Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Конзервативно граѓанство?

Пишува: МИРЈАНА МАЛЕСКА

Осамна, деновиве, ненадејна изјава на поранешен пратеник на ВМРО-ДПМНЕ и универзитетски професор, дека имал “иновативен предлог” за приближување на ставовите на власта и опозицијата за уставни измени, со кои правата на бугарското малцинство би биле загарантирани. “Иновацијата”, доколку сме цинични би гласела: менувам идентитет за државен грб, со црвен лав на златна позадина и круна во вид на тврдина! Предлогот може да биде случајна инспирација на човекот или сигнал испратен од ВМРО-ДПМНЕ дека опозицијата е спремна на спогодба.

За емотивни прашања, како идентитет, тешко е да се прават спогодби. Таквиот спор може долго да трае и евентуално никогаш да не се реши, додека менување на устав е политичко прашање и секогаш може да се најде некое решение, иако е невообичаено што се прави на барање на други држави. Но, политичката реалност е таква каква што е. Светот е на раб на нуклеарна војна, се исцртува некој вид нова блоковска поделба и сојузите како НATO и ЕУ ги стегаат своите редови. Од власта и опозицијата на државата се бара да ги исполнат прифатените договори, како „францускиот“ на пример, или да останат надвор од ЕУ.

Она што во изјавата ми се стори посебно интересно е образложението дека предлогот е “еден од начините како да се земат предвид интересите и гледиштето на најголемиот дел од конзервативната јавност”. Дали воопшто постои нешто како конзервативно граѓанство или е тоа само кабинетска измислица?

Конзервативизмот, а нешто слично може да се каже за либерализмот и другите “изми”, е состојба на ум, тип на карактер, начин на гледање на граѓанскиот и социјалниот поредок (Russell Kirk, The Conservative Principles).  Кирк, на пример, наведува повеќе принципи во кои конзервативците веруваат, како: приврзаност кон обичаите и традицијата; постепени, претпазливи промени;  неодвоивост на слободата и сопственоста; прифатлив ред и умерено ограничување на моќта итн.

Истражувачите на социјалните појави знаат дека е тешко емпириски да се докажува состојба на ум, карактер или поглед на свет и обично своите истражувања ги насочуваат кон политичките погледи на граѓаните на оската, крајна левица – центар – крајна десница и блискост со некоја политичка партија.

Неодамна, едно такво истражување го привлече вниманието на јавноста. Тоа е Европското општествено истражување (ЕОИ), кое претставува обемен, компаративен проект (анкетно истражување), поддржан од Европската Комисија.  Истражувањето се спроведува секои две години, почнувајќи од 2002 година, во 35 европски земји и опфаќа повеќе општествени и политички теми. Во Македонија анкетата “лице во лице” е спроведена на крајот на 2021 и почетокот на 2022 година, на репрезентативен примерок од 1429 испитаници, а податоците се објавени на страницата на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања. Конечни одговори нема и не може да има, но сепак  индикации за состојбата на политичкиот ум на нашето граѓанство, се тука.

Повеќе “десно”, отколку “лево”

На прашањето каде би се сместиле себе, на скалата десно-центар-лево, повеќето граѓани одговара “десно” (36,2%) и “центар” (35.2%). Како приврзаници на лева опција се гледаат 28.7% од граѓаните. Сликата ја надополнува следно прашање: “со која партија се чувствувате блиски”? Од оние кои се гледаат себе како “десница”, најголемиот број или 71.7% се чувствуваат блиски со ВМРО-ДПМНЕ. Од оние што се “лево”, најголемиот број или 60.9% се чувствуваат блиски со СДСМ, додека блискост со ДУИ чувствуваат 52.4% од оние “десно” и 35.4% од оние “лево”.

Очигледно, да си “лево” е помалку популарно отколку “десно”, но кога граѓаните одговараат на прашањето дали државата треба да интервенира во создавање поголема социјална еднаквост, што е типична мерка на левичарски влади, големото мнозинство одговара дека треба (82%). Накусо, кога зборува за “конзервативна јавност”, поранешниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, веројатно мисли на овие граѓани кои себе се гледаат “десно” и се “блиски до ВМРО-ДПМНЕ”.

Патриотизам, национализам и албанофобија

Денес во Европа, не е популарна доктрината на примитивен национализам, меѓутоа може да си патриот кој се грижи за доброто на својата нација. Политичките партии не се оценуваат само според напишани доктрини, туку пред сè преку политичките ставови и дејствување во клучни моменти за земјата. Ако се анализира времето од осамостојување на Македонија до денес, може без задршка да се каже дека патриотизмот на ВМРО-ДПМНЕ е всушност прикриен или отворен национализам, повремено “зачинет” со албанофобија.

Национализмот е идеологија која се залага за совпаѓање на етничките со државните граници и тој може да се манифестира како сентимент или политичка програма со територијални претензии. Се разбира никаде во програмата на оваа партија нема да најдете дека граници треба насилно да се менуваат, бидејќи за тоа нема меѓународна поддршка. Меѓутоа, во минатото како и денес, партијата, особено пред избори, го потпалува чувството кај граѓаните на “горешта неправда” која им е нанесена на Македонците, со поделба на територијата на Македонија по Првата светска војна а во поновата историја, со Охридскиот рамковен договор (ОРД), Договорот од Преспа и Францускиот предлог. Пред избирачите, партијата гради слика за себе како патриотска партија, чувар и спасител на националниот идентитет, од вистински, но и главно измислени непријатели.

На почетокот на деведесеттите, симболот на сонцето од Вергина како државно знаме, широка дистрибуција на картите на Голема Македонија, ветување дека следниот конгрес ќе се држи во Солун итн., беа провокации со територијални претензии. Подоцна, именување на улиците и објектите со имиња од антиката, проектот Скопје 2014 и одбегнувањето на преговори со Грција, дополнително ги влошија односите со јужниот сосед. Агонијата на земјата, која не можеше да се придружи на силните западни политички, економски и воени сојузи како НАТО и ЕУ продолжи триесетина години, но таа стратегија на партијата и донесе неколку изборни победи по ред.

Идеал на националистот е совпаѓање на етничките со државните граници. Тој гледа со сомневање на припадниците на секоја друга национална заедница која како малцинство живее во границите на државата и ги смета за директна закана. Затоа постојано го држи отворено прашањето на нивната лојалност и го подгрева чувството на небезбедност и неправда кај мнозинскиот народ. Во момент на криза, како во 2001, истапува отворено со она што е сон на националистот: размена на територија и население и создавање на чиста етничка држава.

Охридскиот мировен договор од 2001, кој беше потпишан и од страна на ВМРО-ДПМНЕ, е смртоносен удар за националистот. Неговата држава не е веќе само негова, туку мора да ја дели власта и ресурсите со другите кои живеат тука. Неговиот јазик не е единствениот службен јазик во државата, за да се знае кој е “газда во куќата“, туку државен јазик станува и оној на втората по големина етничка заедница.

Ако албанофобијата на почетокот на деведесеттите беше отворена и агресивна (“одете си дома”), подоцна доби поумерен облик : како опструкција на примената на ОРД, а подоцна како отворена или прикриена критика дека системот на споделување на власта, праведната застапеност на заедниците, правото на вето итн., кои се прикажуваат како недемократски принципи и на штета на мнозинството. Во позадина на критиките е дека, еден ден, кога партијата ќе биде на власт, ќе ги врати работите на свое место. Добар пример е величествениот масовен пречек на Јохан Тарчуловски на скопскиот плоштад, кој по осум години поминати во затвор заради воени злосторства, се врати во Македонија во април 2013. Во тој момент, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ беа веќе неколку години во коалициска влада, но тоа не ја спречи ВМРО-ДПМНЕ да ја демонстрира својата надмоќ.

Се чини дека вжештениот патриотизам делумно бил димна завеса на лукративните интереси на партиите од коалицијата на власт. Во 2015 опозицијата обелодени масовно прислушување на телефонски разговори на граѓаните. Публикуваниот материјал достигаше 500 страници транскрипти на разговорите, што ја крена јавноста на нозе и доведе до критика на власта од страна на меѓународните сојузници. Извештајот на Прибе обелодени скандалозна  корупција која досегаше до самиот врв на извршната и судска власт.

Во 2016, како резултат на оваа политичка криза, се распишаа предвремени избори. Политичката кампања се водеше преку митинзи, собири, агитација од врата-на врата; преку билборди и платени кампањи во медиумите и на социјалните мрежи. Во голема мерка “копјата” на политичките противници се вкрстуваа околу прагматични прашања, но национализмот како изборна стратегија, не беше изоставен. ВМРО-ДПМНЕ се презентираше пред јавноста како патриотска партија, заштитник на македонскиот национален идентитет, а изборите ќе ги претстави како референдум за унитарниот и суверен карактер на државата. Негативната кампања не беше насочена само кон политичкиот опонент, туку и против меѓународната заедница која посредуваше во донесување на ОРД и вршеше притисок да се реши договорно спорот за името со Грција. ОБСЕ оцени дека кампањата се водела на “нерамен терен”, односно дека коалицијата на власт ја искористила таа предност за победа на избори.

Наспроти здравиот разум, кој кажува дека не треба да се дава доверба на партија која ја злоупотребила власта, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМHЕ победи на изборите во 2016 година со 51 пратеничко место, но не успеа да формира влада. Мандатот беше даден на втората партија по освоени места, СДСМ (49), чиј мандатар заедно со ДУИ состави влада. На 24 април 2017, ВМРО-ДПМНЕ, одбивајќи да го прифати овој законски и логичен исход, организира насилно влегување во Собранието и физички напад врз пратениците од власта. Државниот удар не успеа, но партијата се искомпромитира во очите на европските партнери.

Во јуни 2018 година, претставниците на Грција и Македонија потпишаа во Преспа договор со кој го решија проблемот со името и воспоставија стратешко партнерство. Македонија званично го смени името во Северна Македонија (задржувајќи го поимот Македонци за народот и македонски за јазикот). Ова решение според  ВМРО-ДПМНЕ е уште една неправда, која треба да се отфрли или измени кога партијата ќе дојде на власт.

Изборната кампања продолжува без прекин. Интернетот и социјалните мрежи тоа го овозможуваат и веќе се гледа со каква изборна платформа ќе настапи ВМРО-ДПМНЕ на следните избори. Ќе има уште една причина повеќе за злоупотреба на изворната загриженост на граѓаните и нивните патриотски чувства. Привремено, албанофобијата ќе биде оставена настрана како резервна варијанта. Во емисијата на Мрежа од 23 април, вицепремиерот и министер за политички систем од ДУИ, отворено кажа како се злоупотребуваат чувствата на граѓаните заради изборна победа. “Беше на логика на ВМРО-ДПМНЕ и имаше барања постојано да се критикуваме едни со други затоа што ние како албанска партија критикуваме македонска партија која гради авторитет дека е силна кон Албанците, Турците, Србите со што им расте рејтингот. Обратно Албанците не можат да ја смислат ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ го крева рејтингот кога ги напаѓа”. Ете, толку од патриотизмот.

Дали е ова конзервативна идеологија? Апсолутно не. Конзервативизмот е повеќеслоен феномен додека кај нас “десно” и „„блиски” со ВМРО-ДПМНЕ”, може да значи само едно: поддршка што добар дел од граѓаните ја даваат на национализмот и албанофобијата на ВМРО-ДПМНЕ. Дали знаат дека во тоа има манипулација и злоупотреба на нивните чувства, не можам да кажам.

Извор: ima.mk

Зачлени се на нашиот е-билтен