Иван КРАСТЕВ*
Наместо популистички пекол, Бугарија е замрзната демократија. Сомнежот е дека политичките партии не можат да владеат бидејќи не сакаат да владеат. На нивните гласачи им е поважно да биде јасно со кого не можат да соработуваат, отколку тоа што може да се постигне. Нерешеното прашање на бугарската политика гласи: кој навистина владее со државата?
Знаете ли како се вика бугарскиот премиер? Прилично сум сигурен дека не знаете. Ама нека не ви биде непријатно поради тоа, бидејќи ни мнозинството Бугари не го знаат името на својот премиер. А и како би го знаеле? За само три години Бугарија помина низ шест парламентарни избори. Четири пати новоизбраниот парламент не успеа да формира влада. Во два случаи кога владата беше формирана, се одржа помалку од една година, покажувајќи ги сите недостатоци на договорениот брак. Бугарите повторно ќе излезат на бирачките места на 27 октомври, а шансите да изберат влада се пола-пола.
Ефектите од оваа бугарска верзија на продолжен политички ковид, засега се опфатени со скромен економски раст, низок одѕив на избирачите кој и натаму е во пад (се предвидува дека излезноста во октомври ќе изнесува 30 отсто), претеран политички цинизам, пролиферација на нови протестни партии, парализирана бирократија и маргинализација на Бугарија на европската политичка сцена.
Но, иако ситуацијата изгледа депресивно, веројатно не сте слушнале за бугарскиот премиер затоа што, барем во овој момент, крајната десница е задржана надвор од власта – за разлика од Унгарија и Словачка. Дали тогаш Бугарија е успешна или неуспешна?
Наместо популистички пекол, Бугарија е замрзната демократија. Сомнежот е дека политичките партии не можат да владеат бидејќи не сакаат да владеат. На нивните гласачи им е побитно да биде јасно со кого не можат да соработуваат, отколку тоа што може да се постигне. Нерешеното прашање на бугарската политика гласи: кој навистина владее со државата?
Да не е толку заразен, бугарскиот случај би можел да се отфрли како своевидна политичка егзотика. Новиот тренд во Европа се демократиите во ќорсокак, со кои управуваат краткотрајни влади или технократски администрации со доволен број на гласови за опстанок на одредено време, но со недоволна поддршка за управување. Така е на пример новата влада на Франција, предводена од Мишел Барние. Владата што ќе биде формирана по германските сојузни избори наредната година, би можела да биде уште една таква. Во двата случаи стравот од репресивните десничарски влади се заканува на власт да ги доведе депресивните центристи.
Пред десетина години, политикологот Мозес Наим забележа дека „моќта веќе не носи толку како некогаш. Моќта полесно се добива, но потешко се користи – а уште полесно се губи“. Наим стравуваше дека демократските влади се лизгаат во импотенција.
Неодамна тој ја ревидираше својата теза во светло на подемот на авторитарни лидери и политики на авторитарен стил во инаку демократски режими. Но парализираните демократии не исчезнаа. Додека мнозинството на коментаторите е фокусирано на успехот на крајната десница, би можело да се покаже дека поларизираната фрагментација, а не поларизација во американски стил е најургентната закана за европските демократии.
Сличајот на Бугарија не зборува за општество длабоко поделено околу вредностите или политиките. Напротив, тоа е општество кое ги разгорува цинизмот и недовербата. Линиите на поделбата меѓу политичките партии се многубројни, а стравот од компромис е многу голем, па политичарите сметаат дека избирачите ги наградуваат за тоа што не го прават, а не за тоа што го прават.
Додека подемот на популистичката десница често значи и поголема излезност и обновен интерес за политика, поларизираната фрагментација којашто ја гледаме во Бугарија, доведува до разочарување на јавноста во политиката. Во поларизирани демократии како што се Полска, Турција, САД, изборниот успех на популистичката десница предизвика силна граѓанска и демократска мобилизација. Во Бугарија, спротивно на тоа, резултатот на политиката на поларизирана фрагментација е широко распостранета резигнација.
Авторитарната мајоризација, спорните избори и заробувањето на јавните институции од страна на владејачките партии, претставува клучен исход на екстремната поларизација. Во поларизирана демократија, секоја промена на власт е облик на промена на режимот. Но главниот резултат на смртоносната смеса на поларизација и фрагментација, обично е длабока разочараност со демократијата.
Судејќи од страна, „бугарската болест“ би можела да се набљудува како помало зло во споредба со учеството на крајната десница во власта. Тоа создава илузија дека центарот се држи. Но тој впечаток веројатно ќе мора целосно да се ревидира. Цивилното општество интуитивно знае што да прави кога партија како полската Партија на законот и правдата ќе дојде на власт. Многу е помалку очигледно што би требало да прави цивилното општество кога никој не го знае името на премиерот (патем, се вика Димитар Главчев) и нема причина да го дознае.
Кога го прашаа да дефинира порнографија, еден американски судија славно возврати: „Знам што е кога ќе ја видам“. Проблемот на Европа денес е обратен. Лесно се дефинира авторитаризмот, но потешко се идентификува бавното оддалечување од демократијата, осебено кога тоа се случува во сопствениот двор.
(Авторот е политиколог, претседател на Центарот за либерални стратегии во Софија)