за да ги негираат украинската/македонската самобитност и идентитет.

Примери за тоа има безброј, а тука како илустрација ќе наведеме само неколку.

Во телевизиско обраќање до нацијата (21.02.2022), само три дена пред руската инвазија на Украина (24.02.2022), рускиот претседател Владимир Путин експлицитно негираше дека Украина некогаш имала „вистинска државност“ и рече дека земјата е составен дел од „сопствената историја, култура и духовен простор на Русија“. Според Путин, Украина е суштински руска, нејзините три децении како нација-држава се некохерентни, а земјата го должи своето постоење на низа грешки што ги направиле поранешните советски лидери. Меѓу другото, рускиот претседател тврдеше дека „Украина никогаш немала традиција на вистинска државност“ и дека нацијата сега позната како Украина била креирана од советскиот лидер Владимир Илич Ленин кој ја „исклесал“ оваа советска република од руска земја.

Од ТВ обраќање на Путин на 21.02.2022 Фото: kremlin.ru

Путин даде серија слични аргументи и во есеј објавен 2021 година насловен „За историското единство на Русите и Украинците“. Во него, Путин тврди дека Украина не постоела како посебна држава и никогаш не била нација, дека украинската националност секогаш била составен дел на тројната националност: руска, белоруска и украинска. Путин, исто така, пишува дека Русите, Украинците и Белорусите имаат заедничко наследство – наследството на царството познато како Киевска Русија (862–1242), кое било лабава средновековна политичка федерација лоцирана во денешна Белорусија, Украина и дел од Русија.

Вакви напади често може да се слушнат и од поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев, кој сега ја извршува функцијата заменик-претседател на Советот за безбедност на Русија. Тој во ноември минатата година изјави дека Украина не е држава, а украинскиот претседател Володимир Зеленски не е претседател, туку узурпатор. Повикувајќи се на британски Гардијан,  македонските медиуми ја пренесоа изјавата на Медведев во која вели:

Украинскиот јазик не е јазик, а Украина не е земја, туку вештачки собрани територии.

И Бугарија сиве години не престана да ги оспорува македонската државност, јазик и самобитност, а тоа го прави и по потпишувањето (01.08.2017) на  Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија. Во септември 2020 година, три години откако беше потпишан Договорот, Софија до земјите-членки на ЕУ достави „Објаснувачки меморандум за односите меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија во контекст на проширување на ЕУ и процесот на стабилизација и асоцијација“, во кој се вели дека Македонците се проект на Тито, дека македонскиот јазик не постоел до втори август 1944 година и претставува „норма на бугарскиот“.

Македонскиот јазик или етничка група не постоеле до 02.08.1944. Нивното создавање е дел од целосната изградба на одделен небугарски идентитет чија цел била да се прекинат врските меѓу населението на тогашната Социјалистичка Република Македонија и Бугарија. Бугарскиот литературен јазик има шест регионални пишани норми (кодификации), три од нив се основаат на дијалекти и три на бугарскиот литературен јазик. Создавањето на македонскиот јазик во 1944 година во екс Југославија беше акт на второстепена кодификација основана врз бугарскиот литературен јазик, дополнително збогатен со форми до домашниот говорен јазик, така симулирајќи природен процес основан на дијалекти. Основите на кои е извршена кодификацијата и начинот на кој е спроведена сведочат дека официјалниот јазик кој се користи во Северна Македонија денес може да се смета само за пишана регионална норма на бугарскиот јазик, се наведува во Меморандумот за којшто тогаш пишуваше Радио Слободна Европа .

На 17 јули 2022 година тогашната бугарска министерка  за надворешни работи Теодора Генчовска во Софија на прес-конференцијата по церемонијата на потпишувањето на билатералниот протокол за спроведување на Договорот за добрососедство, рече дека Бугарија не го признава македонскиот јазик:

Бугарија не отстапува во однос на ставот за официјалниот јазик на РСМ. Целосно ја почитуваме одлуката на Народното собрание, според која Бугарија не го признава овој јазик.

Наредниот ден, 18 јули 2022 година, Софија го повтори ставот дека не постои посебен македонски јазик, туку дека е во прашање бугарски дијалект. Вечерта пред првата Меѓувладина конференција меѓу Северна Македонија и Европската Унија, Бугарија во Брисел достави посебна декларација во која јасно кажува дека не го признава македонскиот јазик.

Бугарскиот литературен јазик има шест регионални писмени норми (кодификации). Три од нив се засновани на дијалекти, а три на литературен бугарски јазик. Создавањето на „македонскиот јазик“ во 1944-1945 година во поранешна Југославија беше чин на секундарна кодификација (ре-кодификација) врз основа на бугарскиот литературен јазик, дополнително „збогатен“ со локални форми, со што се симулираше „природен“ процес заснован на дијалектна форма, се наведува во бугарската декларација.

Аргументите на Конески

Во ова дело на великанот кој одбележа цела епоха на современата македонска култура и наука, може да се прочитаат аргументите кои ги користел во 1948 година во одбрана токму на ваквите нихилистички напади на македонскиот јазик и државност. Во оваа книга („По повод најновиот напад на нашиот јазик“), Конески реагира на статија објавена во бугарскиот весник „Работническо дело“, со наслов „Предавниците на социјализмот и на македонското дело“, од организацискиот секретар на Бугарската комунистичка партија, Георги Чанков, во која ги негира и македонскиот народ и македонскиот јазик.

Можеше ли оформувањето на нашиот јазик да биде појава случајна, дури измислена? Се разбира дека не можеше, дециден е Конески.

Појавата на нашиот литературен јазик тој ја гледа како природен резултат од нашиот национален развиток и оформувањето во современа нација.

Од досегашното расправање ние видовме на ошто се држат тврдењата дека нашата нација била вештачки создавана, дека нашиот јазик бил измислен и формиран по некаков диктат итн. Сето тоа се бладања на луѓе што сакаат да ги гледаат работите онака како што е во нивни интерес, а не онака како што стојат тие во самата историска стварност. Никој подобро од нас, што ја строиме денеска слободно нашата земја, што ја сеќаваме поезијата на сестраната економска и културно-политичка преродба во неа, – не ја узнава сета мизерија и мрачност на таквите бладања..

Жално е ама факт е: место да ги употребиме нашите сили за некаква друга, покорисна работа, ние сме денеска принудени да се ангажираме во одбрана на основните постиженија на нашиот народ низ неговата борба, од оние, од каде што најмалку се надевавме на напад, пишува  Конески во книгата објавена во средината на минатиот век, а неговата порака делува како сега да им е упатена на негаторите на македонскиот идентитет.

Со пребарување на Интернет се наоѓаат многу написи за ова издание во последните години, во кои фокусот е ставен на тоа дека бугарската страна и денес ги користи истите негаторски тези како пред 76 години и дека делото на Конески e најдобра одбрана и за актуелните напади на македонскиот јазик. Но, во текстовите не е спомената споредбата со украинскиот јазик, освен во порталот Независен каде има објавено фељтон во кој се пренесува содржината на книгата, при што се посочува и тоа дека Конески  прави паралела на нападите врз македонскиот јазик со негирањето на украинскиот јазик и неговата забрана од страна на Царска Русија.

Фото: Блаже Конески, Википедија

Конески е роден во Небрегово, Прилепско (19 декември 1921 – 7 декември 1993) и несомнено е најграндиозна фигура, еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик, гигант на пишаниот збор. Тој е еден од основачите и прв претседател на МАНУ, филолог, поет, прозаист, есеист, литературен историчар, лингвист, преведувач, професор на Филозофскиот факултет во Скопје (кој денес го носи неговото име).

Академик Влада Урошевиќ  за него ќе каже дека е ренесансна појава, научник и уметник на зборот, спој на рационална мисла и на емотивен изблик. Урошевиќ го доживува Конески како сестрано обдарена личност, интелектуалец со широки погледи, со солидно лингвистичко образование, со своја визија за идниот развиток на македонскиот јазик, како вистински човек појавен во вистинско време.

Такви луѓе во ниту една култура не се раѓаат секој ден. Во еден мал по бројност народ, добро е и ако се појавуваат еднаш во векот. Македонскиот народ имаше среќа да има свој припадник во мигот кога му беше најпотребен, ќе оцени  академик Урошевиќ на свечениот собир во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) по повод 100-годишнината од раѓањето на великанот (20.12.2021).

Пишува: Оливера Војновска

Преземено од агенцијата МЕТА

Зачлени се на нашиот е-билтен