Единственото нешто што како „позитивно“ може да се извлече од „поклонението“ на Димитар Апасиев и останатите од лидерството на Левица на гробот на албанскиот диктатор Енвер Хоџа, е што поттикнаа да се потсетиме на владеењето сон страв и злосторствата овој тоталитаристички лик, кој ќе остане запаметен по изолацијата и градењето бункери во Албанија, земја којашто кога тој почина, во 1985 година, беше третата најсиромашна држава во Европа со БДП по глава на жител од само 15 долари месечно.
Екстремната колективизација на имотите на Албанците го доведе до глад населението по селата, помогнато со целосната изолација од остатокот од светот, заради тоа што земјоделците користеле алати и технологија од дваесетите години од дваесеттиот век.
Наместо модернизација на државата, борба со недостатокот на живеалишта, храна и изградба на патишта, Хоџа во Албанија воведе програма за „бункеризација“ и на територијата на државата и изгради повеќе од 750 илјади бункери.
За време на владеењето на Енверн Хоџа чести биле и политички мотивираните ликвидации на неистомисленици во Албанија, каде што, според проценките, од 25 до 100 илјади неистомисленици на Хоџа биле убиени, затворени или испратени во работнички кампови.
Aлбанија на Енвер Хоџа беше целосно заробена и изолирана држава, слично како што е денес Северна Кореа, со речиси непостоечка соработка со останатите држави и без почитување на правата на граѓаните.
За сите овие ѕверства на тајната полиција Сигурими под водство на Хоџа, од кои страдал во еден период секој трет Албанец (значи можеби и над милион Албанци), исто така постојат сериозни истражувања и филмови. А едно од поновите е книгата „Енвер Хоџа“ на Бленди Февзиу, познат албански новинар и истражувач, од која е направен и документарец.
Редакцијата на Рацин.мк со овој фељтон насловен „Енвер Хоџа: Канџите на црвениот терор“ ќе пренесе во неколку делови извадоци од книгата што на македонски јазик за објави Фондацијата отворено општество на Македонија.
*
Крвавиот терор на тајната полиција Сигурими
- Поставете затвори и концентрациони логори и затворете ги сите обвинети за тешки дела, велепредавство и отворена соработка. Не покажувајте милост кон никој што соработувал со окупаторите; Егезкутирајте ги на лице место. Соберете ги сите затвореници во концентрационите логори; обидете се да избегнете масовни апсења бидејќи таквите акции ќе ги исплашат луѓето. Внимавај. Запрете ги, апсете ги и погубете ги влијателните поединци, нека бидат пример за другите. Ова сигурно ќе има влијание врз луѓето. 1
Горенаведената телеграма, од 17 ноември 1944 година, била испратена од генерал полковник Енвер Хоџа, премиер на привремената влада, до генералот Дали Ндреу, кој бил задолжен за операциите за чистење на северот на земјата. Тоа е јасен одраз на политичката идеологија на новиот режим и на неговите намери – бескомпромисна, студена и пресметана казна за сите противници и скептици.
Уште во летото 1944 година, Хоџа се фокусираше првенствено на ликвидација на влијателни поединци, како што е откриено во ова писмо што му напиша на Гого Нуши: „Ирфан Охри мора да биде пронајден и убиен. Започнете ја истрагата. Верувам дека тој престојува во куќа во близина на киното Рекс“.
На 10 ноември 1944 година, само една недела пред телеграмата до Ндреу, Хоџа испратил наредба до Мехмет Шеху, командантот задолжен за ослободувањето на Тирана. Напишана од самиот Хоџа, во неа пишувало:
- Нашиот став кон предавниците и криминалците кои се уапсени или кои се предаваат мора да биде строг и непоколеблив. Мора веднаш да сфатат дека се во рацете на судот. Строго им е забрането слободно да се движат низ градот и да разговараат со никого. Тие мора да бидат приведени и чувани под стража.
Без разлика дали како директен резултат на оваа телеграма или не, два дена подоцна, на 12 ноември 1944 година, додека беснееше битката за ослободување на Тирана, партизанските сили тропнаа на вратите на 52 лица заради „верификација“. Триесет и седум се однесени, 14 не биле дома, а еден, Хамит Кокалари, не можел да биде преместен поради висока температура. 37-те кои беа приведени – мешавина од фашистички соработници, политички неактивни интелектуалци, антијугословени и поранешни армиски офицери кои одбија да заземат страна за време на војната – сите беа однесени во подрумот на хотелот Бристол. Таму биле убиени на лице место, без никакво образложение, судење или судска одлука. Меѓу нив беа и двајца од браќата Кокалари, основачи на издавачката куќа „Месаѓерити Шќиптаре“, кои беа жестоки противници на окупацијата, но инаку политички неинволвирани, и далечни роднини на Хоџа. Причината за нивното скратено извршување во време кога многу колаборационисти беа поштедени остана мистерија со децении. Во 1995 година, во Централниот државен архив беше пронајдено писмо кое може да даде објаснување. Во писмото, напишано на 8 ноември 1944 година од Мунтаз Кокалари до Макбуле Вриони, пријател на Кокалари, се вели:
- Мојот живот и животите на моите пријатели сега се во опасност поради копилето од Ѓирокастро. Тој ги нас’ска неговите црвени ѓаволи врз нас. Совршено е јасно – тоа не е ништо друго освен лична одмазда, чиста и едноставна. Не може да негира дека сме биле противници на фашизмот и дека сме го дадовме нашиот придонес за државата. Разговаравме за ова претходно; тој е пропаст на нашата кутра Албанија. Несреќа е што нашата долготрпелива нација е во рацете на еден монструозен, подмолен, одмаздољубив, огорчен, итар, себичен и автократски мегаломан, коцкар и лажго, кој не положил ниту еден испит во странство бидејќи бил презафатен трошејќи го своето време во клубови и казина. Да не зборувам за сите долгови што ги направил. Ние, интелектуалците од Ѓирокастро, знаеме точно колку вреди тој и затоа сака да се ослободи од нас. Само се надевам дека овој нечесник и неговите црвени ѓаволи ќе бидат разоткриени пред да биде доцна.
Изгледа дека писмото не стигнало до целта. Некако падна во рацете на Мехмет Шеху, партизанскиот командант во градот. Четири дена подоцна Мунтаз Кокалари и 36 други мажи беа убиени, застрелани во подрумот на хотелот Бристол.
Егзекуции по кратка постапка
Егзекуциите по кратка постапка што се случија ноќта на 12 ноември – и многу други што следеа, барем до почетокот на редовните судски постапки во декември 1944 година – во никој случај не беа спонтани или случајни. Во некои случаи тие беа резултат на пресметка, инспирирана од старите огорчености и незадоволство што го негуваа некои партизански лидери против одредени поединци. Сепак, не може да има сомнеж дека биле подготвени и списоци на жртви. По падот на диктатурата во 1991 година, Кристо Темелко, некогаш еден од најстрашните високи функционери на Сигурими, кој подоцна падна во немилост, објави книга со наслов „Крвава бања во Тирана“ (Tirana e përgjakur), во која пишува за раните егзекуции и свесноста на Хоџа за нив: „Разговарав со Енвер, чиј совет беше дека, штом сме во главниот град, мора да се исчистат сите опасни елементи. Затоа, штом стигнав таму, ги замолив нашите луѓе да состават список со нивните имиња.“
Егзекуциите по скратена постапка во Тирана предизвикаа тревога кај некои високи водачи на КПА. Според мемоарите на Хоџа, Сејфула Малешова бил првиот што ја изразил својата длабока загриженост. Малешова беше гневен од „теророт во Тирана“.
Одговорот на Енвер Хоџа, објавен подоцна во неговото дело „Титоисти“, бил „битката за ослободување на главниот град сè уште беснее. Што е тоа што го нарекувате терор и кои се офицерите за кои вие жалите?“.
Неколку дена подоцна, на пленарната средба во Берат, Гого Нуши, еден од комунистичките водачи за Тирана, го изрази своето „покајание“:
- Сите наши политички противници, дури и да не беа криминалци или квислинзи, беа сметани за непријатели и се обидовме да ги избришеме од лицето на земјата […] Во пресрет на нашето влегување во Тирана, 60 луѓе беа ликвидирани; има список од нив. Ги знаев тие имиња и никој од тие луѓе не заслужи да умре. Сигурни сме дека имало и други. Бројката мора да е над 100. Верувавме дека со елиминирањето на овие непријатели помагаме да ја заштитиме нашата победа.
Ваквите егзекуции не беа ограничени само на Тирана. Според писмото упатено до генерал-полковникот Енвер Хоџа, испратено од Скадар од извесен Васке Колеци на 30 јануари 1945 година, слични списоци биле составени за сите поголеми градови. Според Колеци, на 28 јануари Скадар бил опколен од две бригади и бил воведен полициски час. Во писмото тој уште напишал: напиша:
„Првиот ден ги подготвивме списоците со помош на другарите од локалното подрачје. Списоците содржеа имиња на 210 лица кои требаше да бидат уапсени под различни обвиненија“.
Офицерот предложил радикално, но ефективно решение, што е единствениот пасус густо подвлечен во писмото од седум страници:
- Имајќи ја предвид нашата позиција во овие делови, треба да преземеме мерки и да штрајкуваме и во градот и во околните места. Треба да се пролее крв и да се изгорат куќи и во градот и во селата, за да ја почувствуваат нашата моќ и да и се потчинат. Денес само демонстрација на сила може да помогне да се сврти ситуацијата во наша полза.
Потоа офицерот му предлага на премиерот список од 12 лица за да бидат веднаш погубени и уште 31 да бидат осудени на затворски казни со различно времетраење.
Со текот на годините, имаше отворени или премолчени шпекулации дека егзекуциите што се случија во првите месеци од режимот, и во текот на следните четири до пет години по војната, беа извршени без знаење на Хоџа. Вината секогаш се префрлаше на Мехмет Шеху, Шефќет Печи или Кочи Џоџе. Сепак, документите што станаа достапни по отворањето на архивите во 1991 година покажуваат дека секое погубување, до навидум најбезначајното, било извршено со целосно знаење и одобрување на Енвер Хоџа, како што покажува оваа порака од 1 февруари 1945 година испратена до Мехмет Шеху:
Исклучително итно.
До Мехмет Шеху, Скадар.
Никој нема да биде погубен без претходно да ни ги соопшти нивните имиња и без наше одобрение. Стоп. Ве молиме известете кој е осуден на смрт и чекајте одобрение.
Генерал полковник Енвер Хоџа
Изгледа дека наредбите на Хоџа биле испочитувани, бидејќи во многу наврати тој навистина бил известуван за пресудите за кои дал одобрение, како што е прикажано со оваа телеграма од 10 февруари 1945 година:
Исклучително итно.
До правниот оддел; Втор корпус.
Како одговор на втората телеграма од 9 февруари 1945 година, одобрена е егзекуција на 12 лица и различни казни за другите како што е наведено погоре. Стоп. Ве молиме информирајте за датумот на извршување.
Генерал полковник Енвер Хоџа
Во најмалку пет случаи, одобрението за извршување било дадено само 12 до 15 минути по добивањето на известувањето, што може да значи само дека одлуките биле донесени директно од Хоџа или неговите блиски соработници. Во секој случај се чини дека тие не биле резултат на групна расправа. Така се случи со наредбата за погубување на Дом Лазер Шантоја и Сулче Бег Бушати. Според времињата запишани на телеграмите, нивното извршување било наредено само девет минути по добиениот одговор за одобрение. Телеграмата од 10 февруари 1945 година гласи вака:
До Третиот корпус
Воен трибунал, Скадар
Како одговор на вашето барање од 10 февруари 1945 година, одобрена е смртната казна за Дом Лазер Шантоја и Сулче Бег Бушати. Стоп. Ве молиме информирајте за датумот на извршување. Енвер Хоџа
Прашањето за овие егзекуции се чини дека е затрупано под тепих и останало недопрено со години, но внимателното разгледување на воените записи, особено на записникот од пленарниот состанок одржан во Берат од 23 до 27 ноември 1944 година, покажува дека имало некои нелагодности во КПА поради толку многу пролеана крв залудно. Монструозно е што за крвавите чистки во редовите на партијата, Енвер Хоџа вината ја префрли на Југословените:
- Терористичката линија повеќе ја истакнаа Душан, Али и Лири. Јас само го следев Али за ова. Кога некој ќе дојдеше од фронтот и ќе не известеше дека тој и тој не постапувал како што треба, ние решававме тој човек да биде погубен. Немавме јасна линија по ова прашање.
По пленарниот состанок, казните продолжија. Дури станаа уште побрутални. Казните резервирани за таканаречените „соборени класи“ беа особено екстремни. Првите егзекуции во Тирана, веднаш по заземањето на главниот град, беа само почеток. Тие беа проследени со слични репресалии и во други области на Албанија. Десетици луѓе беа осудени без соодветна постапка, а речиси 2.000 беа егзекутирани. За многу краток временски период, на трговците и на другите богати луѓе им беа наметнати неверојатни даноци, како оној што стана познат како „вонреден воен данок“. Оние кои не платиле, или не можеле да платат, беа уапсени. Многумина од нив загинаа во затвор. Автомобилите, куќите и другите имоти и средства им беа национализирани. На сопствениците на земјиштата им беа експроприрани имотите во рамките на аграрната реформа и земјата беше распределена меѓу селаните. За помалку од една година, сепак, започна колективизацијата на обработливото земјиште и доведе до создавање на земјоделски задруги во стилот на советските колхози. Првично како доброволен процес, колективизацијата набрзо стана задолжителна и често се спроведуваше под закана со сила.
Првиот бран на ликвидации насочени главно против антикомунистите и отпадниците, кој продолжи и во раните 1950-ти, ја постигна својата мисија. Многу членови на албанската елита, луѓе образовани на Запад или истакнати бизнисмени и трговци, или ги загубија своите животи како резултат на овој неразбирлив масакр, или беа сместени со долгорочни затворски казни зад решетки.
Првиот бран на ликвидации насочени главно против антикомунистите и отпадниците, кој продолжи и во раните 1950-ти, ја постигна својата мисија. Многу членови на албанската елита, луѓе образовани на Запад или истакнати бизнисмени и трговци, или ги загубија своите животи како резултат на овој неразбирлив масакр, или беа сместени со долгорочни затворски казни зад решетки.
Тогаш комунистите се обидоа да создадат своја елита, главно образована на Исток. Овие луѓе ја постигнаа власта во полна сила околу десет години по војната, во средината на 1950-тите.
Сигурими – 1 милион досиеја
Набргу по војната, беше формирана тајната полиција Сигурими во рамките на Министерството за внатрешни работи, по моделот на Југославија. Нејзината главна задача беше да го чува режимот безбеден. Неколку години по нејзиното создавање, основачот на Сигурими, Кочи Џоџе, ќе објасни како дошло до тоа на судењето против него:
- Организациската структура и методологијата на Сигурими се преземени од југословенскиот модел. Нести Керенџи го испратив во Белград во 1946 година експресно за таа цел. Во 1947 година Сафет Филиповиќ дојде кај нас, по мое барање, и работеше со нас во МВР. Во земјава останал како вработен во југословенската легација. Во декември 1944 година, потполковник Мијат [Вулетиќ] од О З Н А [Југословенскиот оддел за национална безбедност] дојде во Тирана да ни помогне во организацијата на работата на оваа полициска структура.
Сигурими беше без сомнение најстрашната организација која Албанија некогаш ја доживеала. Ја држеше земјата цврсто во своите канџи, со сите легални и нелегални средства. Понекогаш постапуваше во рамките на законот, а понекогаш целосно го игнорираше законот. Обвиткана во мистерија, организацијата останува до ден-денес еден од најнепознатите аспекти на комунистичкиот режим во Албанија. Сигурими создаде софистициран систем за надзор, кодошење и денунцирање. Според бројките што подоцна ги објави МВР на Албанија, Сигурими во текот на 46 години од своето постоење имал армија од 200.000 „оперативци“. Некои од „очите и ушите на режимот“ беа принудени да соработуваат; други беа лојални доброволци кои постапуваа според нивните убедувања, а други сè уште беа ангажирани во замена за одредени привилегии. Оваа таканаречена „армија на кодоши“ ги следеше сите луѓе кои режимот ги сметаше за „проблематични“. До 1990 година, Сигурими наводно имала не помалку од еден милион досиеја, што значи досие за секој возрасен граѓанин на Народна Социјалистичка Република Албанија. Досиејата содржеле секакви информации – од политичките убедувања на луѓето до детали за нивните лични животи, како што се прељуба, предавство или сексуални преференции. Повеќето досиеја беа уништени во пролетта 1991 година.
Во земјата беа изградени 39 затвори. Затворениците во нив вршеле тешка работа без надомест, главно во рударската индустрија. Затворите главно беа лоцирани во оддалечени области и условите во нив беа ужасни и во најмала рака недостоинствени. Во затворите во Спач и Бурел не беше невообичаено преку 20 затвореници да бидат сместени во ќелии со површина помала од десет квадратни метри. Според евиденцијата на МВР, затворската храна, односнодневниот оброк се состоел од 650 грама леб, 7 грама масло, 10 грама шеќер, 70 грама ориз, тестенини или грав и 150 грама зеленчук на ден. До 1982 година, на затворениците им беше дозволено сами да готват оброци во одредени временски периоди со храна којашто можеле да ја купат во затворската продавница или што им била донесена од нивните семејства. Во 1982 година, оваа „привилегија“ била укината.
Пјетер Арбнори, син на полицаец кој бил убиен во заседа од партизанските сили, беше затворен на млада возраст, обвинет за „обид за формирање социјалдемократска група“. Првично беше осуден на смрт, но подоцна казната му беше заменета со 20 години затвор, на што беше додадена дополнителна последователна казна додека беше во затвор. До неговото ослободување, тој одлежа вкупно 28 години, почнувајќи од 1961 година. Вака Арбнори се сеќава на времето во затвор, во едно интервју во 2004 година:
- Условите таму беа многу сурови. Честопати, под најмал изговор, дополнително ни ги намалуваа порциите со храна или нè носеа на тепање, тортура и принудна работа без работно време. Секој што не ја исполнил целта за тој ден беше ставан во ќелија со ѕидови направени од бодликава жица, надвор на студ и не беше дозволено движење. Секој ден пешачевме по неколку километри до местото на работа, влечејќи тешки шипки и колички, а ние што бевме посилни ги носевме дури и стражарите на грб. Храната беше оскудна: се состоеше од само 300 грама леб и компири. Подоцна ја зголемија количината на топла храна, но често беше полна со ларви и муви. Деновите кога служеа грав беа најсреќните моменти во нашите животи.
Со текот на годините Арбнори бил префрлан во различни затвори, но најголемиот дел од казната ја отслужил во озлогласениот затвор Бурел. Во своите мемоари тој раскажува како некогаш извојувале мала победа над затворските власти:
- Имаше период кога членовите на семејството можеа да ни носат храна – можеа да донесат 2 килограми бисквити, тестенини, маргарин и малку шеќер – тоа беа убави времиња! Но, тогаш ова беше прекинато со изговор дека е товар за семејствата! […] Штрајкувавме 19 дена и ова беше нашето најголемо достигнување: На крајот ни дозволија 15 грама сирење на ден. Ни дозволија и 3 кила овошје месечно. Ако лубеницата тежеше повеќе од 3 килограми, вишокот им беше враќан назад на семејствата.
Арбнори беше ослободен од затвор една и пол година пред падот на комунистичкиот режим. По долги 28 години затвор, првото нешто што го забележа во „надворешниот“ свет е дека луѓето во неговиот роден Скадар повеќе не одгледуваат цвеќиња во своите градини. Во тие тешки економски времиња, цвеќињата беа заменети со растенија од основна храна. По ослободувањето се пријавил во канцелариите на Партијата на трудот, како што се преименува КПА во градот, барајќи од нив помош за да најде работа како столар. Одговорот бил недвосмислен: „Ти сте непријател на народот. Ќе најдеш работа кога ќе се вратат Британците и Американците“.
После две години Арбнори стана пратеник на Демократската партија, новооснованата опозициска сила, а една година подоцна беше избран за претседател на првиот плуралистички парламент во Албанија. Тој беше оној што го прими Џејмс Бејкер, државниот секретар на САД, кој беше во посета на Албанија по повод повторното воспоставување на дипломатските односи меѓу двете земји, прекинати во 1946 година.
Страдаа и семејствата кои најчесто беа казнувани со интернација
Повоените години беа крајно мрачни. Министерството за внатрешни работи, предводено од Кочи Џоџе, ја држеше земјата во цврста контрола во страв и репресија. Покрај затворањето, беше воспоставен и систем на интернација, многу сличен на моделите применети во некои од најлошите диктаторски режими во светот, како оние во сибирските гулази. Десетици семејства беа искорнати од нивните родни градови и протерани во изолирани кампови изградени на мочуришта, главно во регионот Мизеќе, каде што требаше да се јавуваат во полиција три пати на ден. Ним не им беше дозволено да ги напуштат логорите и повеќето од нив останаа таму цели 46 години од комунистичкиот режим.
Режимот го применуваше и принципот на колективно казнување на семејствата. Секој што имал член на семејството или близок роднина кој бил член на Бали Комбетар, или кој бил осуден или прогласен за „непријател на партиската линија“, би бил интерниран. На нивните деца, и внуци, дури и на правнуци, им беше забрането да посетуваат универзитет или да добијат нормална работа и беа засекогаш обележани со оваа неизбришлива „дамка“. Воената служба ја вршеа во посебни единици, па дури беа сместени во посебни бараки, наречени „касарни за (присилна) работа“.
Почетното чистење на противниците на режимот продолжи со натамошни кампањи за прогон. Ѓерѓ Кокоши, член на Народноослободителниот совет и делегат на Конгресот на Пермет, министер за образование во привремената влада на Хоџа, беше разрешен од министерската функција, уапсен и фрлен во затвор, каде што почина неколку години подоцна. Тоди Лубоња, некогашниот ученик на Кокоши, бил политички комесар во Бурел кога го сретнал својот поранешен учител во една од ќелиите на озлогласениот затвор:
- Овде, во злогласниот затвор Бурел, во 1946 година (сигурно беше кон почетокот на таа година) налетав на човек со одреден интелект и знаење, кој седеше сам во ќелија. Боледуваше од туберкулоза. Го препознав. Тој ми беше учител некое време. Во 1943 година го напушта главниот град за да им се придружи на партизанските сили во Пеза и Народноослободителното движење. Потекнуваше од сиромашно православно семејство од Скадар. Морам да признаам, беше шокантно да го видам во таква состојба. Во Пеза неговото присуство ме исполни со ентузијазам и го прегрнав со голема наклонетост. Но, сега само стоев таму, замрзнат. Ниту тој не се помрдна. Едноставно ја крена главата да види кој сум. Не знам дали воопшто ме препозна. „Здраво, професоре“, реков со треперлив глас. „Како си?“ Не можам да се сетам дали тој одговори или не. „Како дојде до сето тоа?“ избувнав, не знаејќи навистина што да кажам. Сакав да зборува, да каже нешто. „Ќе покаже времето, синко!“ Само тоа рече. Овој човек беше Ѓерѓ Кокоши, поранешен министер за образование на нашата прва Привремена демократска влада по победата над фашизмот. Тој се осмели да го каже своето мислење во парламентот, како слободен и демократски човек. Енвер Хоџа го фрли во затвор. Таму почина.
Овие ликвидации беа само еден аспект од кампањата за „прочистување“ како што милуваше да ги нарекува крвавите чистки Енвер Хоџа.
Темелно следење на луѓето, вклучително и некои од највисоките комунистички лидери, беше уште еден метод што го користеше режимот за да ја задржи контролата врз власта. На неговото судење во 1949 година, одговарајќи на обвиненијата дека го прислушувал претседателот на републиката, членовите на Политбирото и речиси сите владини министри, Кочи Џоџе рече: „Што се однесува до надзорот на раководството, разговарав со генералниот секретар на партијата (Енвер Хоџа, н. з.) и за сето тоа имавме негово одобрение“.
*
Фељтонот „Енвер Хоџа: Канџите на црвениот терор“ утре продолжува со поглавјето „Владеење на теророт“.
Опремата, фотографиите, насловите и меѓунасловите во сите продолженија на фељтонот се редакциски.